Нгерулмуд – најмалку населениот главен град во светот!

Во повеќето земји, главниот град воедно е и најнаселениот град. Сепак, тоа не е секогаш случај, на пример Вашингтон (20-ти најнаселен град во САД) или Бразилија (третиот најнаселен бразилски град). Сличен на нив е Нгерулмуд – главниот град на Палау, воедно, најмалку населен главен град во светот. Палау е мала островска држава на 900 км источно од Филипините, со население од околу 18.000 луѓе. Овој град е изграден од „нула“ со цел во него да се смести седиштето на владата. Со оглед на тоа што во целата држава има само еден поголем град – Корор – во кој се наоѓаат националниот стадион, музеј и околу 60% од населението на земјата, би било логично тој да е главен град. Меѓутоа, при ратификацијата на Уставот на Палау во 1979 година, за да се избегне акумулација на моќ на едно место, пратениците се согласиле седиштето на владата да биде на друг остров – Баделдаоб – најголемиот остров во Палау. И така, се изградил Нгерулмуд.

Завршувањето на изградбата на комплексот владини згради бил планиран за во 1986 година, но поради недостиг на средства и кадар, тоа се случило дури во 2006 година. Законодавната зграда (Конгрес) е позиционирана во централниот дел, Извршната зграда (претседател и кабинет) на запад и зградата на судството (Врховниот суд) на исток, сите поврзани преку централен отворен плоштад. Комплексот вреден 45 милиони долари бил отворен во октомври 2006 година, со над 5.000 присутни. Набргу потоа, владините функционери ги преместиле своите канцеларии од Корор во Нгерулмуд. Сепак, зградите, направени во стилот на Вашингтон во Соединетите Американски Држави (САД), не биле соодветни на тропската клима на Палау, со висока влажност и високи температури во текот на целата година. Како резултат, во 2013 година, се јавил проблем во системот за вентилација, што пак довело до масовна појава на мувла од која се разболе работниците, а комплексот бил затворен. Погрешната замисла и лошо изведениот комплекс, не придонесе Нгерулмуд да го зголеми своето постојно население од 271 жители. Делумно поради тоа, градот сеуште ја носи титулата „најмалку населен главен град“ во светот.

Извор: historyofyesterday.com/the-story-of-the-worlds-weirdest-capital-city-787418533087

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 504 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *