19.02.2018
Многу често сме се запрашале како државите ги добиле своите имиња? Што било пресудно за да се користат тие имиња? Но и што всушност означуваат нивните имиња? Постојат повеќе објаснувања за потеклото на имињата на државите, а речиси сите се поврзани со името на народот или племето кое што живее во нив. Дел од државите се именувани според географскиот простор или нивната местоположба, дел се наречени според одликите на територијата и на населението, а постојат и држави кои се наречени според некоја позната личност, но има и такви чии имиња ќе останат мистерија.
Денес во светот опстојуваат 196 самостојни и независни држави, од кои најголем број се наоѓаат во Африка (54), Азија (48), Европа (44), Северна со Средна Америка (23), Австралија и Океанија (15), а најмалку има во Јужна Америка (12). Во оваа прилика ќе се запознаеме со дел од Европските држави.
Во Европа има 44 независни држави кои може да се групираат во неколку региони. Најчесто при поделба на Европскиот континент на региони се користат страните на светот, па така често користена е поделбата која издвојува пет основни региони и тоа на: Северна, Западна, Средна, Јужна и Источна Европа. Северна Европа го завзема просторот на најсеверните делови на континентот Европа, истата кореспондира со просторот на Скандинавскиот, Финскиот Полуостров, полуостровот Јиланд, островот Исланд, како и островите во Балтичкото Море, Атлантскиот Океан и Северно Ледениот Океан. Во рамки на овие територии има пет независни држави, а тоа се: Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Исланд. Овие држави со едно име може да се наречат Скандинавски или Нордиски (северни) држави. Според географската положба, Норвешка и Шведска целосно се наоѓаат на Скандинавскиот Полуостров, Финска го зафаќа просторот на Скандинавскиот и Финскиот Полуостров, Данска се протега на полуостровот Јиланд и островите во Балтичкото Море (Селанд, Лоланд, Фин и др.), а Исланд е претставен со истоимениот остров.
Кралството Шведска (Konungariket Sverige) е најголема, но и најбројна држава во овој регион. Шведска зафаќа површина од 450,295 km2, а во истата живее население од околу 9,2 милиони жители. Името на државата Шведска потекнува од германските народи Готи и Свери кои го населиле Скандинaвскиот Полуостров. Сверите биле подоминатни и успеале да се наметнат над Готите, но и да го прослават и прошират своето име. Во контекст на тоа, швеѓаните својата држава ја викаат Свериге (Sverige) што значи „земја на Сверите“. За името на државата постои уште едно објаснување, кое е произлезено од шведските зборови svear што се однесува на личната заменка „нас“ и зборот rike кој значи „кралство“, па така зборот Sverige би значел „наше кралство“. Инаку, англиското име Sweden е позајмено од холанѓаните, кои во 17 век ја нарекле Шведска – Sweden или во превод „нова голема сила“. Во македонскиот јазик името е изведено од англискиот изговор со јазична транскрипција на „swed“ т.е. „швед “и наставка „ска“.
Норвешка со територија од 385,203 km2 е втора држава по големина во регионот на Северна Европа. Кралството Норвешка (Kongeriket Norge) се наоѓа на западниот дел на Скандинавскиот Полуостров, а покрај тоа на Норвешка и припаѓаат голем број на острови во Атлантскиот и Северно Ледениот Океан, меѓу кои најголеми се Шпицбершките Острови („Остри Планини“) или Свалбард, кои имаат одредена автономија. Норвешка е препознатлива по огромниот број на тесни и стрмни заливи наречени фјордови, но и по некогашните големи морепловци и воинствени народи Нормани или Викинзи. Секако Норвешка е земјата на надалеку прочуените приказни за троловите. Името на државата Норвешка потекнува од старонорвешките зборови norðr и vegr што означуваат „север“ и „пат“, па во превод зборот Norðrvegr значи северен пат т.е. пат кој ги поврзува јужните и северните делови на земјата. Оттаму името Norge или Norway би значело „Северен пат“. Иако, во минатото народите во Норвешка ги нарекувале Викинзи или Нормани, денес тие се именуваат според името на државата – Норвежани.
