11.10.2012
Астрономите открија планета речиси целосно изградена од дијаманти, која орбитира околу ѕвезда видлива со голо око. Ова небесно тело, наречено „55 Cancri e“ всушност е два пати поголемо од Земјата и кружи околу една ѕвезда во соѕвездието Рак, слична на нашето Сонце.
Инаку планетата е откриена од американско-француски истражувачки тим, според кој новооткриената планета е исклучително врела, со температури кои достигнуваат и до 1.650 степени Целзиусови. Дијамантската планета се движи со многу голема брзина, така што една година на неа трае само 18 часа. Има два пати поголем радиус од Земјата и бидејќи е многу густа, масата и е дури 8 пати поголема од Земјината. Површината на планетата е прекриена со графит и дијаманти, се вели во студијата која ќе биде објавена во списанието Astrophysical Journal Letters. Според студијата, најмалку третина од масата на планетата, што е еднакво на три Земјени маси, е составена од дијаманти. И претходно астрономите имаат пронајдено планети со дијаманти, но ова е прв пат да откријат една која орбитира околу ѕвезди што наликуваат на нашето Сонце и можеле детално да ја проучат. Ова е прв увид во каменит свет кој има фундаментално поинаков хемиски состав и структура од Земјата.
Дијамантската планета е оддалечена „само“ 40 светлосни години (околу 400 илјади милијарди км), па со најбрзите денешни вселенски летала, би биле потребни десетици илјади години само да се стигне до неа! Сепак, во подалечната иднина можеби кон неа ќе се упатат првите вселенски „собирачи на дијаманти“.
Извор: http://www.newsdaily.com/stories/bre89a0pu-us-space-diamond-planet/
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5180 пати!