27.02.2018
Како државите ги добиле своите имиња? Зошто ги користат тие имиња? И, што значат нивните имиња? Се прашања кои секогаш ни предизвикуваат огромно внимание и интерес особено кога разговараме и читаме за државите. Постојат повеќе легенди, историски факти, но и логички објаснувања кои образложуваат како државите ги добиле своите имиња. Инаку, името на државата е една многу важна и света одлика на една територија, култура, историја и постоење на еден народ.
Во светот има 196 независни држави од кои 44 држави се наоѓаат на Европскиот континент. Европа е вториот најмал континент на Земјата кој по своите културно – историски, политички и стопанско – економски карактеристики сеуште претставува еден од најважните континенти на Земјата. Кај Европа разликуваме повеќе региони, меѓу кои со сигурност голема угледност и влијание ужива регионот на Западна Европа.
Западна Европа го зафаќа просторот на западниот дел од континентална Европа од Алпите и долината на реката Рајна на исток па се до Бискајскиот Залив и Атлантскиот Океан на запад, како и од Средоземното Море и планините Пиринеи на југ па се до Северното Море на север. На Западна Европа и припаѓаат и неколку острови и островски групи, меѓу кои и најголемиот остров во Европа – Велика Британија, а покрај него во овој регион се наоѓа и островот Ирска. На територијата на Западна Европа се наоѓаат седум држави и тоа: Монако, Луксембург, Белгија, Холандија, Ирска, Велика Британија и Франција.
Кнежеството Монако со површина од само 1,97 km2 е најмала држава во овој регион, но и втората најмала држава во светот (веднаш зад Ватикан). Државата излегува на Средоземното Море, а од останатите три страни е обиколена со територијата на Франција. Монако е составено од три града Монако Вил, Монте Карло и Ла Кондамин. Просторот на државата Монако се спомнува уште во 6 век п.н.е. кога опстојува феникиската населба Моноикос. Името моноикос (мonoikos) произлегува од старогрчкиот јазик, а истиот често се корити во митологијата за богот Херкулес Моноикос, всушност моноикос би значел „единствен“ или во овој случај Херкулес „Единствениот“. За време на Римската Империја се верувало дека на карпите на Монако се наоѓал единствениот храм (единствената куќа) на Херкулес. Покрај тоа, за името Монако постои уште едно објаснување според кое државата името го добила од зборот monk, кој се поврзува со зборовите од староанглискиот збор munuc или monk, италијанскиот monaco и грчкиот monakhos или monk, а сите тие означуваат „монах“ или религиски човек кој е изолиран и живее во самотија. Па така, Монако во превод би значело нешто што е „само“ или пак „единствено“ т.е. „единствена куќа“. Инаку, денес единственоста или уникатноста на Монако е изразена во повеќе сектори. Монако е држава на луксузот, раскошот, модата, јахтите, како и држава на игрите на среќа и казината. Благодарение на сите тие модерни добра, Монако е богата и посакувана туристичка дестинација. Богатствто го претворило Монако во земја – град, кај кој речиси да не постои простор кој не е урбанизиран, па затоа Монако важи за најгусто населена држава во светот, има густина од 16.451 жители на km2.
Луксембург (2.586 km2) е втората најмала држава во Западна Европа. Луксембург е континентална држава која го завзема горниот слив на реката Мосел и нејзината притока Суре. Државата се граничи со Франција, Германија и Белгија. Главен град на државата е градот Луксембург, кој заедно со државата се именувани по замокот Луксембург. Инаку замокот Луксембург во 10 век го наследил и обновил грофот Зигфрид Први, а оттогаш започнува кланот Луксембург. Името на замокот „Луксембург“ потекнува од старогерманските зборови Luccelemburc или Lucilinburhuc кои се произлезени од luzil што значи „мал“ и burg кој значи „замок“ односно во превод Луксембург значи „Мал замок“. Според своето државно уредување Луксембург е парламентарна наследна монархија или големо војводство, а официјално име на државата е „Големото Војводство Луксембург“ (Grand Duchy of Luxembourg). Лусксембург важи за една од државите кои се креатори на Европското обединето семејство. Имено, Луксембург уште во далечната 1921 година заедно со Белгија формираат царинска унија. Подоцна во 1948 година им се приклучува Холандија и ја формираат државната царинска унија Бенелукс. Во 1957 година Луксембург е една од шесте држави (Франција, СР Германија, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург) кои ги поставуваат темелите на Европската Унија, најпрво како Европска економска заедница.
Кралството Белгија (Kingdom of Belgium) има територија од 30.528 km2 и е за околу 4.800 km2 (колку една Пелагонија) поголема од Република Македонија. Белгија се наоѓа во северозападниот дел на континенталана Западна Европа. Државата излегува на водите на Северното Море, а покрај тоа се граничи со Франција, Луксембург и Холандија. Името на државата Белгија потекнува од келтското племе Белги кое живеело на простор помеѓу реките Селина и Рајна. Во 57 година п.н.е. територијата на Белгите ја покориле Римјаните и ја вклучиле во Римската Империја како провинција Галија – Белгика. Во периодот од 4 до 6 век доаѓа до преселба на германските народи Саси и Фризи на територијата на приморскиот (северниот) дел од Белгија, а паралелно со нив во јужните делови на територијата Галија – Белгика се одвива процес на постепено романизирање на келтското население. Па така уште оттогаш се создале два посебни народи: народ од германско потекло – Фламанци, кои зборуваат дијалект на холандскиот јазик и народ од романско потекло – Валонци, кои зборуваат дијалект на францускиот јазик. Денешната Белгија својата независност ја стекнува за време на Белгиското востанија во 1830 година, кога Белгија се одвојува од Обединетото Кралство Холандија и формира своја држава на чело со Валонците. Се до 1993 година Белгија претставува парламентарна наследна монархија, кога доаѓа до редифинирање на уставниот поредок и Кралството Белгија станува федерална уставна монархија на чиј престол стои крал, а истата е составена од три ентитети: Фландрија, Валонија и ентитетот на главниот град Брисел. Во Фландрија доминатно живеаат Фламанците и се зборува на холандски јазик (фландриски), во Валонија живеат Валонците кои говорат француски јазик (валонски), а ентитетот на градот Брисел е населен со мешано население и се говорат двата јазика. Токму главниот град Брисел е главната причина за Белгиското единство и опстанок. Оттаму не случајно Брисел е одбран да биде носител и на европскиот „мост“ на обедининување и интегрирање на државите во едно Европско семејство.
Холандија (41,543 km2) се наоѓа во северозападниот дел на континентална Западна Европа. На север и на запад излегува на водите на Северното Море, на југ се граничи со Белгија, а на исток со Германија. Кралството Холандија (Koninkrijk der Nederlanden) го завзема западниот дел од Средноевропската (Германско – полската) Низина, всушност Холандија е целосно низинска земја која ги опфаќа долните сливови на реките Рајна, Мас и Шелда. Исклучок од ова низинско земјиште е само јужниот дел на областа Лимбург каде се наоѓаат ограноци на Ардените, на кои се наоѓа и највисоката точка, висока само 322 метри. Холандија во светот повеќе е позната по терминот Netherlands или Nederland кој во превод од холандски значи „Ниска Земја“. Името Холандија или Holland за прв пат се користи во средниот век кога Англичаните ја именуваат новоформираната држава како Holland (Холандија). Во контекст на тоа, во 1568 година Холанѓаните започнуваат бунт против Хабсбурговците, кој во 1579 год. е крунисан со сојуз на седум холандски провинции во една Обединета Република Холандија, подоцна Обединето Кралство Холандија. Всушност оттогаш широко навлегува името Холандија кое и денес се користи кај поголем број на народи, меѓу кои е и Македонскиот. Некои држави одбегнуваат да го користат терминот Holland (Холандија) бидејќи тој е погрешен и се однесува само на две административни области во Ниската Земја. Инаку, името Holland произлегува од зборовите holt кој што од старохоландски значи дрво и land кој значи земја, па така Holland би се превело како „Земја на дрвата“. Холанѓаните себеси и својот јазик ги нарекуваат како Dutch (Датч). Самиот збор dutch е изведен за време на Римската Империја и означува народи кои говорат германски јазик или народи кои не го говорат романскиот јазик. Денес Холанѓаните се познати како народ кој вечно „војува“ со морето. Имено, уште во 17 век Холанѓаните развиле техника на сушење на ниското приморско земјиште, кое често се наоѓа на удар од плимата (прилив на вода) и често е поплавено. Тие оформиле т.н. полдери кои се составени од серија на брани (насипи) со кои ги заградуваат подрачјата поплавени од плимата, а со помош на низа на ветерници успеале да ја исцрпат мочурливата вода и на тој начин да ги исушат тие подрачја, но и истите да ги претворат во плодно земјоделско земјиште. Денес околу 40 % од територијата на Холандија се наоѓа под нивото на светското море т.е. вештачки е претворена во полдери, меѓу кои најголем е полдерот Флеволанд или Флевополдер (970 km2). Холандија е високо развиена индустриско – аграрна земја, која во земјоделство користи високо – модернизирана технологија со употреба на високопродуктивни семиња и хранливи ѓубрива. Холандија во Европа е позната како еден од најголемите производители на: компир, шеќерна репка, пченица, јачмен, млеко, сирење итн. Покрај тоа Холандија е позната по одгледување на цвеќиња, особено на лалињата, па затоа Холандија ја нарекуваат уште како „Земја на лалињата“. Во поново време Холандија се наметнува како еден од најлибералните општествени системи, кој овозможува либерализација и легализација на неморални и непотребни општествени вредности.
Полдер во Холандија
Литература:
1. Мијалов Р., Китевски Г. (2013) Политичка географија, интерна скрипта, Скопје
2.Панов Н., Талеска М. (2007) Географија на Европа, универзитетски учебник, Скопје
3. ТОПЕР (2005) Региони во Европа,енциклопедија, Скопје
4. https://blog.oxforddictionaries.com/2013/10/02/going-dutch
5. https://www.etymonline.com/word
6. https://www.holland.com/global/trade/cities-and-regions/flevoland-the-largest-polder-in-the-world.htm
7. http://www.igeografija.mk/Portal/?p=7523
8. https://en.wikipedia.org/wiki/Netherlands
9. https://en.wikipedia.org/wiki/History_of_Monaco
10. https://www.luxembourg-city.com/en/plan-your-stay/presentation/history
Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ
Оваа статија е прочитана 7281 пати!