17.10.2012
Европските астрономи за прв пат пронајдоа егзопланета која орбитира околу најблиската ѕвезда до нашето Сонце. Планетата со маса речиси колку Земјината, орбитира околу Алфа Кентаури Б, член на троен ѕвезден систем оддалечен само 4,3 светлосни години (тоа „само“ значи дека до неа, со најбрзите денешни вселенски леталаби се патувало повеќе стотици години!). Бидејќи е многу близу до „матичната“ ѕвезда – само 6 милиони км, површинска температура на оваа егзопланета е доста висока што ја чини непогодна за постоење на жив свет или пак за можно населување. Поради близината, една „година“ на оваа планета трае само 3,2 дена! Сепак, нејзината „близина“ до Земјата несомнено ќе ги поттикне соништата за меѓуѕвездени патувања, особено затоа што астрономите го истражуваат системот Алфа Кентаури во потрага по погостопримливи планети. Ваквите егзопланети се најблиските што астрономите некогаш ги пронашле и тоа преку техника што се состои во набљудување едвај забележливото гравитациско „нишање“ на ѕвездата, предизвикано од нејзините блиски планети. Така, „нишањето“ на Алфа Кентаури Б е само 50 сантиметри во секунда, а тимот го открил само како резултат на софистицирана техника и повеќегодишни набљудувања. Во постапката е користен спектрографот ХАРПС – пребарувач на планети со висока точност, инсталиран на 3,6-метарски телескоп на Европската јужна опсерваторија во Ла Сила во Чиле. Иако на новата планета најверојатно нема живот, многу научници го гледаат ова откритие како знак на надеж. Тоа докажува дека во системот Алфа Кентаури е формирана најмалку една планета, а можеби таму постојат и други планети доволно оддалечени од ѕвездата за да овозможат живот. „Наоѓањето планета со маса колку таа на Земјата навистина ја отвора можноста за наоѓање планети со населиви зони таму“, изјави астрономот Стивен Адри од Универзитетот во Женева, еден од коавторите на трудот кој се појави денеска на сајтот на Nature. Оваа конкретна планета досега не била откриена само затоа што е многу мала и нејзиниот ефект е мошне слаб. Овој резултат е голем чекор во откривањето на Земјините близнаци во непосредна близина на нашето Сонце.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4986 пати!