Огромните резерви на слатка вода под океанското дно би можеле да бидат спас за човештвото!

10.12.2013

Со зголемувањето на населението на нашата планета, се повеќе се наметнува проблемот со недостиг на вода за пиење и други потреби. Тоа уште повеќе доаѓа до израз со климатските промени, глобалното затоплување и засушување на некои региони. Се поставува прашање има ли некаква надеж? Пред неколку години, позитивна вест беше откривањето на големи резерви подземна вода на Африканскиот континент, кој и најмногу страда од недостиг на вода. Уште поубаво изненадување претставува откритието на австралиските истражувачи кои пред неколку дена пронајдоа огромни ресурси на свежа вода под океанското дно. Нивниот извештај, објавен во списанието Nature, изнесува докази за резерви на слатка вода блиску до бреговите на Австралија, Кина, Северна Америка и Африка. Тие проценуваат дека околу 500.000 км кубни вода со ниска соленост и погодна за пиење е заробена под дното на океанот. Тоа е 100 пати повеќе отколку целокупната вода извлечена од површинските слоеви во минатиот век. Доколку се потврдат резултатите од истражувањата, потребно е да се најде соодветна технологија за вадење на водата од тие длабочини. Во денешни услови тоа би било доста скапо, меѓутоа во блиска иднина не треба да е проблем, а можеби би претставувало и единствен спас за човештвото, особено имајќи ги во предвид проценките на ОН дека до 2030 година речиси половина од светската популација ќе се соочи со проблемот на недостиг на вода. При извлекувањето на оваа вода, особено треба да се внимава истата да не се загади, што би значело голема загуба.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 4626 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *