Изработени современи дигитални и печатени туристички карти за општината Липково

17.09.2017

Во изминатиот едногодишен период, во рамките на IPA CBC (Cross-Border-Cooperation), општината Липково го реализираше проектот “Think nature, water and culture – be an EU tourist”, кој има за цел промоција на одржливиот туризам и на природните вредности. Во рамките на проектот, покрај останатите активности, изработени се современи дигитални и печатени туристички карти за подрачјето на општината. Картите се изработени во различна големина: од ѕидни со А0 формат, преку А4 инфо-карта, до туристичка карта во форма на разгледница. Поголемите карти се работени во две варијанти и тоа едната двојазично на македонски и албански јазик, а втората само на англиски јазик. Разгледниците пак, од практични причини се изработени само на англиски јазик.

Според целите на проектот, големите А0 карти ќе бидат поставени на табли на маркантни места при влезот во општината и низ самата општина. Инфо-картите во А4 формат ќе бидат достапни на заинтересираните туристи и посетители, а слично е и со картите-разгледници. Сите три формати на карти се работени со посебна дигитално-софтверска технологија, користејќи ги најновите достапни сателитски снимки и дигитални модели на релјефот во средна и висока резолуција (5 до 0,5 метри). Со помош на овие извори на податоци извршена е идентификација, векторизација или растеризација на картографските содржини: изохипси, речна мрежа, шумски површини, пасишта, патна мрежа, населби и др. Туристичките содржини се внесени според податоците доставени од општина Липково, потоа од разни картографски извори, но особено значење имаа теренските проспекции и претходни истражувања од страна на авторот. Картите се изработени со користење на повеќе софтверски пакети, како што се qGIS, ArcMap, Global Mapper и последната верзија на SAGA GIS. Во самата постапка, водена е сметка за географската точност на содржините, рамномерен приказ, добра прегледност, визуелна репрезентативност и читливост на натписите и симболите. Инаку, идејната замисла и методологијата за изработка на картите беше на д-р Ивица Милевски, а техничката реализација на Петар Трајков и Моника Андрееска, дипломирани географи на насоката ГИС, на Институтот за географија, чии знаења и вештини беа од голема помош. За проектната организација и следење на активностите беше задолжена фирмата БДС-консалтинг од Скопје, додека за квалитетното печатење и доставување на картите се погрижи реномираната куќа Тримакс Картографија, исто така од Скопје.


Се надеваме дека ваквите современи печатени и дигитални туристички карти ќе придонесат за подобра информираност за уникатните туристички ресурси на општината Липково, а со тоа и до поголема посетеност на истата. Инаку, бројни општини и региони во Република Македонија, сеуште немаат туристички карти во дигитален или интернет/ГПС формат, со сите значајни атрактивности од интерес на потенцијалните посетители (некои карти се веќе застарени, со недоволно податоци и традиционален приказ). Во таа смисла, неопходно е повеќето од општините и регионите кои тежнеат кон развојот на туризмот, да пристапат кон изготвување на технолошки современи, добро осмислени и репрезентативни дигитални туристички карти.

Подготвиле: Ивица Милевски, Петар Трајков и Моника Андрееска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *