8.06.2012
Порастот на населението, климатските промени и еколошката девастација ја туркаат Земјата кон потенцијално кобни и неповратни биолошки промени. Тоа е тврдењето што го изнесуваат 22 познати научници од САД, Европа, Канада и Јужна Америка во последниот број на списанието Nature. Според нив, „луѓето со своето однесување предизвикуваат таква транзиција која има потенцијал да ја преобрази целата Земја во засега непозната состојба. Се приближуваме до точката од која нема враќање. Бројот на населението, заедно со потребите за храна и ресурси постојано се зголемуваат, а глобалното затоплување дополнително ја влошува состојбата“. Според предвидувањата, до 2050 година, на Земјата ќе живеат најмалку 9,3 милијарди луѓе, а до тогаш сите сценарија велат дека температурите драстично ќе се покачат во просек за 2-3 степени целзиусови. Поради силната емисија на јаглерод диоксид, океаните стануваат се потоксични, додека изгледот на копнените површини драстично се менува под влијание на човекот. До сега, речиси половина од копното кое некогаш претставувало природна средина е трансформирано, култивирано и урбанизирано. Сето тоа предизвикува забрзано изумирање на растителни и животински видови, како и многу други негативни промени. Инаку, теоријата дека претераната човекова активност неизбежно води кон уништување на Земјата не е нова. На тоа, научниците за прв пат почнаа да укажуваат уште пред 50 години. Според професорот Антони Барноски (Anthony Barnosky), крајните последици на она што се случува на Земјата, во најлош случај можат да бидат слични на удар на астероид. Воедно, научниците ја истакнуваат загриженоста дека речиси ниедна заложба или поставена цел од Самитот за Земјата или т.н. Самитот во Рио од пред две децении не е остварена во целост. Тогаш, многу држави, особено најмоќните ветуваа драстично намалување на емисиите на штетните гасови, зачувување на природата и светските шуми, заштита на озонската обвивка и сл. Но очигледно од сето тоа сосема малку е остварено. Затоа не смее веќе да се игнорираат знаците на предупредување, туку под итно човештвото да преземе соодветни мерки да се сочува барем она што може и да се обезбеди некаква иднина за генерациите што доаѓаат!
Извори:
http://green.blogs.nytimes.com/2012/06/06/are-we-nearing-a-planetary-boundary/
http://www.index.hr/vijesti/clanak/dramaticno-upozorenje-22-znanstvenika-unistavamo-zemlju/619553.aspx
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 3989 пати!