23.01.2012
Без оглед што веќе има бројни софтверски пакети за „разгледување“ на Вселената, набљудувањето преку телескоп претставува единствено и интересно доживување. Во Република Македонија за разлика од најголем број земји во светот, сеуште нема астрономска опсерваторија од било каков тип, а користењето на телескоп и популаризацијата на астрономијата се на многу ниско ниво во основните, средните училишта и во високото образование. Не постои ниту специјализирана продавница, иако на неколку места (главно во Скопје) можат да се најдат релативно добри аматерски телескопи. Во таа смисла има голем недостаток и на стручно-популарна литература и списанија на македонски јазик. Затоа овде на кратко ќе презентираме неколку совети за избор и користење на астрономски телескопи во аматерски цели. Телескопот како инструмент за доближување на далечни предмети е измислен и конструиран уште во 1608 година од страна на троица холанѓани. По неколку години од пронаоѓањето, значително е подобрен од страна на Галилео Галилеј добивајќи моќ на доближување од 30-тина пати. Од тогаш до денес овој инструмент доживеал енормни усовршувања и различни изведбени варијанти, како во однос на професионалните, така и во однос на аматерските телескопи. Денес има неколку популарни видови на аматерски телескопи: рефракторски, рефлекторски и комбинирани. Рефрактори се „класични“ телескопи со испакната леќа на предната страна (објектив) и вдлабната леќа на задната страна кон окото (окулар). Рефлекторите пак наместо леќа како објектив имаат огледало и тоа сместено во задниот дел на телескопот, а набљудувањето се врши од страна на предниот дел. Кај комбинираните телескопи, објективот може да се состои од леќа и огледало.
Кога избираме телескоп, првин треба да одредиме какви објекти би набљудувале: Месечина, планети, маглини, ѕвезди и соѕвездија или галактики. За набљудување на Месечината, секако доволен е и послаб, обичен телескоп, додека за набљудување на галактики ни е неопходен многу посилен телескоп. Покрај изборот на телескопот, секако многу важно е местото од каде ќе се набљудува. Тоа треба да биде што е можно со поширок видокруг кон небото и што е можно потемно, односно со помалку урбано светло (светлинско загадување). Денес има одредени филтри со кои светлинското загадување може значително да се намали, а се поставуваат на окуларот. Доколку немаме на располагање такви филтри и соодветни места, треба да се пронајде некоја погодна позиција во близина, а се препорачува помалку габаритен телескоп лесен за транспорт. По наоѓање на соодветно место, телескопот се монтира и поставува во соодветна положба која ќе биде најпогодна за набљудување и следење на објектите. Треба да се знае дека колку е поголемо доближувањето, толку побрзо ќе минува некој објект низ видното поле, па треба постојано да се поместува правецот на телескопот со помош на винтови или електрични мотори.
Инаку, силината или моќта на доближување на телескопот зависат главно од пречникот на објективот и фокусното растојание на објективот и окуларот. Колку е поголем пречникот на објективот, толку доближувањето може да биде поголемо, а сликата појасна.
Општо правило е дека најголемото доближување може да биде двојно поголемо од пречникот на објективот изразен во милиметри. Така, ако имаме телескоп со пречник на објектив од 60 мм, може да очекуваме максимално доближување-зголемување од 120 пати. Повеќе од тоа, сликата ќе стане нејасна. Затоа треба да се избегнуваат евтини телескопи со мал објектив, на кои пишува големо доближување од 200, 300, 500 пати, бидејќи обично станува збор за „неупотреблива играчка“.
Втората компонента е фокусното растојание на леќата во објективот – колку е поголемо фокусното растојание, толку е поголемо и доближувањето, но ќе се намали видното поле. Така, телескопите со фокусно растојание до 5-6 пати поголемо од пречникот на објективот се сметаат за широкоаголни и погодни за набљудување на соѕвездија, маглини и слично. Оние пак со големо фокусно растојание (над 6-7 пати од пречникот на објективот) имаат потесно видно поле и се погодни за набљудување на планетите и други точкести објекти. Со еден додаток наречен Барлоу леќа (кој се става под окуларот) може да го дуплираме фокусното растојание двојно или тројно и да постигнеме поголемо доближување. Но тоа е потребно само кога имаме телескоп со широк објектив (100, 120, 150 мм), а краток фокус (500 мм, 600 мм) или доколку немаме квалитетен окулар со мал фокус.
