9.11.2015
Вистинска чест и задоволство ни е што во среда, на 11.11.2015 година, ИГЕО-порталот го навршува својот 4-ти роденден. Речиси 700 статии, од кои над 200 оригинални и авторизирани. Близу 200 000 уникатни посетители и преку 400 000 посети директно на порталот и уште толку преку нашите партнери, особено Факултети.мк на кој сме му посебно благодарни. Слободно може да кажеме дека ИГЕО стана географски бренд во Македонија. Читан и следен не само во нашата држава, туку и во дијаспората, па и во странство. Тоа, на самиот почеток не можеа да го предвидат ни најголемите оптимисти, а на брзо пропаѓање се надеваа „нашите“ песимисти. Секако, можеше да има многу повеќе статии, вести и информации, но акцентот секогаш ни беше квалитет, наместо квантитет. Оригиналност, наместо чисто преземање на информации од други медиуми. Проверка на факти, наместо бомбастични наслови и текстови.
ИГЕО порталот, во овие 4 години особено внимание посветуваше на уникатните појави, вредности и атрактивности во Македонија, свесни дека голем дел од нас сеуште не си ја познаваат својата држава, која патем е прекрасна. Секако, свесни сме дека има можеби и некои пропусти, ненамерни грешки и недостатоци. Но добро е да се знае дека речиси целокупниот ангажман околу порталот, од техничко одржување, преку објавување и ажурирање на содржини, до помош и поддршка на другите кои сакаат да објават, е на еден човек. А тој еден човек (долу „потпишаниот“) има огромен број и други обврски, околу факултетската настава, теренските истражувања, публикувања на научни содржини, проекти, па секако и домашни обврски. Првичните очекувањата ни беа дека во работата на порталот ќе се вклучат значителен број соработници, каква што всушност беше почетната еуфорија. Гордоста пак е уште поголема, што почетната идеја не згасна, туку напротив. Затоа се надеваме и посакуваме помладите колеги и студенти да дадат свој придонес, бидејќи ИГЕО порталот е за сите географи, но и за сите што ја сакаат географијата, природата, местата, пејсажите, ја сакаат Македонија. Со таа мисла, се надеваме дека ИГЕО ќе дочека уште многу родендени, со нови, интересни и разновидни содржини и изненадувања. А сите вас кои имате нови идеи, предлози и сугестии ве замолуваме да ни помогнете во подобрување на изгледот и содржините. Бидете и вие дел од првиот географски портал во Македонија.
Нека ни е честит роденденот!
Од уредникот, д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4922 пати!
Здраво Професоре Ивица,
Честитки за Вашата годишнината од објавувањето на првата статија на Вашиот портал од името на целиот тим на Факултети.мк.
Како би биле расположени да направиме едно интервју во врска со Вашата веб страна? Контактирајте ме на tamara@fakulteti.mk, го очекувам Вашиот одговор.
Тамара Гроздановски