Шаркова Дупка – мала, но интересна туристичка пештера кај с. Маврово

4.02.2017

Пештерата Шаркова Дупка се наоѓа во националниот парк Маврово, во близина на последните куќи од селото Маврово. Од асфалтниот пат, до влезот во пештерата има неколку минути пешачење по безбедна патека со скалила. Пештерата е уредена за посета на туристи, а заради заштита на нејзината раскошна внатрешност, на влезот е изѕидан дел со метална врата. Пред влезната врата е поставена инфо-табла со скица и основни информации за пештерата. Инаку, откриена е пред повеќе децении од страна на локалното население кое што тогаш се плашело да влезе во неа. Според една од приказните поврзани со пронаоѓањето на пештерата, селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата, прв собрал храброст. Тој исекол неколку дрвја, ги спуштил во дупката и со јажиња со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Така пештерата го добила името Шаркова Дупка. Подоцна, повеќе спелеолози влегувале во пештерата и вршеле истражувања.
Влезниот дел на Шаркова Дупка е доста стрмен, скоро вертикален (јамски) со длабочина од близу 20 m. Овој дел е уреден и обезбеден за посетителите со посебни метални скали кои се спуштаат до дното на јамскиот дел. Од тука, веднаш се проширува голема пештерска сала (галерија) во должина од 25 m, широчина од 10-18 m и височина до 12 m. Салата е исполнета со разновиден пештерски накит: сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови, драперии и др. Освен што имаат извонредна и најразлична форма, пештерските украси се уникатни по црвеникавата боја, која потекнува од присуството на железо во почвата и карпите над пештерата. На дното на салата има и мало басенче со вода кое дава восхитувачка убавина на целиот подземен амбиент. Странично има тесен отвор што води во уште две пештерски сали кои сеуште се недостапни за туристи. Инаку, температурата во пештерата е константна во текот на целата година и се движи меѓу 5 и 8 степени Целзиусови. За подобро доживување, целиот простор е осветлен со рефлектори.


Во Шаркова Дупка има разновиден животински свет: лилјаци, пајаци, гуштери, разни видови инсекти. Пештерата е отворена за посета на организирани групи и е идеална локација за организирање на едукативни – образовни ексурзии. За уште подобро туристичко искористување на пештерата Шаркова Sarkova-DupkaДупка, потребно е да се изработи интернет-презентација со можност за онлајн букирање на посета. Исто така, добро е со влезниот билет да се добие разгледница од пештерата (обична или 3Д разгледница), со цел нејзина поголема промоција. Добра би била можноста за купување на сувенир поврзан со пештерата (во форма слична на сталактит, пресек на кристал и сл.), што би имало промотивно-финансиски ефект. Потребно е подобро означување на пештерата и нејзино внесување во туристичките мапи. Добро би било да се уредат и останатите две сали, со оглед на тоа што располагаат со преубав пештерски накит.
Во околината на с. Маврово има уште две пештери, кои за разлика од Шаркова Дупка не се уредени за посета на туристи. Пештерата „Пеш“ се наоѓа на еден km од селото Маврово во правец кон Галичник, во Мавровската шума. Голема пештера се наоѓа во Старо Маврово, кај некогашниот каменолом на гостиварски „Мермери“. Со минирањето на мермерните блокови влезот бил затрупан. Двете пештери треба да се отворат и да се уредат, што ќе биде вистинска атракција за посетителите. Маврово ќе биде познато не само како скијачки центар, туку и како место подземни убавини.

Извор: http://www.utrinski.mk/?ItemID=ADB9A645ED254044B12FC20CDA16BBE2

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6613 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *