Најзначајна (десна) притока на Црн Дрим е реката Радика. Извира на северозапад од врвот Голема Враца на Шар Планина, во западниот дел на Македонија, на надморска височина од 2220 m, а се влива во Дебарско Езеро кај с. Косоврасти на височина од 487 m. Долга е 64,7 km, зафаќа сливна површина од 880 km2 (од кои 35,6 km2 се на територијата на Македонија), има релативен пад од 26‰ и пошуменост на сливот од 35%. Дел од горниот слив на Радика по вештачки пат преку Мавровското Езеро е префрлен во сливот на р. Вардар. Извирајќи уште од Шар Планина, таа меандрира помеѓу планинските масиви на Кораб и Дешат на запад, Бистра и Стогово на исток.
Радика нема некој покарактеристичен извор, туку неа ја формираат поголем број на мали поточиња кои се соединуваат на височина од 2000 до 2050 m, од каде почнува да се формира вистинскиот водотек, кој во изворишниот дел е познат под името Црн Камен. Како извор на Реката Радика земен е еден помал водотек што се формира на северозапад од врвот Голема Враца, на височина од 2260 m. Речната мрежа во сливот на Радика, ја сочинуваат сите површински водотеци (постојани, периодични и повремени), односно главниот водотек на реката Радика со притоките од I, II, III и IV ред. Меѓу нив, поважни притоки од I ред се: Убав Поток, Река Штировица, Река Рибница, Река Жировница, Река Лопушник, Требишка Река, Река Битушница и Ростушка Река од десната страна, и Аџина Река, Бродечка Река, Богдевска Река, Мавровска Река, Галичка Река и Мала Река од левата страна. Во Дебарското Езеро просечно годишно внесува 18,87 m3/s вода, со тоа што најголемиот средногодишен проток изнесува 43 m3/s, а најмалиот 9,9 m3/s (Василески, 1997). Од изворот до вливот во Дебарско Езеро, Радика тече под различни имиња. Така во горниот дел до вливот на Аџина Река таа е позната под името р. Црн Камен, од вливот на Аџина Река до вливот на Мавровска Река, под името Ничпурска Река, а дури од вливот на Мавровска Река до вливот во Дебарско Езеро тече под името Радика.
Всушност, реката Радика е лоцирана во најживописниот предел на Македонија, во Реканскиот крај, кој го добил името токму по смарагдната река. Посебен шарм на долината на реката Радика и дава и народната оригинална архитектура на селските куќи од околните села како Битуше, Јанче, Гари и Лазарополе. Реканцитте отсекогаш биле познати фреско-сликари, копаничари, мозаичари. Радика има чиста, бистра и студена вода со смарагдна (темнозелена) боја што е последица од калциум карбонатот проѕирно-чистите води. Ова е единствената река со бифуркација во Македонија, која дава вода на два слива, Јадранскиот и Егејскиот слив. Со канали дел од водите на Радика се носат во Мавровското Езеро и го полнат со вода, а од тука со подземни тунели во Вардар. Тука е изградена ХЕЦ „Врбен“. Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет. Непосредно над брегот при утоката на Радика во Дебарското Езеро се наоѓа бањата Косоврасти, познато лекувалиште за ревматски заболувања. Топлите сулфурни и радиоактивни води уште повеќе ја зголемуваат привлечноста кон Радика.
Живописната кањонска долина на реката Радика, која е дел од НП Маврово му дава посебна убавина. Во чистите, бистри и студени води единствено може да се сретне радичката пастрмка. Започнува кон патот за Дебар, од Трница и е во должина од 39 km. Во нејзиното формирање значајна улога одиграле тектонските процеси, односно клисурата тектонски е предиспонирана по целата своја должина со систем на раседи чии правци се различно ориентирани. Во горниот дел е всечена во калцитско сивобели масивни мермери, потоа во филитични и карбонатни шкрилци во кои се јавуваат пробои на дијабази, па во јурски флишни седименти и масивни мермери и варовници, а во најдолниот дел во гипсни наслаги. Во речните проширувања се јавуваат алувијални и делувијални наслаги (Андоновски, 1977). Во својот тек низ клисурата, Радика изградила и четири атрактивни кањони. Првиот е еден од најатрактивните кањони воопшто во Македонија, изграден пред неколку милиони години, пробивајќи се меѓу плланинските страни на Бистра и Стогово на исток и Кораб и Дешат на запад. Се наоѓа помеѓу вливот на Аџина Река и Штировица, во кој долинското дно е тесно, а страните скоро вертикално стрмни и високи 200-300 m (Андоновски, 1977). На југ се граничи со Дебарската котлина, а на север со Шар Планина.
Вториот и третиот кањон се јавуваат на просторот меѓу вливот на Штировица и вливот на Мавровска Река, додека четвртиот е најголем и се протега од вливот на Рибничка до вливот на Жировничка Река во должина од 9 km (познат е под името кањон Барич и е најголем во Македонија). Во него долинското дно на Радика е доста тесно, а вертикалните отсеци што се издигаат до двете страни се високи помеѓу 300 и 350 m, додека длабочината на кањонската клисура се движи помеѓу 1200 и 1360 m (Василески, 1997). Според горенаведеното, може да се забележи дека Реката Радика има голем број на геовредности. Помеѓу нив, како значајни геоморфолошки формации се издвојуваат: една од најголемите и најдлабоки клисури во Македонија, кањонот Барич на реката Радика со должина од 9 km и височина на страните од 300‐350 m. Потоа следуваат кањоните: Торбешки Мост на реката Радика со должина од 2.5 km и височина на страните од 200‐300 m. Карстот во сливот на реката Радика е претставен со 42 поголеми и помали пештери. Помеѓу нив, најзначајна е пештерата Алилица, која се наоѓа во долината на Тресонечка Река, во непосредна близина на речното корито од десната долинска страна. Пештерскиот систем Алилица го сочинуваат подземните канали на Горна и Долна Алилица. Значајно за оваа пештера е што во неа има подземен водотек кој се среќава по целата должина.
Инаку, реката Радика, заедно со Мавровското Езеро, претставуваат одлична основа за развој на езерскиот и речниот туризам. Иако се работи за езеро кое има енергетска функција, сепак тоа може да се користи и за спортско‐рекреативни цели. Радика исто така може да биде потенцијал за развој на рафтинг туризмот и други спортови на вода.
Користена литература:
- Студија за ревалоризација на Заштитено Подрачје Маврово. Oxfam Italia, Јавна установа Национален Парк Маврово, Министерство за Животна Средина и Просторно Планирање, 2008
- Василески Д. (1997): Радика. Напредок, Тетово.
- Андоновски Т. (1977): Подземни карстни облици во долината на Радика. Годишен зборник бр. 23, Институт за географија, ПМФ.
- macedonism.org
Автор: Бојана Алексова – магистрант на Институтот за географија
Оваа статија е прочитана 720 пати!