22.05.2012
Добиените податоци од сателитот Енвисат покажуваат дека вулканскиот остров Санторини во Грција покажува знаци на зголемена активност. Инаку, овој остров е место каде се случила една од најсилните вулкански ерупции во историјата и тоа пред околу 3600 години. Геолошките записи за последните милион години покажуваат една динамична и континуирана вулканска активност, при што последната се случила во 1950 година (1). По повеќе од половина век мирување, сателитите утврдија зголемување на активноста и одредени „раздвижувања“ на островот. Тоа го потврдуваат и неколку американски научници врз основа на контролните станици на самиот остров. Анализата на промените во положбата на 20-те прецизни ГПС станици, покажуваат дека серијата на земјотреси и деформации започнала во јануари 2011 година. Од тогаш, за нешто повеќе од една година, положбата на ГПС инструментите во северниот дел на островот се поместила странично за над 10 см. Според геологот Ендрју Њумен од универзитетот во Џорџија (САД), подземната шуплина (вулканска комора) повторно се полни со вулканска магма, а научниците будно ја следат состојбата заради евентуален навремен аларм. Њумен укажува на можноста од појава на површинска или подводна ерупција проследена со локални
цунами бранови, додека земјотресите кои се се почести можат да ги оштетат куќите и да предизвикаат свлечишта на стрмните падини (2). Последните земјотреси со силен интензитет помеѓу Пелопонез, Санторини и Крит, од почетокот на 2012 година уште повеќе упатуваат на можна скорешна појава на вулканска активност на Санторини. Сепак, се смета дека шансите за силна ерупција како онаа пред 3600 години која предизвикала цунами високо и над 50 метри се релативно мали. За тоа дали има опасност за Македонија при евентуална посилна ерупција на овој вулкански остров, можете да прочитате овде.
Инаку, целиот овој простор во јужниот дел на Егејско Море, од Пелопонез преку Санторини, Крит до Кипар е извонредно тектонски и сеизмички активен, бидејќи на тој простор се судрува огромната Африканска континентална плоча на југ со Евроазиската плоча на север и Малоазиската плоча на исток.
Извори:
(1) http://www.sciencedaily.com/releases/2012/05/120522115032.htm
(2) http://www.vesti-online.com/Vesti/Svet/210163/Pojacana-vulkanska-aktivnost-na-Santoriniju
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4900 пати!