Преубав град во централна Шпанија, каква што всушност е и целата држава, движејќи се од север кон југ и од исток кон запад. Град кој од прв впечаток ви се лепи за срце. Пространство, ширина, чистота, раздвиженост, динамика 24 часа без прекин, такси возилa, шпанска музика. Тоа ми беа првите впечатоци за градов уште во првиот час од престојот. Мадрид е град во кој може да пиете кафе, да јадете, да шетате милениче, да се забавувате, буквално 24 часа без прекин затоа што динамиката што ја поседува градот во текот на денот, е иста и во текот на ноќта.
Вториот впечаток за овој најголем и главен град на Шпанија, а и трет по големина во Европа по население и по површина (после Лондон и Париз) е дека фасцинира со оставина од средновековието, со архитектура, културно наследство, со уметност, со Атлетико и Реал Мадрид, сите сегменти активно негувани и развивани од почетокот на 16 век – кога кралот Филип II тогашната престолнина ја преселил од Толедо во Мадрид – па така е до ден денес. Мадрид е космополитски, туристички, административен, политички град, седиште на Владата и на Кралот. Град кој глобално влијае на трговијата, модата, културата, уметноста, образованието и спортот во светот, особено што е моќен по културните, уметничките и спортските активности. Главниот град на Шпанија е исто така познат по ноќниот забавен живот.Кога престојувате во Мадрид нема да можете да се наситите од него. Кога ќе ја дополните сликата со убави и дотерани луѓе во вашето опкружување, кога газите по беспрекорно чисти улици, кога и со безброј возила нема загаденост на воздухот, туку чист воздух, кога од зеленилото и дрвјата нема лисја (а важи за еден од најзелените градови во Европа) – тогаш се прашувате како во нашето мало државиче никогаш и ништо не може да се регулира, да функционира и да се одржи.
Она со кое фасцинира и воодушевува Мадрид, се неколку знаменитости, и тоа:
- Музејот Прада – датира од почетокот на 19 век и кој е вистинско богатство за Шпанија и пошироко. Се разбира, ова е музеј кој ја поседува највредната колекција уметнички предмети во светски размери кои се 35000 на број вкупно. Импозантно. Всушност, не е во прашање само бројката, во прашање е и моментот што од таа уметност добивате толку убав впечаток за времето во кое живееле уметниците и тоа комплетно со сите можни детали. Зборуваме за ненадминатите дела на врвните мајстори на уметноста: Ел Греко, Тицијан, Гоја, Караваџо, Рафаел, Веласкез, Дирерми многу други. Раскош, убавина и богатство на уметничка поставка која Ве збогатува на необичен начин.
- Ел Ретиро Парк – најголемиот зелен парк во Мадрид кој му припаѓал на кралот, т.е. на шпанската монархија до крајот на 19 век, додека не го прогласиле за јавен отворен парк. Воодушевува со површината, уреденоста, зелениот појас, фонтаните водопадите, езерцата, ботаничките градини и сл. Особено е интересен во летен период кога во него се случуваат уметнички, забавни, ликовни и музички содржини и перформанси. Во секој агол од паркот има прекрасно уредени барови, кафетерии и мини ресторани, така што секој може да си земе оддишка после прошетка, џогирање или брзо пешачење.
- Стадионот на Реал Мадрид (Santiago Bernebau) е вистински музеј, затоа оваа факултатива влегува во агендата на сите туристички понуди. Историјатот на клубот е прикажан на фасцинантен начин од почетоците до денес, влегувајќи од една во друга просторија со видео бимови, со телопи на кои одат слики и текстови за соодветна година на успех, натпревари, освоени трофеи, изјави, итн. Седнувате на кожните фотелји каде седат тренерите за време на напреварите, или пак се сликате на подиумот каде фудбалерите даваат изјави по завршена утакмица. Импозантна е глетката кога ќе се качите на највисокото ниво на стадионот и кога пред вас се пружа целиот фудбалски терен кој го одржуваат армија од луѓе. Така ја доживувате историјата на клубот, за на крај да дојдете во шопинг зоната и да купите некаков сувенир за спомен од неприкосновениот Реал Мадрид.
- Плаза де мајор (Главниот плоштад) – голем плоштад во срцето на Мадрид и централно јавно место за собирање. Се знае дека овој плоштад, на ова место е првпат изграден кон крајот на 15 век, потоа сигурно низ вековите се менувал, дополнувал и видоизменувал. Иако и денес ја има истата намена: да ги собира луѓето, да пазаруваат, да седнат на пијалак или на јадење, да се видат и да поразговараат, да споделат некој јавен настан и да биде посетен од туристи. Околните објекти се видно изреновирани и одржани, но датираат од далечни векови.
- Кралската Палата – е официјалната резиденција на шпанското кралско семејство во која денес се одржуваат само државни церемонии. Ова е најголемата кралска резиденција во Европа по функционална површина и по број на соби. Ако сте турист во Мадрид задолжително мора да ја посетите, но со однапред направена оn-line резервација за билет или да си купите на лице место. Се знае дека е почната со градење во 1735 година. Внатрешноста на собите, салоните, собите за тронската круна, трпезариите за ручање и за вечери, за балови и за настани – секоја е приказна за себе. Оваа палата воедно е музеј, со уметнички вредности што ги поседува: делата на Караваџо, Гоја, Веласкез и др.; со префинети и скапи материјали кои се користени во собите, сите предмети кои се оригинали и дел од нив датираат од 16 и 17 век. За историјата на овој дворец има многу информации, но едно е сигурно: ваква вредност не може да се прераскаже, мора да се доживее.
Иако е долта листата на знаменитости со кои може да се пофали Мадрид, во овој прилог би ги спомната и Ботаничката кралска градина, Puerto del Sol, Археолошкиот музеј, Гран Виа, Меркадо Сан Мигуел и Фламенго.Пребогат е Мадрид со културна оставнина, со вредности и раскош. Цивилизациските придобивки на стариот континент почнуваат од двете најстари држави Шпанија и Италија. Што да се каже понатаму, освен препораката: секој што има можност, време и пари – никако не смее да ја пропушти оваа волшебна и магична престолнина, како и самата држава во сите нејзини покраини и со сите нивни специфики.
Напишала: Софија Вуловска