22.03.2012
Овој месец, на 25-ти Март, во 2 часот наутро Република Македонија ќе премине на летно сметање на времето. Истото ќе заврши на 28-ти Октомври во 3 часот, кога повторно ќе се премине на зимското, реално време. Ваквиот начин на поместување на времето не е од многу одамна и има свои причини.
Што е летно време?
Летното или уште се нарекува мандатно, договорно или указно време претставува административно поместување на службеното време, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека поместувањето на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ.
Луѓето секогаш барале начин максимално и најдобро да го искористат долгиот летен ден за своите активности. Така, во античко време, особено во Римската империја, 12-те часови на денот, во зима траеле пократко, околу 45 минути, во лето подолго, околу 75 минути. Ваквиот систем на нееднакви часови во некои делови на Европа се задржал и во Среден Век. Во овој период, се до 19-тиот век во употреба е т.н. локално време, односно секое место или помала област си имале свое посебно месно време.
Но со развојот на индустријата, сообраќајот, трговијата и др., кон крајот на 19-тиот век, непрактичното локално време се заменува со т.н. зонско време, со кое Земјата е поделена на 24 временски зони. Почетната или нултата зона е Гриничката или западноевропската, на исток е првата или средноевропската (во која е и нашата држава), потоа е втората или источноевропската (во Грција, Бугарија), по неа е московската зона итн. Во секоја следна зона, од запад кон исток, времето се поместува за еден час, за да одговара со реалната состојба на дневната светлина или на ноќта.
Истовремено кога почнало да се размислува за користење на зонското време, доаѓаат и првите размислувања за тоа како оптимално да се искористи подолгата дневна светлина во летниот период. Уште Бенџамин Френклин, во 1784 година за време на својот престој во Париз, во една статија напишал како парижаните оптимално си го користат летното време, станувајќи и легнувајќи порано, со што помалку се трошеле свеќите за осветлување. Повеќе од 100 години подоцна, познатиот Лондонски градежник Вилијам Вајлет, интересно забележал дека жителите на Лондон бескорисно го губат утринскиот најубав период на денот во спиење. Тој во 1907 година предложил поместување на времето во текот на летото. Сепак, прва држава која вовела летно поместување на времето врз концептот на Вајлет била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа.
Каде, како и кога се поместува летното време?
Оние држави што почнале да користат летното сметање на времето, најчесто тоа го прават на различни датуми. Најчесто станува збор за поместување од еден час нанапред, а во некои помали области тоа е само половина час. Порано некои држави го поместувале времето нанапред за 2 часа.
Меѓу ретките „воедначени“ континенти е Европа, каде со договорот од 1996 година, во речиси сите држави летното време започнува од последната недела на месец Март до последната недела на месец Октомври и тоа во 1 часот наутро по Гриничко или Универзално време. Тоа значи дека во нулатата часовна зона (Британија, Шпанија, Португалија) времето се поместува во недела наутро од 1 на 2 часот, во државите од Средна Европа па и Република Македонија од 2 на 3 часот, а во државите од Источна Европа од 3 на 4 часот. Преодот на „нормално“ или „реално“ зимско време е обратно, во последната недела на Октомври.
Во САД, летното време започнува во втората недела на март и трае до првата недела на ноември и тоа во 2 часот по локално време. Овде две држави: Аризона и Хаваи целосно не се придржуваат на летното време или го воведуваат само одредени области заради што се јавуваат недоразбирања кај населението. Русија, летното време го користи како и Европа и го воведува во недела во 2 часот по локално време. На јужната полутопка, бидејќи летото трае обратно, летно време најчесто се воведува во Октомври или Ноември, а завршува во Март или Април. Меѓутоа кај сите менувањето е во недела за да се избегнат проблемите во работните денови и тоа рано наутро, кога најголем дел од луѓето спијат. Интересно е што на датумот кога се преминува на летно сметање, денот се „скратува“ за еден час и трае 23 часа. Обратно, кога се поминува на зимско сметање, денот се „продолжува“ за еден час и трае 25 часа.
Летно сметање на времето во Република Македонија?
Летното сметање на времето кај нас е воведено со прописите на поранешна Југославија во 1983 година. На почетокот, летното време траело од последната недела на Март до последната недела на Септември, а од 1996 година е поместено да трае до последната недела на Октомври. Кај нас не се вршени детални истражувања за влијанието на летното време врз животот на луѓето. Сепак, според нашите согледувања, со оглед на географската положба тоа има позитивен ефект, бидејќи оптимално се искористуваат утринските, послабо осончани и постудени часови за сметка на попладневните посончани и потопли часови, кои се користат за слободни рекреативно-забавни активности. Овој ефект е изразен и врз здравјето и позитивното расположение.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5885 пати!