Големината на доближувањето и квалитетот на сликата, многу зависат и од окуларот и неговото фокусно растојание. Постојат окулари со фиксен фокус, на пример од 20, 10, 5 мм и окулари на вртење, со променлив фокус, на пример од 24 мм до 8 мм. Колку е помало фокусното растојание на окуларот, толку доближувањето е поголемо, но не смее да се надмине најголемото можно доближување кое зависи од пречникот на објективот. На пример, ако фокусното растојание на објективот е 600 мм, а на окуларот 6 мм, доближувањето ќе биде 600/6=100 пати. Вакво доближување е близу лимитот за телескоп со објектив од 60 мм.
Обично окуларите со помал фокус имаат „потесна“ леќа што е малку незгодно за набљудување. Затоа, како стандардни окулари обично се препорачуваат оние со фокус од 20 мм, 15 мм и 10 мм и со широка леќа, удобна за окото. Тие се нешто поскапи одколку евтините, тесни окулари од „непознат“ производител. Ако немаме окулар со краток фокус а широка леќа, тогаш е препорачливо да се постави барлоу леќа која може двојно да го зголеми доближувањето.
Покрај самата телескопска туба, многу значајна е и неговата монтажа или сталак. Евтините монтажи и сталаци се лесни, нестабилни особено при високи доближувања и можат да затреперуваат и при малку ветер. Поскапите монтажи се тешки, имаат повеќе винтови за фино подесување на телескопот кон целниот објект или пак имаат електромотор за автоматско следење на објектите.
Според тоа, еден добар почетен „детски“ телескоп би бил обичен рефрактор со пречник на објективот од 60-90 мм, фокусно растојание од 600-1000 мм, стандардни окулари од 20 мм и 10 мм и азимутална монтажа со сталак. Во таква група се и телескопи рефлектори со пречник на огледалото до 130 мм. Овие телескопи можат да дадат јасно доближување до 100-150 пати со прекрасен поглед на Месечината, Јупитер, Сатурн или Венера. Вакви телескопи од познатите марки Celestron, SkyWatcher и др., можат да се најдат и во нашата држава и чинат околу 10.000-12.000 денари.
Поозбилен аматерски телескоп може да биде рефрактор со пречник на леќата во објективот од 100, 120 или 150 мм, фокусно растојание од околу 1000 мм, добра 2х барлоу леќа, квалитетни окулари од 20 мм, 15 мм и 10 мм и стабилна екваторијална монтажа. Ако станува збор за рефлектор, примарното огледало (објектив) треба да е со пречник од 130 до 200 мм и фокусно растојание од 1000 мм. Овде може да се додаде и третата група многу интересни комбинирани или катадиоптерски телескопи од типот на Максутов-касегрен. Тие се мали по димензии (тубата не е подолга од 30-40 см), но многу квалитетни, со големо фокусно растојание и значително доближување. Така, Максутов-касегрен телескоп со објектив од 130 мм има фокусно растојание од 1250-1500 мм, може да доближува и до 300 пати, а должината на тубата е само околу 30 см заради што лесно може да се транспортираат до било кое место погодно за набљудување. Дел од овие телескопи имаат и електронско наведување и следење на астрономските објекти, што е многу погодно за фотографирање и снимање. Сите наведени телескопи од оваа категорија наједноставно може да се купат во соседните држави (http://www.astronom-bg.com, http://www.telescope.bg) и чинат околу 400-1000 евра. Со нив може да се добие одличен поглед на Месечината, планетите, некои маглини, галактики, соѕвездија и сл.
Освен набљудување со сопствените очи, сигурно ќе посакаме дел од интересните небесни објекти да снимиме со помош на камера. Бидејќи професионалните телескопски камери се доста скапи, за таа цел може да се користат квалитетни веб-камери со висока резолуција (720p) кои се прицврстуваат на окуларот (со леплива лента, гумичка или сл.) или на местото каде се поставува окуларот. Вакви камери во продавниците за компјутерска опрема може да се најдат и за околу 1500-2000 денари.
Во следните примери е дадена снимка на Месечината и една терестрична снимка направени од авторот на овој текст во подрачјето на Скопје. Користен е телескопот рефрактор SkyWatcher 102/1000 мм со многу квалитетен окулар, 2х барлоу леќа и веб-камера Logitech HD.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 14622 пати!