Халштат – бајковито австриско село

Приказната за малото селце Халштат почнува многу одамна, дури од праисторијата, стара повеќе од 7000 години. Ако некој малку истражил и имал фокус за ова место, сигурно открил дека почетоците се длабоки наназад од старо бронзено време од кога датира рудникот за сол и експлоатацијата на сол. Називот на местото има историја која научниците исто така ја поврзуваат со солта т.е. дека Халштат значи „место за сол“, а коренот на зборот лежи уште кај старите Келти. Халштат лежи на истоименото езеро и местото е толку мало што овде живеат само 700 жители. Како и да е – Халштат е привлечно место за туристи од цел свет, до таа мера што кинезите направиле копија на местото во Кина со вештачко езеро и му се восхитуваат со чувство како да се на Алпите во Халштат.Зошто Халштат е толку привлечен? Затоа тоа што датира од 6 век, градбите, куќите, црквата, акмбанеријата..се е автентично од тогаш, па дури и рудникот. Токму поради тоа е на листата на УНЕСКО – како светска оставнина. Привлечен е и поради природната убавина и староста. Лежи еднострано распослан над брегот, на 511 m надморска височина, има една главна улица и на неа се случуваат сите движења, a тука се и неколкуте кафетерии, пивници, ресторанчиња и двете плоштадчиња. Има тесни пешачки патеки и скалила, а пешачка патека на самиот брег нема. Ако го посетите местово во ек на сезона (мај – септември), мислам дека и туристите не можат да се разминат на толку мал простор, затоа е опција Халштат да се посети надвор од гужвите. Градбите се стари со дрвени прозорци, стари масивни врати, и со дрвени детали. Дрвото е темно и по претпоставка не се обновува за да се задржи автентичноста, или само на места каде е потребна интервенција. Цвеќињата се неодминлив декор на секој прозорец, балкон и пред секоја врата. Тоа е белег на местово и пријатно е за очи.Она што овде најмногу би можело да ве привлекува е езерото Халштат. Може да изнајмите чамец, да се повозите половина или еден час, за глетката и од водената страна да ви биде комплетна. Убав е впечатокот особено што придружбата е од страна на бели и црни лебеди кои живеат во езерото и се посебен езерски декор.

Пештерата на мразот е следното нешто што овде треба да се види. Според официјални податоци таа е откриена 1910 година, импресивна е со замрзнатите водопади и со најразлични формации и фигури од мраз. Отворена е за посетители од мај до октомври, има туристички водич кој ве води во нејзината внатрешност речиси еден час, со посочување детали за нејзината историја.Рудникот за сол е најклучниот белег во Халштат, кој е рангиран за најстар рудник во светот (7000 години). Дел од него денес е адаптиран за туристичка посета и морам да кажам дека е многу интересен концептот како е претставен неговиот историјатот. За да стигнете до рудникот мора да се качите на електричните вагонети кои ве носат високо на планината. Таму има видоковец од каде има фасцинантен поглед кон езерото, а потоа имате уште 1,5 km по пешачка патека за да стигнете до целта. Кога ќе стигнете на планината, најнапред ви даваат соодветни униформи за да влезете во рудникот, ве запознаваат со фазите како ќе тече посетата во етапи и влегувате во првиот тунел над кои стои натписот „среќно“. Се движите пешки во тунели со различна висина и ширина, имате кратки историски црти презентирани од водичот. Потоа, долу во рудникот има сала во која следи 4D-анимација дирекно проектирана на карпите, за почетоците на копање на солта уште од бронзено време, па низ вековите. Па спуштање по дрвени лизгалки кои денес се туристичка атракција, ама на нивно место биле старите во многу потесни тунели отколку што се сега. Иста 4D-анимација има и на соленото езерце. Потоа влегувате во уште една зона каде се презентира историскиот развој, за на крај да се возите по шини со дрвени вагончиња. Турата трае околу 2-3 часа.Црквата Св. Михаил со капелата е централна мала црква во Халштат која датира од 17 век. Во дворот, до самата црква е и капелата, а пред капелата се гробиштата. Тие се од времето од кога датира и црквата, иако се користат и сега за жителите на ова село. Белегот е што има дрвен крст со заштита како мал кров и таму се наведени податоци на починатиот.  Капелата има 1700 черепи на покојници, така се одлучило да им се сочуваат коските зошто многу малку гробни места има во дворот на црквата. Тие заедно со црквата се дел од туристичките места за посета во Халштат. Можеме да сумираме дека Халштат е бајковита приказна, која е вредна за посета.

Напишала: Софија Вуловска

Оваа статија е прочитана 265 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *