9.12.2013
Тим научници на Американскиот национален информативен центар за снег и мраз (America’s National Snow and Ice Data Centre – NSIDC), од универзитетот Колорадо соопштија дека според сателитските податоци, во близина на јапонската станица Dome Fuji (Дома Фуџи или Купола Фуџи) во источен Антарктик има дневни температури на воздухот пониски од -91 степени Целзиусови. Ова место се наоѓа на 3.779 метри надморска височина и според првичните сознанија за два степени е постудено отколку во руската истражувачка станица Восток. Според научниците, во регионот на Купола Фуџи постојат и постудени локации, бидејќи сателитите ја мерат просечната температура на километар квадратен. Воедно, најниските температури се јавуваат во долготрајни, ведри временски периоди. Сепак, според повеќе научници, сателитските податоци поради својот карактер не можат да се прифатат како апсолутно прецизни, па засега најниската температура на Земјата останува онаа измерена на руската метеоролошка станица „Васток” (Исток) во 1983 година од минус 89,2 Целзиусови степени. На таа температура, човечките очи, нос и бели дробови замрзнуваат за само неколку минути. На температура од -78,5 степени Целзиусови, јаглеродниот диоксид се претвора во мраз.
Најстудено населено место на планетата и понатаму останува руското село Ојмјакон во Сибир, каде просечната температура во јануари изнесува -50 степени Целзиусови, а најниската забележана е -71 степен. Во него живеат околу 500 луѓе кои се занимаваат со лов и риболов, а сите потрбни работи ги набавуваат од единствената продавница во селото. За споредба, најниска температура во Македонија е забележана во Берово -31,5 степени целзиусови, а слична вредност е регистрирана и во Битола. Всушност, кај нас денови со температури пониски од -20 степени се сметаат за екстремно студени (за споредба, тоа се сосема нормални зимски температури во поголемиот дел на Русија и Канада).