Истражувачка посета на професори и студенти од Италија на Преспанскиот регион

12.09.2017

Во периодот од 31.08.2017 до 7.09.2017 година, група од десетина професори и магистранти при Департманот за гео-науки на Универзитетот во Пиза – Италија, изведоа повеќедневна теренска посета во југозападниот дел на Република Македонија. Главна цел беше теренска проспекција на брегот на Преспанското Езеро, подножјето на планината Галичица и островот Голем Град. Во екипата беа двајца врвни универзитетски професори и тоа еден од областа на геологија и геоморфологија (Giovanni Zanchetta), а вториот од областа заштита на природните пејсажи (Monica Bini). Исто така, групата ја сочинуваа шестмина магистранти во завршна фаза од своето студирање. За време на нивниот престој во Преспанскиот регион, групата беше придружувана од Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје, кој им обезбеди логистичка помош и насоки за посета на интересни гео-локалитети.

Меѓу главните активности за време на овие повеќедневни истражувања и проспекции беа проучување и картирање на западниот брег на езерото, со регистрирање на одредени остатоци на моренски нанос транспортиран од повисоките делови на Галичица. Притоа беше извршено геолошко и геоморфолошко детектирање на дел од областа, а беа земени и примероци од минерали кои ќе послужат за утврдување на староста на моренскиот и друг материјал во областа. Во рамките на престојот, се изведе еднодневна посета на островот Голем Град со анализа на формите на абразија, потоа неколкуте пештери настанати во клифовите, а особено внимание се посвети на трагите од осцилацијата на езерското ниво. Покрај природните вредности, при посетата на островот бевме изненадени од бројните остатоци на стари градби и археолошки објекти уште од античко време. За време на престојот, беше направена кратка посета и преглед и на источниот брег на езерото, долж подножјето на планината Пелистер, се до најјужната точка Маркова Нога. Освен моќните флувио-глацијални наноси и плавини по долината на Брајчинска и Кранска Река, извонреден впечаток оставија селата во овој простор, како што се: Брајчино, Љубојно, Долно Дупени, Претор и др.

Според укажувањата на гостите од Италија, истите беа презадоволни од посетата и од она што го видоа во овој дел од Република Македонија. Во таа смисла, веќе отпочнавме со првични подготовки за посета на поголема група на професори и студенти од Италија, Германија, Швајцарија во текот на идното лето, секако со можност за вклучување на колеги и студенти од Институтот за географија при ПМФ во Скопје. Со тоа, овој теренско-истражувачки настан би добил меѓународен карактер, а тоа нешто пак, ќе придонесе и за значително поголема меѓународна туристичка промоција на овој преубав езерски регион.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 3909 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *