Дали Плутон може повторно да биде планета?

3.10.2014 

Деновиве стана актуелно прашањето околу репрогласување на Плутон за планета. До 2006 година, Плутон се сметаше за 9-тата и последна планета во Сончевиот систем, оддалечена од Сонцето фантастични 4,5-6 милијарди км. По големината (пречник околу 2270 км), Плутон е помал од седум природни сателити кои орбитираат околу други планети во Сончевиот систем (Месечината, Јо, Европа, Ганимед, Калисто, Титан и Тритон). Во почетокот на овој век беа откриени десетина планетоиди во Сончевиот систем поголеми дури и од Плутон, како што е Ерис или Ерида. Поради тоа, но и поради фактот што наликува на двоен систем со својот голем придружник Харон, на конгресот на Меѓународната астрономска унија во 2006 година Плутон го изгуби статусот на „планета“ и беше ставен во групата на џуџести планети. Поради променетиот статус, во јавноста се создадоа големи дебати „за“ и „против“, а денес дури и астрономите почнуваат да се премислуваат. Во текот на дебатата што се одржа во Хардвард – Смитсонијан Центарот за астрофизика, повеќе експерти за планетарна наука расправаа дали Плутон повторно треба да биде прогласен за планета. Дел од нив се согласуваат дека треба да му се врати статусот, меѓутоа најмногу поради тоа што луѓето сѐ уште не можат да прифатат дека Плутон не е планета. „Ако астрономите сакаат Плутон да биде планета, немам ништо против тоа. Објектите се во вселената и имаат свои карактеристики, независно од тоа како ние ги нарекуваме. Но со сигурност знам дека луѓето се страсни во однос на тоа прашање. Не сакаат промени, па можеби затоа за нив Плутон секогаш ќе остане планета“ – објаснува познатиот научник Бил Нај и додава дека за едно тело да биде прогласено за планета треба да исполнува три критериуми: да биде тркалезно, да орбитира околу Сонцето и да има доминантна гравитација во своето опкружување. Плутон не го исполнува само последниот критериум зашто околу него се наоѓа „сателитот“ Харон кој всушност е толку голем, што со Плутон орбитираат околу еден заеднички центар на гравитација. Инаку интересно е што Плутон иако е толку мал, има дури 5 сателити, од кои само Харон е „проблематичен“ и токму поради него, најверојатно Плутон засекогаш ќе остане планетоид или планета-џуџе.

Автор: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *