Интересни податоци за ИГЕО-порталот!

10.11.2016

ИГЕО-порталДенес, ИГЕО-порталот го навршува 5-тиот роденден. По тој повод, направивме една кратка анализа на бројот на статиите, авторите, посетеноста на порталот и други интересни податоци.

Првата статија на ИГЕО-порталот е публикувана точно на денешен ден пред 5 години (11.11.2011), под наслов „Вулканска ерупција на Канарските острови“ од тогаш студентот Дарко Стојчевски. Тој ноември 2011 година се објавени најмногу (48) статии за било кој месец од креирање на порталот. До денес вкупно се публикувани 780 статии од 14 вработени на Институтот за географија, потоа од 46 студенти од речиси сите насоки и од 15 соработници (дипломирани географи и други). Најмногу статии се објавени во 2012 година, дури 284, а најмалку во оваа 2016 година, или 73. Просечно годишно се објавувани по 156 статии, а просечно месечно по 13 статии. Според авторите, најмногу статии има објавено д-р Ивица Милевски и тоа 369 (47%) од кои 145 се оригинални, авторизирани. Потоа следат д-р Благоја Маркоски со 23 статии, Дарко Стојчевски со 23 статии, д-р Билјана А.Тошевска со 19 статии, Глигорије Џилвиџиев со 18 статии, Славица Тенекеџиева и Тодорче Тановски со 17 статии, м-р Горан Китевски со 13 статии, м-р Христина Димевска со 12 статии – исто колку и Трајче Лазороски, Филип Ѓошевски со 10 статии и др. Во таа смисла, наставниот кадар вкупно објавил 494 статии, студентите 148 статии (најмногу од насоката ГИС-64, Наставна-47, Туризам-32 и Демографија-5), а останатите 138 статии од дипломирани географи и други соработници.

IGEOПосетеноста на порталот во овие 5 години е доста добра и изнесува 560 000 посети, со близу 300 000 посетители. Сепак, треба да се напомене дека околу 400 статии се преземени и поставени и на други портали, посебно на Факултети.мк, на кој изразуваме посебна благодарност за севкупната и за нас значајна поддршка. Според сите проценки, вкупниот директен и индиректен преглед (преку останатите портали) на сите статии изнесува над милион пати, со околу 550 000 посетители. Најпосетена и следена е рубриката Чудесна Македонија, а потоа следат Географски вести, На тема…, Викенд предлог и др. Убедливо најпрочитана статија е „Кои се причините за големата поплава на делови од Скопје, вечерта на 6.08.2016 година“ со 57 000 директни и многу повеќе индиректни прегледи (бидејќи статијата беше пренесена преку речиси сите медиуми во Македонија). Радува фактот што меѓу 30-те најчитани статии (со преку 5 000 прегледи), 6 се од помладите колеги: м-р Анита Тодорова, Глигорије Џилвиџиев, Трајче Лазороски, Дарко Стојчевски, Славица Тенекеџиева и Тодорче Тановски.

Бројни статии на порталот се пренесувани во разни медиуми, преземани (соодветно цитирани, а понекогаш и нелегално-без цитирање) за разни студии, истражувања, проекти, за содржини во wikipedia и други цели. Слободно може да се каже дека ИГЕО-порталот стана препознатлив по својата оригиналност, квалитет на статиите (сите научно-популарни статии се прегледуваат од уредникот или уредувачкиот одбор) и разновидноста на содржините. Всушност, горе изнесените бројки (кои лесно може да се проверат на интернет), говорат за интересот на јавноста кон нашиот портал.

0001Во следниот период, значително внимание ќе се обрне на вклучување на поголем број студенти и соработници во објавување на статии, со што уште повеќе ќе се популаризира географската наука, но ќе се презентираат и самите автори пред пошироката јавност. Секако, за несмалено продолжување на темпото на работа и постигнување на соодветните цели, неопходно ќе биде поголемо вклучување на млади соработници од Институтот за географија и поддршка на самиот Институт. Според мене, како уредник и покренувач на порталот, голема загуба би било доколку се остави само еден човек да ја води целокупната работа, а поради тоа ИГЕО постепено да губи на популарноста и читаноста (бидејќи станува збор за огромен волонтерски ангажман). Со тоа ќе загубат сите вљубеници во географијата, сите географи, но и самиот Институт за географија во Скопје. Сепак, како уредник сум убеден дека до тоа нема да дојде.

Како и да е, нека е честит 5-тиот роденден на ИГЕО со желба да опстојува, да се осовременува и да привлекува се поголемо внимание уште многу години!

Од уредникот, д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *