Слатински Водопад – интересна појава во областа Порече

07.10.2018

Селото Слатина се наоѓа во недопреното и таинственото Порече. Слатина е наделеку позната по нејзините прекрасни пештери, особено по пештерата Слатински Извор – најдолгата пештера во Република Македонија. Исто така, селото Слатина е познато и по солениот извор, еден извонреден раритет кој ретко се среќава во нашата држава. Покрај овие природни реткости, не толку познат за Слатина е Слатинскиот Водопад. Водопадот се наоѓа јужно од маалото Марковци на Марковска Река, па оттаму може да се нарече како и Марковски Водопад. Според типот на настанок, водопадот е тектонки, настанат на раседна вертикала која претставува видна манифестација на границата помеѓу две маркатни тектонски маси како што се Пелагонискиот – Хорст Антиклинориум и Западномакедонската зона. Слатинскиот Водопад всушност е еден вид на слап кој е составен од два дела и има вкупна височина која изнесува околу 5 метри.  Најпрво во горниот дел водата паѓа каскадно во неколку мали слапови со височина од околу 1,5 метри, па потоа во долниот дел водата паѓа во форма на водопад висок околу 3,5 метри. Водопадот има формирано „џиновски лонец“ (вир) со димензии: широчина 6 метри, должина 4 метри и максимална длабочина од 1 метар. До водопадот се стига по колски пат кој води кон маалото Марковци, притоа пред  да се помине Марковска Река се скршнува кон самиот водопад. Слатинскиот Водопад е една вистинска уникатност која ретко се среќава во областа Порече, затоа што истата во најголем дел е изградена од ронливи и водопропусливи карпи, како што се карбонатните карпи (доломити, мермери и варовници). Доколку се одлучите да го посетите Слатинскиот Водопад, најдобро е тоа да го сторите во текот на пролетта кога водопадот има најголем водостој.

Слатинскиот Водопад и неговиот вир (џиновски лонец), фотографирани во месец септември

Слатински Водопад или Марковски Водопад, фотографиран во текот на месец јули

Извори:
– Топографска карта, Скопје 1:100 000, лист 731
– Геолошка карта, Крушево 1:100 000, лист K 34 – 91
– Теренска посета
– Фотографии: Стојчески Д.

 

Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *