Ноќва во 2 часот започнува летното сметање на времето!

28.03.2020

Утре (недела 29 март), во 2 часот наутро, Македонија ќе премине на летно сметање на времето. Тогаш стрелките на часовникот треба да се поместат еден час напред и наместо 2 да означуваат 3 часот. За разлика од зимското време кое е „реално“ и „вистинско“, летното време е административно или указно. Летното или уште се нарекува мандатно, договорно или указно време претставува административно поместување на службеното време, заради економска заштеда, политички, безбедносни, спортско-рекреативни, здравствени или други причини. Тоа значи дека поместувањето на времето не е последица на некоја природна појава, туку е административен указ. Прва држава која вовела летно поместување на времето била Германија и тоа за време на Првата Светска војна, од 30 април 1916 година. Веднаш по неа, овој концепт го прифатила Британија, следната година Русија, потоа 1918 година САД, а подоцна и други држави. До сега, значителен број на држави (околу 70) го вовеле летното сметање на времето, некои го укинале, а уште поголем број на држави, особено во Африка и во Азија и воопшто не го користеле. Денес околу 2 милијарди луѓе користат летно време а околу 4 милијарди не го користат. Државите во екваторскиот или тропскиот појас, воопшто немаат ниту потреба од летно време, бидејќи таму траењето на денот и ноќта е доста воедначено во текот на годината, од по околу 12 часа. Примената на „летно време“ во Македонија започна од 1983 година, во рамките на тогашна Југославија. Во меѓувреме, голем број држави се откажаа или сериозно размислуваат да се откажат од административни промени на времето. Причината е тоа што бројни научни студии покажаа дека овие промени од по еден час, неповолно влијаат на човечкиот биоритам и на здравјето (депресивност, летаргичност, проблеми со спиење и др.) дури и до месец дена по промената. Токму затоа, Европската Унија наскоро ќе донесе одлука да престане со административна промена на времето, а државите да се изјаснат кое време ќе го користат: зимското (нормално, природно) или летното (указно, административно). Сосема сигурно е дека паралелно со ЕУ и нашата држава ќе престане со праксата на промена на времето, но прашање е кое време (зимско или летно) е најприкладно за овој простор?

Согласно укинувањето на промена на времето, ако како целогодишно го прифатиме зимското или нормално средноевропско време, во летните месеци, Сонцето над Македонија ќе изгрева околу 5.00-5.30 часот наутро, а ќе заоѓа најдоцна до 19.00-19.30 часот. Во зимскиот период пак, според истото време, Сонцето изгрева околу 7 часот, а најрано заоѓа околу 16.30 часот. Имајќи го во предвид просечното „административно“ работното време кое кај нас е од 8-16 часот, излегува дека со користење на зимско време, во летните утра, „непотребно“ ќе се изгубат 2-3 часа од дневната светлина (помеѓу 5 и 8 часот) во спиење или долга подготовка за работа. Воедно, релативно кратка дневна светлина ќе имаме по завршувањето на работното време, односно од 16 до 19 часот (само 3 часа). Во зимскиот период пак, според зимското време на работа се заминува околу еден час по разденување (повторно непотребно се „губи“ дел од денот), но се враќаме во квечерина или речиси во мрак. Значи во двата периоди, по завршување на работното време, останува сосема малку дневна светлина, што неповолно влијае на современиот биоритам. Доколку пак прифатиме перманентно летно време, според кое се разденува и стемнува еден час подоцна (во лето денот трае помеѓу 6 и 20 часот, а во зима помеѓу 8 и 17.30 часот), по завршување на работното време ќе ни останува еден час повеќе дневна светлина. Тоа е поблиску до нашиот современ биоритам и начин на живот, односно дополнителна можност за довршување на некои обврски и активности за кои е потребна природна светлина (вработени и ученици во попладневните смени, семејни активности, попладневна рекреација и др.). Сепак, ако Македонија го прифати летното време, а соседните држави Грција и Бугарија го задржат зимското време (што е најверојатно), практично ќе бидеме во истата часовна зона со нив: како да сме ја промениле часовната зона од средноевропска во источноевропска.

Претходното значи дека ниту едната (зимско време) ниту другата (летно време) не ни одговараат потполно, зарди како што беше нагласено граничната зонска поставеност на Македонија. Сепак, согласно современиот биоритам, начин на живот и нашите потреби, најсоодветни се 2 решенија: перманентно користење на зимско време, но со поместување на работното време за еден час порано (од сегашните 8-16 часот, на 7-15 часот) или префрлање на перманентно летно време (со кое најверојатно би биле во иста часовна зона со Бугарија и Грција). Изборот не е едноставен и затоа треба да се направи со подетални социолошки, економски и други анализи, но и во консултации со соседните држави од истата зона (Србија, Косово, Албанија), потоа оние од источноевропската зона (Бугарија и Грција), но и согледувајќи го трендот во Европската Унија.

Како и да е, во октомври оваа година, можеби ќе бидеме сведоци на последната есенска административна промена на времето.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4910 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *