Венера на ноќното небо се појавува како најсветол објект, веднаш по Месечината. Поради малата оддалеченост од Сонцето, Венера (слично како и Меркур) може да се набљудува кратко по зајдисонце или кратко пред изгрејсонце. Бидејќи е најсветла „ѕвезда“ на нашето небо, првата светла точка која ќе се појави по заоѓањето на Сонцето е токму Венера. Оттука кај нашиот народ Венера е позната како „ѕвезда вечерница“, кога се гледа по заоѓањето на Сонцето, односно „ѕвезда деница“ кога се гледа пред неговото изгревање. Во споредба со повеќето други планети во Сончевиот Систем, Венера (зедно со Уран и Плутон) има необична ротација околу својата оска. Најголемиот дел од планетите ротираат проградно – од запад кон исток, а Венера ротира ретроградно – од исток кон запад. Исто така необична е и нејзината бавна ротација околу својата оска која трае 243 земјнини денови. Инаку, токму заради бавната ротација околу својата оска, Венера нема магнетно поле.
Како е можно Венера, која се наоѓа подалеку од Сонцето да има повисока температура на површината од Меркур кој е поблизу? Тоа е заради ефектот на стаклена градина. Имено, јаглерод диоксидот кој доминира во нејзината атмосфера е провиден за сите видливи и ултравиолетови зраци, но многу силно го апсорбира топлинското, односно инфрацрвеното зрачење. Сончевата светлина која ќе дојде до површината, ја загрева, па таа зрачи во инфрацрвениот спектар, но облаците речиси сосема го апсорбираат оваа зрачење.
Атмосферата на планетата Венера може да биде објаснување за бавната ротација. Да не е густа и брзо движечка атмосферата, оваа планета не би ротирала. Во тој случај Венера би била статична, секогаш свртена кон Сонцето на ист начин како што Месечината е секогаш свртена кон Земјата. Гравитацијата на големо тело во Вселената може да спречи ротација на помало тело. Овој феномен се нарекува плимно заклучување. Овие аргументи, како и описите на Венера како делумно плимно заклучена планета, се објавени во статија во Nature Astronomy. Истражувачите истакнуваат дека атмосферата на Венера е толку густа и тешка, што влијае дури и на брзината на нејзината ротација. На Венера ѝ се потребни 243 земјини денови за да ротира еднаш, но нејзината атмосфера кружи околу планетата на секои четири дена. Екстремно брзите ветрови предизвикуваат движење на атмосферата по површината на планетата, забавувајќи ја нејзината ротација, а истовремено намалувајќи го ефектот од гравитацијата на Сонцето. Бавната ротација за возврат има драматични последици врз климата на Венера, со просечни температури до 400 степени целзиусови, доволно жешка за да се стопи олово. Стоење на површината на Венера би било како стоење на дно на врел океан. Една од причините за високата температура на Венера е тоа што речиси целата сончева енергија што ја апсорбира планетата се впива од нејзината атмосферата, никогаш не стигнувајќи до површината. Ова значи дека роверот со соларни панели како оној што го испрати НАСА на Марс нема да работи.Атмосферата на Венера, исто така, ја блокира сончевата енергија да ја „напушти“ планетата, состојба позната како ефект на стаклена градина. Нејасно е дали тоа што е делумно плимно заклучена придонесува за оваа состојба на стаклена градина, која на крај ја прави планетата непогодна за живот каков што го знаеме. Не само што е важно целосно да се разјасни ова прашање за да се разбере планетата Венера, важно е и за проучување на егзопланетите кои најверојатно ќе бидат цел на идните мисии на НАСА. Повеќето од егзопланетите кои најверојатно ќе бидат набљудувани со неодамна лансираниот вселенски телескоп Џејмс Веб, се многу блиску до нивните ѕвезди, дури и поблиску отколку што е Венера до Сонцето. Затоа, сосема веројатно и тие ќе бидат плимно заклучени. Бидејќи луѓето можеби никогаш нема лично да ги посетат егзопланетите, важно е да се осигураме дека компјутерските модели ги земаат предвид ефектите од плимското заклучување. Разјаснувањето на факторите кои придонеле за изразената состојба на стаклена градина на Венера, најблиската планета до Земјата, ќе помогне да се подобрат моделите за климатските промени на Земјата во иднина.
На крај, главна мотивација за истражување на Венера е подобро да ја разбереме Земјата. Тоа од причина што Венера често се нарекува „сестринска планета на Земјата“ поради сличностите по големина, маса, густина и волумен. Се верува дека двете планети имаат заедничко потекло и дека се формирани во исто време пред околу 4,5 милијарди години. Венера треба на нас да ни послужи како пример што може да се случи со Земјата доколу се продолжи со континуираното исфрлање СО2 во атмосферата (секоја деценија количеството јаглерод диоксид во атмосферата се зголемува за 2 до 3%). Многу е важно да се открие за колку би се зголемила температурата со зголемената концентрација на СО2 во атмосферата. Венера можеме да ја искористиме како огромна природна лабораторија за разбирањето на идните климатски промени на Земјата.
Извори:
- www.sciencedaily.com/releases/2022/04/220420092119.htm
- astronomija.mk/venera/
- sci.esa.int/web/venus-express/-/34067-venus-vs-earth
Автор: Бојана Алексова, магистрант на Институтот за географија & Претседател на ИЗСГ „Природник“