Колку изнесува „водната“ површина на Македонија?

12.11.2015

хидрографска картаПред неколку дена добивме интересно прашање: колку точно изнесува површината на водните објкети во Република Македонија. Барајќи по географската и друга литература, произлезе дека на ова прашање воопшто не е лесно да се одговори. Имено, првин треба да се дефинира што се опфаќа „водната површина“ на нашата држава. Во некои истражувања и пресметки, опфатени се само големите природни езера, во други, малку подетални, земени се во предвид поголемите вештачки езера, а во најдеталните анализи и помалите езера. Но дури и да се ограничиме на претходно наведените водни објекти, се јавува проблем во прецизирање на вредноста, поради осцилациите на нивото на водата, а со тоа и на површината. Така, во одредени, сушни години, вкупната површина на водните објекти била помала (особено на Преспанско и Дојранско Езеро, вештачките езера и др.). Сепак, за да добиеме колку-толку прецизна просечна бројка, изведовме анализа на серија сателитски и аерофото снимки во висока резолуција (0,5 м – 14,5 м) за повеќе сезони, во периодот 2000-2015 година. Во пресметките се земени во предвид сите релативно постојани водни објекти, со минимални димензии поголеми од 10 м (т.е. 10-20 пиксели со 0,5-1,0 м).

Според користената методологија произлезе дека вкупната просечна површина (за период 2000-2015 година) на сите водни објекти во Република Македонија изнесува 598,5 км кв (2,3% од површината на државата). Од тоа, трите големи езера зафаќаат 482,9 км кв. (80,7%), реките (со тек просечно поширок од 10 м) зафаќаат 31,1 км кв. (5,2%), додека останатите езера (природни и вештачки), зафаќаат 84,5 км кв. (14,1%). Помалите природни езера (главно глацијални), зафаќаат незначителна површина од само 0,58 км кв., а останатите 83,9 км кв. се вештачки езера. Инаку, на деталните сателитски снимки, во наведениот период се појавуваат помеѓу 686 и 754 водни објекти кои претставуваат езера и локви, повторно во зависност од сезоната (сушна, влажна, многу влажна), потоа поради природно или антропогено уништување на некои езера (акумулации; пр. Пишичко Ез.) и локви или изградба на нови акумулации (на пр. Злетовица; Матка 2) и др.

Секако, во зависност од човековите активности, климата, потенцијални хазарди и други фактори, овие вредности и во иднина ќе бидат променливи.

Автор: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *