4.06.2012
Планетата Венера, по Сонцето и Месечината е најсјајното небесно тело што може да се види од Земјата и е позната уште како „ѕвезда вечерница“ (во вечерните часови), или „ѕвезда деница“ (пред изгрејсонцето). Оваа планета, во среда (6 јуни), во раните утрински часови ќе ни го приреди прекрасниот астрономски спектакл, познат како транзит на Венера преку Сончевиот диск. За набљудувачите од Земјата, единствено Меркур и Венера можат да поминат преку Сончевиот диск, а тоа релативно ретко се случува. Во просек, Меркур прави транзит или поминува пред Сонцето 13-14 пати во сто години, а Венера многу поретко. Нејзините транзити се јавуваат во парови (со осум години растојание), а помеѓу секои два пара поминуваат 105,5 години, односно 121,5 години (по шаблонот: 8-105,5-8-121,5 години). Од 2000 година п.н.е. до 4000 година од новата ера ќе има вкупно 81 транзит на Венера. Интересно е што сите овие транзити се случувале во месеците јуни и декември. Изминатиот транзит на Венера бил на 8 јуни 2004 година а претходниот бил на 6 декември 1882 година. Следниот транзит ќе биде 10-11 декември 2117 година, а потоа на 8 декември 2125 година. Досега има пишани податоци за 6 транзити, од кој првиот во 1639 година, а последниот на 8 јуни 2004 година. Инаку, транзитот на Венера ќе почне вечерта на 5-ти јуни (вторник) и целосно (во траење од 7 часа) ќе може да се гледа само во источна Азија, источниот дел на Австралија и од Пацификот. Во Европа и источна Африка ќе се гледа само крајот на транзитот (околу 20-тина минути) и тоа по излегувањето на Сонцето, на 6-ти јуни (среда). Во северниот дел на јужна Америка ќе се види почетокот на транзитот при излегувањето на Сонцето. Транзитот на Венера ќе почне во моментот кога дискот на оваа планета ќе го „допре“ дискот на Сонцето од надворешната страна. Целиот диск на Венера ќе може да се види кога дискот на планетата ќе го допре работ на дискот на Сонцето од внатрешната страна. Потоа, ќе следи неколкучасовен транзит преку Сончевиот диск. При крајот на појавата, дискот на Венера првин ќе го „допре“ спротивниот раб на Сонцето, а потоа и целосно ќе излезе од рамките на сончевиот диск.
Во Република Македонија, ќе може да се види само крајот на транзитот кон горниот десен агол на Сонцето во траење од околу 18 минути и тоа од 6 часот и 37 минути до 6 часот и 55 минути. Сонцето пак во среда ќе изгрее во 5 часот и 5 минути. Ако се набљудува со „голо око“, транзитот ќе биде едвај приметлив, во вид на мала темна точка, бидејќи Венериниот диск во однос на Сончевиот диск е со незначителна големина. Многу поимпресивно ќе биде набљудувањето со двоглед или телескоп, секако доколку тоа го дозволуваат временските услови. Најавите се дека во тој период (среда утрото, на 6 јуни) во Македонија ќе биде претежно ведро, така што времето не би требало да претставува проблем. Без оглед дали се набљудува со голо око или со оптички инструмент, многу важно е да се користат заштитни филтри. За таа цел, доколку не се располага со оригинални сончеви филтри, прирачно можат да послужат темните (неосветлени, неразвиени) рентгенски фолии (доколку се гледа со голо око или двоглед), или пак сликата од телескоп да се проектира на рефлектирачка површина. Сепак и тоа треба да е многу внимателно, бидејќи дури и мала пукнатина или процеп на фолијата или сончевиот филтер може да пропушти концентриран сончев зрак кој ќе го оштети окото. Добра опција е користење на дигитален фотоапарат со големо оптичко доближување (зум од 10-36 пати), но и тој пред објективот треба да има заштитна темна фолија или филтер.
Доколку немате опрема или времето е облачно, целиот настан во траење од 7 часа може да се следи онлајн преку неколку веб страници, меѓу кои интересна е страницата на НАСА: http://sunearthday.gsfc.nasa.gov/webcasts/nasaedge/.
Научниците го очекуваат овој настан со големо нетрпение бидејќи ќе можат внимателно да ги проучат надворешните слоеви на венерината атмосфера, потоа да согледаат како може да се регистрира транзит на некоја планета преку далечна ѕвезда (со тоа можеби да се олесни откривањето на нови екстрасоларни планети) и многу други интересни сознанија. Како и да е, не го пропуштајте овој настан, бидејќи најверојатно нема да имате можност да го погледнете следниот транзит за 105,5 години!
Извори:
http://www.pulski.hr/magazin-scitech/item/2945-tranzit-venere-06062012
http://www.astronomija.co.rs/sunev-sistem/planete/venera/6092-tranzit-venere-2012.html
http://transitofvenus.nl/wp/where-when/local-transit-times/
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5319 пати!