Истражувањата потврдија: супервулканот Кампи кај Неапол, не така одамна ја „пеплосал“ Македонија. Опасноста постои и денес!

9.11.2015

Група истражувачи од Италија, заедно со авторот на оваа статија, при повеќедневните теренски истражувања низ Македонија во текот на летото, пронајдоа тенок геолошки слој од вулкански пепел за кој се испостави дека потекнува од мега-ерерупцијата на супервулканот Кампи Флегреи. Имено, истражувачката група која главно ја сочинуваа геолози и геоморфолози од Италија, во долината на реката Треска во Порече, на неколку профили утврди слој на вулкански пепел (тефра). Од профилите беа земени повеќе примероци за испитување во лабораторијата на Универзитетот во Пиза, Италија. Се покажа дека материјалот потекнува од една од најсилните вулкански ерупции на подрачјето на Европа во последните 200 илјади години: ерупцијата на супервулканот Кампи Флегреи, пред 40 000 години. Денес, остатоците од овој вулкан, во форма на пространа калдера, се наоѓаат на 20-тина км западно од градот Неапол. Самата калдера (остаток од кратер) укажува колку моќна била ерупцијата. Според податоците од 120 места во Јужна Европа каде е пронајден слој на вулкански пепел познат како Кампаниски игнимбрити (CI), станува збор за вистинска суперерупција со 250-300 километри кубни пепел, кој се распослал на површина од близу 4 милиони км кв. Симулациите на струењата на ветерот, покажуваат дека пепелта формирала слој речиси на целиот простор на денешна Италија, на југ до Малта, на запад до Сардинија, а на исток речиси на целиот Балкански Полуостров, па дури до Турција и Кипар (види карта).

При ерупцијата, во атмосферата биле исфрлени околу 450 илјади тони сулфур диоксид, што предизвикало краткотрајно климатско заладување во овој дел на Европа, за 1-2 степени, во период од 2-3 години, но и појава на кисели дождови. Сето тоа влијаело на растителниот и животинскиот свет, а се смета дека значително било и влијанието на миграцијата на неандрталците и модерниот човек. Дури се смета дека оваа ерупција придонела за изумирање на неандрталците и доминација на современиот човек. Претходно веќе имаше навестувања за влијанието на овој супервулкан, но и на Везув, па и Етна на подрачјето на Македонија, посебно по утврдување на слоеви од вулкански пепел на дното од Охридското Езеро. Сепак, со наодот во долината на Треска, каде за среќа плеистоценските седименти сеуште се добро сочувани и нееродирани, поранешните претпоставки се потврдуваат.

Суперерупција
Распространетост на вулканскиот материјал од суперерупцијата на вулканот Кампи пред 40 000 години.

Последната потврда на слој од Кампаниски игнимбрити во Македонија, ќе има значење за толкување на некои појави на овие простори во минатото (климатско-вегетациски промени, човечки миграции и сл.). Уште поважно е што наодите укажуваат на можни катастрофални ефекти од евентуалните супервулкански ерупции на Кампи, Везув, Етна и други вулкански структури на запад од Македонија (континенталните западни ветрови, носат отровни облаци токму кон овие простори). Тоа особено ако се имаат во предвид прогнозите за нивна голема веројатност во следните 20-50 години. Ерупција од сличен размер би предизвикала огромни „проблеми“ со воздухот, атмосферата и климата над Македонија (секако и над поширокиот простор на Југоисточна Европа), потоа загадување до степен на токсичност на водите, почвите и живиот свет. Стандардното шаблонско сценарио за климатски промени, со само една ваква појава ќе бидат доведени под знак прашалник. Сето ова треба да се земе во предвид од страна на соодветните државни институции, во сценаријата за соочувања со потенцијални природни хазарди.

Вулкански слој
Слоеви од вулкански пепел (тефра) во долината на Треска

Извори: phys.org/news/2012-06-italian-super-eruption-larger-thought.html; G. Zanchetta, M. Bini, I. Isola, E. Regattieri, A. Ribolini, R. Sulpizio, I. Milevski, 2015, New Findings of the Campanian Ignimbrite ash Within Slope Deposits of the Treska Valley. In press.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4990 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *