Малта е островска држава во Средоземното Море која уште од 16 век била стратешки важна за Фениќаните, Картагинците, Римјаните, Грците. Сите освојувачи или војувачи оставиле по некој свој белег на островот и токму тие белези денес ја прават Малта привлечна, интересна и единствена. Инаку во 1813 година таа станала Британска колонија при што британското кралство добило база за бродовите и конекција на медитеранот.Малта е сончев и топол остров во текот на цела година. Островот и во зимските месеци е со температури не пониски од 22 Ц степени и затоа е одлична дестинација и избор за многу туристи ширум светот од ноември до март. Просторно многу концентрирана со објекти, речиси и да нема празна површина на островот, но сепак, многу е мала, а брои верувале или не 68 општини.Мојата посета на островов беше во декември, а чувството ми беше како да почнува пролет. Времето беше сончево со темепература од 24˚C, малку ветровито, би рекла идеално за прошетки и посета на сите места кои ги нуди Малта. Во летните месеци е многу „напорно“ да се биде на островот од причина што има премногу гужва од туристи на мал простор, многу влага и многу високи темеператури. Бев сместена во хотел во познатото место Сљиема на само 2 km од главниот град Ла Валета. Она што е особено привлечно е тоа што во само два дена со Хоп Оф-Хоп Он автобуси можете да ги разгледате сите туристички знаменитости во северна и јужна Малта и притоа да бидете воодушевени. Имате избор за крстарење со отворен туристички брод при што го разгледувате копното од вода. Во факултативите се и посета на двете најголеми плажи на Малта и атракцијата „селото на Попај морнарот“. Тоа значи дека добро може да се изорганизира посета на Малта, но за да уживате во локалните ресторани и кафетерии покрај море, да уживате по плажите, да го почувствувате ноќниот живот, секако ви е потребен малку подолг престој од два или три дена. Летен одмор на Малта веројатно е друга димензија, бидејќи песочни плажи речиси и да нема, најголем дел се карпести плажи, освен две, подолу споменати. Па така, на прилично високи температури и во големите гужви тој период ќе мора да се возите со автобуси за да стигнете до Блу лагун (Blue lagune) или до Голден бич (Golden beach) кои се преплавени од луѓе.На кратко за најинтересните места на Малта:
Ла Валета – белегот на Малта, оставнина од далечните антички времиња, со тврдината која се издига над морето. Затоа е таа на листа на УНЕСКО според некои вредности што ги поседува. Има и медитерански и ориентален дух и денес, зашто тука се испреплетувале многу цивилизации, не само според архитектурата, туку и според храната. Дневната шема и ноќниот живот најмногу се случуваат во главниот град, тука е и најголемата концентрација на кафулиња, барови, ресторани, настани во текот на летната сезона, луксузни продавници, итн. Најатрактивните факултативи на островот се токму тука: Претседателската палата, Националниот музеј, Катедралата Св. Јован, Пристаништето и многу други.Гозо – најидиличното островче на Малта, привлекува со азурните плажи, со руралните селца, со традиционалната храна. Виториа e главната цел на Гозо, каде секој турист сака да го посети.
Мдина – е со најсочувана античка структура и со барокна архитектура на Малта.
Марсахлок – рибарско селце кое нуди свеж пазар на морски риби и плодови, укотвени традиционални дрвени чамци со кои се лови рибата, ресторанчиња покрај брегот кои нудат можност веднаш да се вкусат приготвените морски плодови.
Селото на Попај – мало местенце изградено за потребите за снимање филм за Попај, а сега е за туристичка намена и го посетуваат сите туристи кои се на Малта. Комплексот е со околу 20-тина куќички изградени од дрва, увезени од Холандија. Тука можат да се организираат родендени и венчавки, како што ни кажаа, зошто местенцето нуди несекојдневен амбинет.
Напишала: Софија Вуловска