Финска (338,424 km2) е трета држава по големина во Северна Европа. Таа е позната како држава на езерата, има повеќе од 60.000 езера, па затоа Финците својата држава ја викаат Соуми (Soumi), што во превод значи „регион на водите“. Инаку, државата е наречена Финска т.е. Финланд по народот Финци, кој води потекло од унгаро – финската народна група. Инаку во оваа народна група, покрај Финците припаѓаат и Унгарците, Естонците и Лапонците. Истите во Европа се доселиле од територијата на Азија, притоа Финците успеале да се пробијат и да го освојат просторот на Финскиот Полуостров. Денешната Финска држава според своето државно уредување е парламентарна република, а официјално име на државата е Република Финска или на фински Suomen tasavalta.
Четврта по големина е државата Исланд (102,775 km2). Република Исланд е држава – остров, кој се наоѓа веднаш до северниот поларен круг во Атлантскиот Океан. Островот Исланд изобилува со голем број на раритетни природни убави, особено се среќаваат повеќе активни вулкани, глечери, гејзери, водопади и сл. Островот први го откриле и колонизирале Викинзите на чело со Инголф Арнарсон, а потоа на Ерик Црвениот и неговиот син Лаиф Ериксон. Викинзите на Исланд пристигнале во 9 – от век, всушност тие на островот затекнале големи површини на снег и мраз, па затоа го нарекле Iceland или „Мразна Земја“. Мразот (глечерите) и вулканите се честа појава на островот, па затоа за Исланд важи епитетот „Земја на огнот и мразот“. Инаку, Исланд е една од најретко населените држави во светот, има густина на населеност од само 3 жители на km2.
Данска (42,931 km2) е најмалата држава во овој регион, државата претежно е рамничарска составена од полуостровот Јиланд и голем број на острови, чии територии не достигнуваат поголема надморска височина од 200 метри. Името Данија или Данска потекнува уште од времето на Римската империја. Римјаните, жителите на Северна Европа (Скандинавија) ги викале Дани, а територијата Данија. Даните или Данците се народ од норманско т.е. германско потекло, кој во 8 век на просторот на полуостровот Јиланд формирал своја грофовија т.е. марка (погранична област). Оттаму зборот Denmark означува „грофовија на Данците“ т.е. „Земја на Данците“. Постојат и други објаснувања за името на државата, првото вели дека името потекнува од древна личност т.е. од карлот Ден, па оттаму е добиено името Денмарк или Данска. Според друго објанување, името е произлезено од зборот den што означува рамна или ниска и mark што означува шума, па во превод Денмарк означува „рамна шумовита земја“. Инаку, Данска во периодот на „големите географски откритија“ прераснува во колонизаторска сила, успева да освои повеќе територии ширум светот. Денес на Данска и припаѓаат Фарските Острови („Овчарски острови“) како и островот Гренланд („Зелена Земја“) кои имаат одредена внатрешна автономија. Според своето државно уредување, Данска е парламентарна наследна монархија или кралство на чие чело стои крал или кралица, а официјално име на државата е Кралство Данска (Kongeriget Danmark).
Литература:
1. Панов Н., Талеска М. (2007) Географија на Европа, универзитетски учебник, Скопје
2. Селмани А., Димитровска О. (2006) Основи на географија, универзитетски учебник, Скопје
3. ТОПЕР (2005) Региони во Европа,енциклопедија, Скопје
4. https://www.duolingo.com/comment/23527911/Does-anyone-know-how-Sweden-got-its-name
5. https://www.etymonline.com/word/denmark
6. http://nametheories.blogspot.mk/2012/07/how-denmark-got-its-name.html
7. http://www.crnobelo.com/zabava/interesno/37927-kako-drzavite-gi-dobile-svoite-iminja
8. http://www.alfa.mk/News.aspx?ID=125004#.WoXM59QrKmU
9. http://magazine.danaucime.mk/?p=783
10. https://mk.wikipedia.org/
Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ
Оваа статија е прочитана 7265 пати!