14.01.2012
Вообичаено се смета дека островот Голем Град во југозападниот дел на Преспанското Езеро е единствениот остров во Република Македонија. Меѓутоа, тоа е сосема погрешно. Всушност, Голем Град е само најголемиот остров во нашата држава, бидејќи има уште десетици други острови по реките и вештачките езера, а некои од нив се исто така доста интересни.
За островот Голем Град доста е пишувано и кажувано. Тој се наоѓа близу граничното тромеѓе помеѓу Македонија, Албанија и Грција, 2 км оддалечен од полуостровот Коњско, а 4 км од истоименото село. Должината на островот во правец север-југ е точно 700 м, додека широчината во правец запад-исток му изнесува 450 м. Бреговите на островот се доста стрмни и претставуваат типични клифови високи до 30 м, формирани со долготрајно дејство на езерските бранови врз варовничките карпи. Единствено на неколку места брегот поблаго се спушта кон езерото и тука е можен лесен пристап. Вкупната должина на бреговата линија изнесува 1,8 км, додека пак вкупната површина на островот е 0,22 км кв. или 22 хектари. Највисоката точка на островот е 900 м н.в. или 50 м над езерото и се наоѓа во североисточниот дел. Денес островот е ненаселен, но е извонредно богат со ендемски растенија, бројни видови на влечуги и птици, различни заедници на животни, потоа бројни остатоци од објекти, записи и наоди кои зборуваат за долгите векови на населеност на островот. Поради големиот број на змии на островот, Голем Град уште е познат како Змиски остров. Инаку, севкупните природни карактеристики, како и вредните културно-историски и археолошки објекти се причина што овој остров е прогласен за строг природен резерват. Од 2008 година, Голем Град е уреден и отворен за посета на туристи, кои го посетуваат во се поголем број и заминуваат со прекрасни впечатоци.
На другите природни езера во нашата држава нема острови, но затоа пак има по еден помал остров на Тиквешко Езеро и на езерото Калиманци. Овие острови настанале пред 40-50 години со потопувањето на теренот, по изградбата на браните со кои се преградени долините на Црна и на Брегалница. Од нив поголем е островот на Тиквешкото Езеро, наречен уште Градиште. Се наоѓа во северниот дел на езерото, западно од с. Ресава. Најмалата оддалеченост на островот од брегот (кон исток) изнесува 120 м. Островот има неправилна квадратна форма, со широчина од 140 до 160 м, површина од 2,3 хектари, додека најголемата височина обично е околу 20-30 м, што зависи од нивото на водата во Тиквешкото Езеро. Највисоката точка на островот е на 286 м и се наоѓа во средишниот дел. Вкупната должина пак на бреговата линија е околу 550 м. Островот Градиште е покриен со густа, претежно нискостеблеста и дрвенеста вегетација, со повеќе видови на птици, влекачи и други животни. Покрај врвот можат да се забележат одредени остатоци од стара градба, поради што и името Градиште. Инаку е слабо посетен, освен понекогаш од рибари, излетници и авантуристи. Островот во Калиманското Езеро се наоѓа во средишниот дел на езерото. Изразито е издолжен во правец североисток-југозапад, со должина од 290 м, широчина од 75 м, додека височината му е од 15-25 м, во зависност од нивото на водата. Од брегот е оддалечен околу 100-150 м. За разлика од островот Градиште во Тиквешкото Езеро, овој остров, поради големите флуктуации на водата во езерото, често се поврзува со копното и краток временски период претставува полуостров. Инаку е покриен со дрвенести стебла и ретко е посетуван од луѓето.
Во Република Македонија има и 10-тина, за наши услови поголеми речни острови или ади, настанати со наталожување на речен нанос на погодни места. Најмногу речни острови има на Вардар низводно од Скопје. Едно од најголемите е адата кај с. Ѓавато, северно од Гевгелија. Ова острово е издолжено околу 420 м во правец североисток-југозапад, додека широчината му изнесува околу 130 м. Составено е од ситен речен песок и претежно оголено. Единствено на западниот дел од островот има тревна и грмушеста вегетација. Осторовото е посетувано од рибари и капачи, главно во летниот дел од годината. При високо ниво на Вардар, значителен дел од островот се поплавува, со оглед на тоа што најголемата височина му е само 3 м. Посеверно, кај с. Јосифово близу Валандово, со прокопување на нов речен крак на Вардар заради заштита од меандрирање, создадени се два големи речни острови, долги до 500 м, а широки до 250 м. Островите имаат полумесечест изглед, а нивната најголема височина достигнува 5 м. Покриени се претежно со тревна и грмушеста вегетација. Неколку доста интересни речни острови има во Демиркаписката Клисура, северно од с. Градец. Тие се тесни, издолжени во правецот на течење на реката и покриени со дрвенеста вегетација, што значи дека се многу „постабилни“ на засипување, поплавување или други промени. Најголемиот од нив е во средишниот дел на клисурата. Тоа е и еден од најголемите речни острови во Македонија. Должината во правец северозапад-југоисток му изнесува 550 м, најголемата широчина му е 115 м, а најголемата височина 5 м. Должината на бреговата линија на овој остров изнесува дури 1,3 км, а површината му е 4 хектари. Има интересна, густа дрвенеста вегетација и богат животински свет. Обично е посетуван од рибари. Два големи речни острови, долги околу 300-400 м има и помеѓу селата Криволак и Пепелиште. Северно, кај с. Уланци има уште еден голем остров, настанат со пресекување на меандерот на Вардар, при што реката создала уште еден ракавец и се формирал остров. Неговата должина му е 490 м, додека широчината 140 м. Од двата брега на Вардар е оддалечен 10-25 м. Островот е под тревна и дрвенеста вегетација и доста посетуван од локалното население, особено во летниот период. Кај Велес исто така има неколку мали острови кои се наречени Адето, Јани Таш и Карпа. Нешто поголемо е островото кај Башино Село долго 410 м и широко 100 м. Неколку други, мали острови има и на Пчиња, Брегалница и Црна. Некои од нив се типични ади или пак пресечени меандри. Главно ги посетуваат рибари, излетници и капачи во летната сезона.
Според тоа, во нашата држава има барем околу 20-30 острови, од кои најголем е островот Голем Град во Преспанското Езеро. Покрај него, карактеристично е и островото Градиште во Тиквешкото Езеро, на кое има остатоци од стари градби. Исто така, многу интересни се и неколкуте големи речни острови во низводниот тек на Вардар, прекриени со густа крајречна вегетација и разновиден жив свет. Меѓутоа, освен за Голем Град, за другите острови нема да сретнете речиси никакви податоци, иако без оглед кој остров од наведените ќе го посетите, веројатно ќе имате прекрасно и незаборавно доживување.
Автор: д-р Ивица Милевски, Институт за географија, ПМФ, Скопје
Статијата е одлична Професоре, има само еден детал околу Голем Град, дека е змиски остров = најголема антикампанја за овој остров, кој е светска убавина, или како јас би ја нарекол Out of Space. Не негирам дека има змии ама сето тоа ми дава шарм, ѓи нема во толкав голем број како што се кажува, најголемиот број од нив се водени и неотровни, сето таа антикампанја со змиите негативно влијае за туристичката валоризација на овој остров, кој навистина заслушува да биде посетен. Имено до сега не се случило некој да биде каснет од змија, и јас како многу чест посетител на овој остров. Имено, во североисточниот дел на островот, преку еден тесен отвор се влегува во мало пештерско езерце под островот кое е феномен и има работа на него. Инаку островот никогаш не бил населен од екуменски тип, но често, особено во стариот и средниот век, монасите кои барале душевен мир се населувале во островот, доказ за тоа се големиот број на ранохристијански базилики, како и единствената црква во островот која е здрава. Во островот се влегува само преку 3 влезови, каде клифовите се поблаги, од која само западниот е во употреба и не е обрасната со вегетација. Интересно е да се спомне и обновената цистерна во југоисточниот дел на островот, кое претставува една канализациско дно, каде атмосферските води површинско течејки и филтрирајќи се се акумулирале во цистерната, бидејќи особено во зимскиот период монасите не многу често слегувале по вода до езерото и многу почесто ја користеле водата од оваа или другите цистерни. Благодарам на разбирањето, Поздрав од Ресен, Џемал Мехмед
Благодарам на вашето дополнување кое е доста интересно! Голем поздрав