Ел Хиеро – уникатна убавина од Канарските Острови

14.11.2016

localizacion_de_canarias
Географска положба на Ел Хиеро

Островот Ел Хиеро или  познат уште како Исла дел Меридијано се наоѓа во Атланскиот Океан во близина на Африканскиот континент и претставува дел од архипелагот на Канарските Острови. Ел Хиеро е најзападниот, а воедно и најмалиот од големите Канарски Острови. Од островот Тенерифе е одалечен  110 km, а од главниот град на Канарските Острови, градот  Санта Крус де Тенерифе се наоѓа на  170 km.  Иако, Ел Хиеро е лоциран во непосредна близина на Мароко и Западна Сахара (на само 380  – 400 km од Африка), претставува дел од Шпанија,  која се наоѓа на североисток на далечина од  1450 km. Островот Ел Хиеро зафаќа површина од 268,71 km2 (3,59 % од површината на Канарските Острови), која е малку помала од површината на нашето Преспанско Езеро (275,2 km2). Во правец исток – запад има должина од 29,3 km, а во правец северозапад  –  југоисток има широчина од 21,7 km.

Ел Хиеро е најмладиот остров од Канарската група, настанат е под влијание на  интезивен вулканизам, кој започнал пред 1,2 милиони години. Во геолошката историја на островот се забележуваат повеќе периоди на вулканска активност, а последната беше во периодот ноември 2011 – март 2012 година.

58866214
Поглед на Ел Голфо од Малпасo (1501 m)

Најголемиот дел од релјефот на островот е изграден од вулкански планини, кои имаат  изразито стрмни падини, а на некои места речиси вертикално се спуштаат кон океанот. Планините се протегаат низ целиот остров, а најиздигнати се во централниот дел, каде се наоѓа и највисокиот врв Малпасо (1501 m). Кон јужните и источните делови, се забележува широко распостранета висорамнина, која постепено се спушта кон океанот и пред самиот брег, вертикално паѓа во форма на високи клифови (клиф – вертикален отсек на брегот).  Истото е  одлика и за западните делови каде се забележува мала висорамнина која повторно се снижува кон приморјето, а на самиот брег паѓа во вертикали. За разлика од претходно наведените брегови, северниот дел е зарамнет. На овој брег се среќава и единственото зарамнување (поле), наречено Ел Голфо, кое е настанато како резултат на лизгање на земјиштето од северните падини на планината Малпасо. Инаку, на островот се забележуваат повеќе од 600 вулкански купи и кратери, меѓу кои најатрактивни се: Тањанасога, Хоја де Филеба и Орчила.

Климата на островот Ел Хиеро е изменето суптропска и полупустинска, и е под големо влијание на Атланскиот Океан, па затоа на островот е многу посвежо во споредба со внатрешноста на Африка, која се наоѓа на иста географска широчина. На Ел Хиеро има појава на две годишни времиња, свежо лето и блага зима, но притоа нема голема варијабилност на температурата. Во просек температурата се движи од 16,6 до 26,5 ⁰C, но може да достигне и вредности до 33,8 ⁰C. Покрај тоа што, на островот е претежно топло, забележани се и падови на температурата, а рекордно најниска температура која е измерена изнесува 8 ⁰C. На островот не се забележуваат големи врнежи на дожд, има два периоди сушен (мај – септември) и врнежлив (октомври – април). Во текот на годината паѓаат околу 170 mm на m2, што е за речиси два пати помалку од најсушниот регион во Република Македонија – Градско.

На островот нема појава на реки и речна мрежа, но за потребите на водоснабдувањето и наводнувањето има формирано неколку помали вештачки акумулации (резервоари на вода).

2263365
Ел Хиeро Сабинар

Ел Хиеро е дом на повеќе уникатни растителни и животински видови. Од растенијата значително се застапени термофилнита смрека – Ел Хиеро Сабинар (ендемичен вид) и зимзелените борови шуми. Од животинскиот свет посебна одлика претставува ендемичниот вид на џиновски гуштер Ел Хиеро, кој е под сериозна закана на истребување. Во 2000 година од страна на УНЕСКО заштитени се 60 % од површината на островот, како светски биосферен резерват (Геопарк).

Во минатото, островот Ел Хиеро бил населен од домородниот народ Бимбачес, кој потекнува од берберските народи од Африка. По доаѓањето на Шпанците во текот на 15 – от век, најголемиот дел од овој народ е асимилиран, а на тој начин постепено исчезнува. Докази за постоењето на народот Бимбачес се зачувани на неколку карпи, на кои има изрезбано повеќи знаци и цртежи. Денес на островот Ел Хиеро живее исклучително население од шпанско потекло. Во 2011 година на островот се регистрирани 11.033 жители или само 0,47 % од вкупното население на Канарските Острови. Во просек на островот се среќаваат по 41 жител на km2,  а најгусто населени се северните и западните делови. На островот Ел Хиеро има 20 населени места, а административно се дели на три општини: Фронтера (4.104 ж.), Валварде (5.075 ж.) и Ел Пинар (1.854 ж.).

3144556
Пуерто де ла Естака

На западниот дел од Ел Хиеро има мал аеродром, преку кој се одвива најголемиот дел од сообраќајот од островот кон остатокот од Канарските Острови
и обратно. Покрај тоа, во функција на островот има и две мали пристаништа Ла Рестиња и Пуерто де ла Естака. Исто така, на островот има изградено значителна патна мрежа, претставена со повеќе превои и тунели.

Туризмот е најзначајна стопанска гранка за островот. Ел Хиеро има повеќе фасцинантни природни убавини, кои претежно се настанати под дејство на вулканизмот и рецентната абразивна ерозија (еродирање или ронење на брегот под дејство на брановите од морската вода). Од вулканскиот релјеф особено атрактивни се вулканските купи и кратери: Тањанасога, Хоја де Филеба и Орчила.  Особено атрактивни се и појавите на абразивен релјеф, како што се: Арко де ла Тоска – природен абразивен мост, Чарко Азул – бреговидна пештера (подкапина) и карпата Роке де Самор (висока карпа во форма на остенок – остров). Исто така голема атракција преставува и највисокиот врв на островот – Малпасо, од каде се отвара неверојатен поглед кон ниското поле Ел Голфо. Од културно – историските вредности, најпривлечни се: светилникот – Орчила и црквата Ермита де сан Педро. Покрај овие атракции, привлечни се и многуте хотели, кои се автентично вградени во самиот релјеф и претставуваат дополнителен мотив и атракција.

Spain, Canary Islands, El Hierro. Echedo, formazione ad arco dovuta all'erosione della roccia basaltica, conosciuta come Charco Manso. Arch of volcanic rock known as Charco Manso; nearby is also a fantastic bathing place. Echedo, El Hierro, Canary Islands, Spain. Canon EOS 5D Mark II.
Арко де ла Тоска – природен абразивен мост
el-hierro-nss
Чарко Азул – бреговидна пештера (подкапина) со тиркизна вода

Извори:

  1. http://www.bimbache.info/where/el-hierro-canarias/
  2. http://www.elhierro.com/hoteles-en.html
  3. http://www.hellocanaryislands.com/el-hierro/
  4. http://www.urbistat.it/AdminStat/en/es/demografia/popolazione/valverde/38048/4
  5. https://de.wikipedia.org/wiki/El_Hierro

 

Подготвил: Дарко Стојчески, дипломиран географ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *