15.10.2012
Проектот на европскиот систем за позиционирање „Галилео“ влезе во клучната фаза по лансирањето во орбитата на третиот и четвртиот сателит во петокот на 12 октомври. Сателитите се лансирани со руската ракета Сојуз од вселенскиот центар Кури во Француска Гвајана. Првите два сателити беа лансирани и поставени во орбитата минатата (2011) година. Лансирањето на двата нови сателити претставува важен чекор за проектот вреден 5 милијарди евра, а чија цел е воспоставување на европска верзија на американскиот ГПС, односно рускиот ГЛОНАСС и кинескиот КОМПАС. Со четирите сателити кои се наоѓаат во орбитата, „Галилео“ веќе може да се тестира, бидејќи за добивање на соодветен сигнал и позиционирање се неопходни најмалку 4 сателити. Инженерите сега можат да работат на анализа на програмата, како и на инфраструктурата на земјата со која ќе се контролираат сателитите. Засега, сателитите ќе бидат „видливи“ само во одредено време, а во
скорешна иднина се очекува тестирање на првите приемници и на сервисите за Галилео. Комплетниот систем кој ќе го сочинуваат вкупно 30 сателити, според планот треба да се заврши до 2019 година. Кога ќе биде целосно завршен, хоризонталната и вертикалната точност на „Галилео“ треба да биде помеѓу 2 м во јужните и помалку од 1 м во северните делови на Европа, односно подобра од конкурентските системи за навигација. Покрај тоа, на корисниците треба да им бидат достапни повеќе бесплатни и многу корисни сервиси како што се интерактивниот „пронајди и спаси“ или „покажувачот на можни грешки“. Сепак, економските турбуленции во Европа го доведуваат во прашање навременото и целосното имплементирање на системот, особено имајќи во предвид дека конкурентските ГПС, ГЛОНАСС и КОМПАС се веќе оперативни или набрзо ќе станат такви. Како и да е, се поголемата конкуренција на глобални системи за позиционирање, подобрата прецизност, новите сервиси и бесплатни услуги ќе бидат добредојдени за обичните корисници ширум светот па и во Македонија.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4910 пати!




