Што е тоа УВ индекс и зошто треба да го следиме?

4.07.2015

Според метеоролошките прогнози за подрачјето на Македонија, во деновите што доаѓаат не очекува ведро, сончево време со високи температури и висок индекс на ултравиолетово зрачење (УВ индекс). Иако веќе стана практика при временските прогнози за летниот дел од годината да се укажува и на очекуваните вредности на УВ индексот, на многумина не им е јасно што претставува или покажува овој индекс. Да се обидеме на едноставен начин да го објасниме тоа.

жешко летоОд севкупното зрачење од Сонцето, на УВ зрачењето (кое главно ги опфаќа брановите должини помали од видливата светлина) отпаѓа само околу 10%. Дури и од тие 10% кои доаѓаат кон Земјата, најголем дел (95%) се апсорбира во озонскиот слој на атмосферата (особено опасното УВ-Б и УВ-Ц зрачење). Меѓутоа, поради влијание на човекот, во последните децении озонската заштитна обвивка на некои места е „истенчена“, па и значително оштетена (озонски дупки) и пропушта се поголемо количество на УВ зрачење. Со тоа, УВ зрачењето кое во нормални рамки е многу корисно за живите организми и за човекот, станува се поризично, особено во летниот период од годината. За да се информираат луѓето за дневната јачина на УВ зраците, Светската здравствена организација разви систем т.н. УВ Индекс, кој настанал како заедничката иницијатива на Светската метеоролошка организација, УНЕП и СЗО. Ваквиот индекс, кој за прв пат е применет во Канада во 1992 година, има за цел да го помогне идентификувањето на јачината на УВ зраците преку скала, која е нумерирана од 1 до 11+. Степенот на нумерирањето на скалата го дефинира вкупниот степен на ризик за луѓето изложени на ултравиолетовите зраци. Тоа е скала која главно се користи во секојдневната прогноза наменета за широката јавност. Нејзината цел е на луѓето да им помогне правилно да се заштитат од прекумерната изложеност на УВ зраците и последиците од тоа како: изгореници на кожата, оштетување на очите, забрзано стареење на кожата или појава на одредени видови на рак на кожата.

Вредностите на УВ индексот се движат од 0 до над 11. Индекс 0 одговара на нулто УВ зрачење, како што е во текот на ноќта, додека индекс 10 се јавува за време на пладневно, жешко, летно сонце при ведро небо. УВ индекс пак 11 или повеќе, во Македонија многу ретко се јавува, а почест е во предели на јужната хемисфера каде постојат озонски дупки. Бројката се однесува на количеството на УВ зрачење кое допира до површината на земјата, мерено во единица W/m2, но односот не е едноставен бидејќи УВ зраците не се хомогени во спектарот. Затоа УВ индексот не може да се свати како физичка мерна единица, туку е практична вредност која ја покажува веројатноста на оштетување на кожата. Најавената прогноза за УВ индекс всушност претставува интензитет на УВ зраците кога сонцето ќе биде највисоко на небото (во пладневните часови). Како мерило за осетливост на кожата кон УВ зраците се зема светлиот тен кој е најосетлив на УВ зраците и најлесно зацрвенува. УВ скалата е линеарна, што значи дека времето на изложување на УВ зрачење и наведениот УВ индекс се во пропорционална корелација со оштетувањето на кожата.

Како и УВ зрачењето, УВ-индексот се менува во текот на денот, годината, положбата, височината и други географски фактори. Така, УВ зрачењето и УВ индексот при ведар, сончев ден се многу поголеми на високи планински места (особено над 2000 м) во однос на пониските. Тоа треба да се има во предвид при искачување или престој на високите планини и врвови, особено во летниот период. Ризикот е голем и поради тоа што на пониските планински температури на воздухот на тие височини, обично го потценуваме интензитетот на УВ зрачење. УВ индексот е најголем во летен период, во посончаните, сушни, континентални подрачја, а нешто помал покрај морските брегови каде има присуство на аеросоли и влага во воздухот.

Проценките на УВ индексот за ведар ден во сред лето, покажуваат дека од 12 до 14 часот постои многу голема опасност од УВ зрачење. Еден час пред и еден час по овој критичен период, опасноста е висока. Наутро од 9 до 10 часот и попладне од 16 до 17 часот, опасноста е умерена, додека рано наутро (пред 9 часот) или доцна попладне (по 17 часот) нема речиси никаква опасност од УВ зрачење. Со набљудување на ведрите денови во текот на годината е утврдено дека најголема опасност има во месеците мај, јуни, јули и август, кога УВ индексот е многу висок. Високи вредности се јавуваат во април и во септември, а умерени во март и октомври. Во текот на зимските месеци, УВ индексот е минимален и не е потребна посебна заштита, освен за скијачите и воопшто луѓето кои престојуваат на високи планини. Секако, доколку има поголема облачност, наведените вредности се пониски. Меѓутоа, во летниот период облачноста обично е многу променлива, а сончевото зрачење лесно се пробива низ потенките облаци или процепите во нив. Затоа, прогнозата за УВ индекс секогаш се дава во однос на прогноза за ведар ден. Освен временски, УВ индексот се менува и со географската ширина. Луѓето кои патуваат во различни климатски подрачја треба да се особено внимателни. Вообичаено, доколку патуваме кон југ (кон екваторот), УВ индексот се зголемува. Заради примена на соодветна заштита, најдобро е уште пред патувањето да се информираме за очекуваниот УВ индекс за таа дестинација и да се следат прогнозите по медиумите.

1-2. Вредностите за УВ индексот 1 и 2 покажуваат ниска опасност од УВ зрачење. Голем дел од луѓето (освен во исклучителни случаи) можат да се изложат на сонце и повеќе од еден час без да добијат изгореници или некои последици по кожата. За заштита се препорачуваат единствено наочари за сонце и тоа по потреба. За луѓе кои имаат особено осетлива кожа и за бебиња потребно е посебно внимание дури и при најниските вредности на УВ индексот. Поради одбиеното зрачење, внимателни треба да бидат скијачите, планинарите, пливачите, едриличарите и сите што престојуваат подолго на снег или на големи височини.

3-5. Вредностите на УВ индексот 3, 4 и 5 покажуваат умерена опасност од УВ зрачење. За заштита се препорачува носење на капа или шешир со кои ќе се покрие дел од лицето и вратот, потоа носење на наочари за сонце, како и на заштитни креми. Луѓе со осетлива кожа, бебиња и мали деца не треба да се изложуваат на сонце незаштитени повеќе од 20 минути, особено ако индексот е околу 5. Воопшто, при вакви индекси не се препорачува директна изложеност на сонце без заштита, подолго од еден час.

6-7. Вредностите 6 и 7 покажуваат висок ризик од УВ зрачење. За заштита се препорачува носење на широка капа или шешир, наочари за сонце, панталони и маички со долги ракави, како и употреба на заштитна крема. Луѓе со осетлива (светла) кожа и мали деца може да добијат изгореници за помалку од 20 минути. За нив е подобро да не се изложуваат на сонце помеѓу 11 и 16 часот. При престој на отворено, треба да се заштитат испакнатите делови на лицето. Директната изложеност на сонце (без заштитни мерки), дури и кај потолерантните луѓе (со темен тен), не треба да биде повеќе од 30-40 минути.

8-10. Вредностите за УВ индекс 8, 9 и 10 укажуваат на многу висока опасност од УВ зрачење. За заштита се препорачува носење на широка капа или шешир, облека со долги ракави, наочари за сонце и задолжително користење на креми со висок заштитен фактор (SPF – Sun Protection Factor > 20).  Изложеноста на сонце треба да биде минимална во периодот помеѓу 11 и 16 часот. Луѓе со осетлива кожа и деца можат да добијат изгореници за помалку од 10 минути. При вака силен индекс, УВ зраците можат да продрат низ чадорите за сонце, низ водата, па дури и низ тенка облека и да и наштетат на кожата. Максималната директна изложеност на сонце кај лицата со потемен тен не смее да надмине повеќе од 20-25 минути.

11+. Вредностите за УВ индексот над 11 укажуваат на екстремна опасност од УВ зрачење. Најдобра заштита е престој во покриена или затворена просторија во периодот од 11 до 16 часот. Доколку е неопходно да се биде на отворено, треба да се носи широк шешир, наочари за сонце со заштитен УВ фактор, облека со долги ракави и густ текстил, потоа да се користат заштитни креми со многу висок заштитен фактор (над 30). Деца можат да добијат изгореници и за помалку од 5 минути. Во однос на наочарите за сонце, треба да се знае дека способноста за блокирање на УВ зраците не зависи од тоа колку се темни стаклата. Неквалитетните и ефтини наочари, не само што не заштитуваат од УВ зраците, туку може дури и уште повеќе да им наштетат на очите. Затоа е многу важно да се носат наочари со УВ заштита. Наочарите за сонце се делат во 5 категории, од 0-4. Категоријата 4 е погодна за скијање, додека категориите 3 или 2 се доволни за летните денови.

Според горната скала, лицата со светол тен треба да се исклучително внимателни на изложеност на сонце веќе при УВ индекс над 4, додека оние со потемен тен (боја на кожата) при УВ индекс над 6. Треба да се знае и дека оштетувањето на кожата од УВ зрачењето е кумулативно во текот на животот, така што негативните УВ ефекти од детството може да се манифестираат десетици години подоцна. Затоа, во летниот период што следи, внимателно следете ја прогнозата за УВ индексот и преземете ги неопходните мерки за заштита.

Извори:

http://www.wrh.noaa.gov/fgz/science/uv.php?wfo=fgz
http://www.cjzbt.org.mk/aktuel-UV.html
http://en.wikipedia.org/wiki/Ultraviolet_index
http://prognoza.hr/prognoze.php?id=uvi&param=o_uvi

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 8188 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *