9.07.2015
Во близина на градот Сао Паоло, на 30-тина километри од брегот на Бразил, се наоѓа островот Куемада Гранде (Ilha da Queimada Grande) попознат како змиски остров. По своите димензии и карактеристики, овој остров е многу сличен на островот Голем Град во Преспанското Езеро. Куемада Гранде е издолжен во меридијански правец, со максимална должина од 1,63 км, а најголема широчина од 530 м (наспроти 750 м должина и 450 м широчина на Голем Град). Бразилскиот остров зафаќа површина од 43 хектари, додека пак Голем Град е со површина од 23 хектари. Следна сличност е што двата острови се тешко пристапни, со бројни клифови и карпести отсеци, со тоа што Куемада има повисок врв (126 м) во однос на Голем Град (51 м). Сепак, она што можеби најмногу ги „поврзува“ двата острови е тоа што го носат прекарот „змиски остров“. Бразилскиот остров на змиите е дом на ендемскиот род Bothrops, поточно на видот златната змија-Bothrops insularis која спаѓа меѓу најотровните змии на светот. Всушност, златната змија е единствен вид на островот, на која воедно и се заканува изчезнување бидејќи нема друго природно живеалиште, а опасноста од голем шумски пожар на островот е секогаш присутна. Засега бројот на змии е поприлично голем, се претпоставува дека на одредени места на островот живее по една змија на секој кватратен метар. Според службените податоци на Биолошкиот факултет од Сао Паоло, на островот живеат околу 2000-4000 змии и не постои јасно дефинирано објаснување зошто баш тука се населиле. Најверојатно поради тоа, на овој примамлив остров нема жители, иако според некои кажувања во 19. век имало едно трочлено семејство кое живеело во единствениот светилник. Според преданието, мајката и ќерќата починале токму од смртоносниот отров на змиите, додека таткото некако преживеал. Според друга легенда, на островот имало уште еден жител, рибар кој настрадал исто така од змиите. Дури и неколку спасувачи кои дошле по рибарот исто така настрадале од змиите. Заради сето наведено, Бразилските власти го имаат строго забрането пристапот на островот, а единствен пристап има бразилската морнарица, по некој авантурист и ловокрадците кои островот го гледаат како можност за добра заработка, бидејќи на црниот пазар една златна змија достигнува цена и до 30.000 $. Инаку, поради исклучително поволните климатски услови за одгледување на банани, бразилските власти имаа во план да направат плантажи за нивно одгледување, меѓутоа тој обид до сега нема заживеано. Заради интересните карактеристики, уникатниот пејсаж и привлечноста, неколку светски познати телевизии како Discovery, National Geographic и бројни други, имаат свои документарни емисии посветени на Бразилскиот остров на змиите.
Извор: https://en.wikipedia.org/wiki/Ilha_da_Queimada_Grande
Подготвил: д-р Ивица Милевски