Честит 8-ми роденден ИГЕО!

10.11.2019

Утре, на 11.11.2019 година, ИГЕО порталот го прославува осмиот роденден, откако беше објавена првата официјална статија. За 8 години од своето постоење, ИГЕО порталот како прв географски портал во Македонија, постигна навистина висока посетеност. Имено, вкупната бројка на посетители надмина 400 000, додека вкупниот број на посети е речиси 900 000. Во овј период се објавени точно 1050 статии од разни области блиски со географијата, потоа статии за активностите на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, како и активностите на студентите географи, географски информации и вести и сл. Тука треба да се напомене дека од вкупниот број на статии што ги поседува ИГЕО порталот, најголем дел (386) се објавени или подготвени од страна на д-р Ивица Милевски, редовен професор на Институтот за географија, кој воедно е покренувач и уредник на порталот. Покрај тоа, голем е придонесот на студентите, дипломираните географи, а значаен е и бројот на статии од наставниот кадар на Институтот за географија. Во идниот период се надеваме на поголем број автори (студенти, постдипломци, наставници, соработници и др.) кои ќе објавуваат интересни теми на ИГЕО порталот.

Големата посетеност укажува на потребата од јавна достапност на интересни, недоволно познати географски содржини како за нашата држава, така и пошироко. Всушност и главната заложба на порталот не е да се објават што поголем број на статии како бројка, туку да се презентираат колку е можно поверодостојни, научно поткрепени и проверени информации. За таа цел, голем дел од статиите се оригинално замислени и напишани од страна на авторите, водејќи сметка за почитување на авторските права и наведување на изворите на податоци доколку се користени. Чест ни е што бројни статии се преземаат од познатите интернет портали во Македонија (како fakulteti.mk а преку тоа и time.mk), со особен интерес кон содржините поврзани со малку познатите природни убавини на нашата држава, на кои им искажуваме благодарност во оваа прилика. Бројни статии на порталот се пренесувани во разни медиуми, преземани (понекогаш за жал без цитирање) за разни студии, истражувања, проекти, за содржини во wikipedia и други цели. Воедно, содржините од порталот стануваат се поинтересни и за учениците во основните и средните училишта (особено по предметот географија), но и на сите кои ја сакаат географијата, како една од најинтересните области на науката. Во таа смисла, слободно може да кажеме дека ИГЕО стана географски бренд во Македонија. Читан и следен не само во нашата држава, туку и во странство. Целта останува иста, секогаш оригинални и релевантни, научно поткрепени текстови, наместо чисто преземање на информации од други медиуми, со бомбастични наслови и текстови.

Инаку, позначајно од вкупниот број на објавени статии (околу 130 годишно) е нивниот квалитет, за кој е водено максимална грижа и посветеност. Статиите се внимателно избрани, прегледани, проверени од евентуални дезинформации или несоодветно преземени податоци, најчесто со цитиран извор за кој е водено сметка да биде релевантен. ИГЕО порталот, во овие осум години, особено внимание посветуваше на уникатните појави, вредности и атрактивности во Македонија, свесни дека голем дел од нас сеуште не си ја познаваат својата држава, која всушност е преубава и толку разновидна. Голем број статии се авторизирани, оригинални и претставуваат придонес за географската наука, но и извор на нови информации за професорите и студентите. Сето тоа во услови кога на порталот се работи сосема волонтерски, без никакви финансиски средства, спонзорства или други извори.

Почетната идеја на проф. д-р Ивица Милевски за формирање на првиот географски портал во нашата држава не само што не згасна, туку напротив, се зајакна со текот на времето. Затоа се надеваме и посакуваме студентите и останатите географи да дадат свој поголем придонес и поттик, бидејќи ИГЕО порталот е за сите географи, но и за сите што ја сакаат географијата.

Како и да е, нека е честит 8-миот роденден на ИГЕО – првиот (и засега сеуште единствен) географски портал во Македонија, со желба да продолжи со вакво темпо, да се усовршува и да привлекува со уште поголемо внимание уште многу години!

Подготвила: Бојана Алексова, студент на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.

Оваа статија е прочитана 4981 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *