11.11.2013
Утре, 12.11.2013 година, ИГЕО порталот го прославува својот втор роденден откако пред точно две години беше поставена првата официјална статија. Во изминатиот период, на порталот беа објавени вкупно 485 статии и тоа 340 статии во првата година и 145 статии (за жал двојно помалку) во втората година. Тоа значи дека минатите 2 години во просек се објавувале по околу 20 статии месечно. Најголем број статии се објавени во ноември 2011 година – дури 48, а најмалку во летните месеци оваа година, по 7. Очигледно, во втората година, бројот на статиите значително е намален (просечно 12 месечно, во однос на 28-те минатата година), што главно беше поради навистина големите обврски на уредникот и главниот автор на статиите, д-р Ивица Милевски, но и малиот интерес за подготовка на квалитетни и оригинални статии од другите соработници. По категории, најголем број се „Географски вести“ 180, потоа „На тема…“ 118, „Чудесна Македонија“ 63 и др. Иако многумина беа скептични во опстанувањето на првиот географски портал во Република Македонија, тој до денес соодветно и непрекинато функционира, особено ако се има во предвид дека целокупната работа е волонтерска.
Инаку, од самиот број на објавени статии, позначаен е нивниот квалитет за кој е водено максимална грижа и посветеност. Статиите се внимателно избрани, прегледани, проверени од евентуални дезинформации или несоодветно преземени податоци, најчесто со цитиран извор за кој е водено сметка да биде релевантен. Над 160 статии се авторизирани, оригинални и претставуваат придонес за географската наука, но и извор на нови информации за наставниците и учениците. Сето тоа во услови кога на порталот се работи сосема волонтерски, без никакви финансиски сретства, спонзорства или други извори.
За квалитетот на статиите и следеноста на самиот портал, говори податокот што до сега истиот го посетиле 90.000 лица со близу 220.000 посети. На таа бројка треба да се додадат и над 70.000 посетители и 130.000 прегледи од други портали и интернет страници кои пренесуваат или преземаат содржини од ИГЕО. Така, вкупната бројка на прегледи на содржините веќе е над 350.000 што за нас претставува огромен успех, задоволство и мотивација повеќе да се продолжи понатаму.
Овде треба да се напомене дека од вкупниот број статии (485), 250 или 52% се објавени или подготвени од д-р Ивица Милевски, кој е покренувач и уредник на порталот. Покрај тоа, голем е придонесот и на студентите кои објавиле речиси 175 статии, а 60 статии објавиле колегите на Институтот за географија.
Во идниот период, настојувањето ќе биде да се зголеми мотивацијата и бројот на авторите кои ќе објавуваат интересни теми на ИГЕО-порталот, особено вклучување на повеќе студенти, но и наставници по географија и сите оние кои се интересираат за географијата.
Нека ни е честит вториот роденден!
Оваа статија е прочитана 5277 пати!