15.10.2012
Името на Феликс Баумгартнер ќе остане запишано во историјата како прв човек што успеал да изведе скок од височина од 39.068 метри. Австриецот пет години беше дел од проектот Ред Бул Стратос, чија цел беше да собере што повеќе информации кои би можеле да им помогнат на научниците да ја зголемат сигурноста при патувањата низ вселената и да овозможат евакуација од вселенските станици на големи висини. Откако во текот на минатата недела скокот на Баумгартнер два пати беше одложуван, конечно во неделата на 14.10.2012 година, временските услови овозможија Австриецот да испише нова страница во историјата на човечките достигнувања. Тој скокна од височина од 39.068 метри, односно од стратосферата, на самата граница кон вселената. По 32 секунди го проби звучниот ѕид, а пет минути подоцна со отворен падобран безбедно се спушти на земјата, кај базата Розвел во Ново Мексико. Со самото тоа, Австриецот постави три светски рекорди – стана првиот човек што во слободен пад го пробил звучниот ѕид, го оствари највисокиот лет со балон и највискиот скок со падобран, достигнувајќи брзина од 1173 км/час. Сето тоа можеше да се следи низ целиот свет преку директен телевизиски пренос кој одеше со задоцнување од 20 секунди во случај на нешто непредвидливо и трауматично за јавноста. За среќа, се заврши во најдобар ред. Инаку, рекордот во овој вид скокови до сега го држеше американскиот полковник Џозеф Китингер кој уште во 1960 година скокна од височина од 31.300 м – цели 8 км пониско од Феликс. Единствено во што не успеа Австриецот е да го собори претходниот рекорд на полковникот Џозеф во траење на слободниот пад, кој и понатаму останува 4 минути и 42 секунди.
Освен огромното лично задоволство на Феликс, мисијата покажа дека во принудни ситуации е можно да се слета со падобран од многу големи височини. Исто така, се покажа дека се можни искачувања на човечки екипаж со балон до самиот раб на вселената, до каде ракетите трошат најголем дел од своето гориво. Наведеното може да има извонредно практично значење за идните астрономски мисии со човечки екипаж.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5123 пати!