Санторини – најромантичниот остров на Егејско Море

Островот Санторини е многу посетена туристичка дестинација, но и место кое се избира за свадбено патување, венчавки со незаборавна фотосесија, за истражување, одмор и уживање на песочните плажи. Санторини за многумина е фокус на интерес поради уникатноста на белите автентични куќички градени како контраст на темните вулкански карпи, сините кровови, црквите, луксузните хотели со каскадни базени, поради Фира и Оја, градовите кои овозможуваат поглед со најспектакуларните залези на сонцето, поради ветерниците, јавањето магариња по стрмните скалила и тесните калдрмени улички, топлите сончеви денови во текот на целата година, итн.

Санторини е остров во групата Киклади. Се наоѓа пред големиот остров Крит, кој го означува преодот кон Средоземно море. Се претпоставува дека името му потекнува од поврзувањето на латинските зборови „Света Ирина“ (Sent Irini), а грчкиот назив за островот е Фира.  Островската групација Санторини ги вклучува истоимениов остров како најголем, а потоа Тиразија, Аспрониси, Неа Камени и Палеа Камени кои ја сочинуваат купата од потопен вулкан кој на површината наѕира токму со овој кружен венец островчиња. Санторини е мал остров,  со должина од само 18 km, со најголема ширина од 12 km. Тој е впрочем огромна вулканска карпа, висока 565 m над површината на водата. За Санторини се вели дека е „заспан“ во активен вулкан. Неговата последна ерупција била во 1950 год., а регистрирани се одредени промени и во 2012 година. Од вулканолошка и геолошка гледна точка може многу да се зборува за овој остров. Островот е сув, карпест, во зони песоклив и овде нема голема населена ниту обработлива површина, а и на таа што е малку, виреат само одредени култури: одредени сорти  грозје – затоа и дегустацијата на вино на овој остров е една од клучните атракции. Се вели дека островот нема природен извор на вода, затоа водата за пиење е флаширана, донесена по морски пат и од таа причина е поскапа по маркетите отколку во други делови и острови во Грција.Околу 80 % од туристите на овој остров пристигнуваат со авион, а помал е процентот на оние кои пристугнуваат со брод. Некои туристи го посетуваат кога се на крстарење по Егејско или Средоземно море. Јас, пак, Санторини го одбрав за летен одмор и нашиот избор беше пат со возило до Атина, а потоа со брод од Переа до Санторини. Станува збор за огромен брод-траект на 9 ката, со кабини за спиење, со паркинзи на 4 нивоа, ресторани, кафетерии, забавни игротеки, итн. Се плови од 10 до 12 часа, зависно која компанија ќе ја одберете и на колку острови патем ќе застане бродот. Пловењето со брод има своја убавина и ви ја нуди единствената можност во зори да го гледате изгревањето на сонцето. Пред стигнување до целта, кога ќе ја здогледате кафеавата вулканска карпа со црвеникави нијанси на која на врвот на површината и се белеат каскадните градби, ќе доживеете неповторлива пејзажна глетка. Бродот делува минорно во однос на нејзината импозантна висина. Импресивна е првата средба со островот. Кога ќе се симнете од брод, пред вас е мало пристаниште, до толку мало, што возилата се контролираат од брод зашто на копнената површина нема доволно простор за сите. Едно зад друго возилата почнуваат да се качуваат по стрмниот серпентинест 3,5 километарски пат, нималку пријатен за возење. Кога ќе се искачите горе – ви почнува авантурата наречена Санторини. Tуристичкото сметсување на островот се најчесто апартманите и хотелите покрај големите плажи, а доколку се сакате поголем луксуз, изборот е во скапите карпести хотели со каскадни базени во Фира и Оја со преубави погледи кон морето и залезот на сонцето.

Фира е главен град на Санторини, во кој најмногу се концентрирани белите фасади со сини кровови и прозорци. Белината помага да се поттисне жештината во летните месеци, сините кровови и прозорци доаѓаат како украс на објектите, а декорот го прават ползавците со истурени крупни розови цветови – типични за грчкото поднебје. Тесните улички, поплочени со стари, мазни камени блокови, се контраст на белината, и обострано низ нив се нижат сувенирници, кафетерии, традиционални таверни, ресторани и река од туристи од целиот свет. Магично е кога седите во некој ресторан или кафетерија со поглед кон морскиот хоризонт особено на зајдисонце. Не се опишува моментот кога има зајдисонце – тоа е момент кој се доживува. Сите туристи на островот се собираат на Фира и Оја после 18.00 часот да го гледаат овој спектакуларен чин. Видиковци има на повеќе локации од западната страна на островот и после пладне сите туристи се слеваат во тој правец да направат незаборавни фотографии и да создадат спомени.Оја е исто толку спектакуларна и убава како Фира, ама е помала. Туристите и овде се наоружени со професинални и полупрофесионални апарати и во фокусот на зумот им влегува само најубавиот спомен од Санторини. Во споменот влегуваат и црквите на островот, кој велат ги има околу 70. Легендата вели дека сите морепловци граделе верувајќи дека ќе бидат заштитени од Бога при пловидбите, а втората легенда е дека жените граделе цркви кога ги испраќале мажите на пловидба и се молеле да се вратат живи и здрави. Највпечатлива е катедралата Св. Јован, која се смета дека е изградена 1204 год.

Големите плажи на Санторини се уникатна димензија и секоја е со своја убавина:

Црвена – името го добива зашто е препокриена со камчињата и песокот кои се талог од ронливиот дел на вулканската црвена карпа, а таа се издига над самата плажа. Необична е и убава токму поради црвенокафената боја. До неа се стигнува со возило кое го паркирате на простран паркинг кој е единствен. Потоа се симнувате по самата карпа, по патека која не е поплочена, туку е козја, со правлива црвеница, природна патека од каде има убав поглед кон морето. Плажата не е урбана, нема лежалки, нема барови и ресторани, туку е природна и автентична.Црната плажа – ја карактеризираат местата Периволос и Периса и е најдолга и најширока на островот. Покриена е со ситен вулкански црн камен, според кој го добива и името. Во еден дел е урбана, со лежалки, барови, шанкови и е со идеален распоред на лежалки, така што туристите не се оптоварени едни со други и нема гужва. Морето овде е чисто, провидно, но длабоко. Треба да внимавате до која длабочина одите, затоа што не е обележано. Покрај самата плажа е шеталиштето кое се протега по целата должина, со многу таверни, кафулиња и места за дегустација на вина од локалните сорти грозје комбинирани со локалните вкусови храна.

Белата плажа е со бел покрупен камен, над која се издига бела карпа и има некако смирувачки амбиент. Тивка е, доколку не дува ветер. Во спротивно, бучавата ја прават високите бранови кои удираат по белите камења и се свиваат во нив. Ова не е плажа со премногу барови и со забава на вода. Има лежалки и чадори за сонце на мал дел од плажата, и истите се наплаќаат, дел од неа е природен, недопрен, нема сенки, затоа туристите ја посетуваат после пладне и уживаат до заоѓање на сонцето.

Локалните таверни со понуденото традиционално мени и локалните вина се задолжителна комбинација со прошетките и плажите. Санторини нуди и дневни забави на плажа, како и ноќни забави, со што имате заокружена понуда на островот иако е мал. Санторини е единствен и уникатен по вулканскиот релјеф, структурата, изгледот. Сличен остров на него не постои ниту во Грција, ниту на друго место, затоа посетете го Санторини и создадете вредни спомени.

Напишала: Софија Вуловска

Оваа статија е прочитана 329 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *