Corine Land Cover – незаменлив извор на податоци за користењето на земјиштето!

7.04.2015

CLC-2012-1На 27 јуни 1985 година, Европскиот Совет по предлог на Европската Комисија, усвои одлука за отпочнување на CORINE програмата. Оваа програма на Комисијата содржи проект за собирање, координирање и обезбедување на постојани информации за состојбата на животната средина и природните ресурси во Европската Унија и придружните членки. Кратенката CORINE означува кординација на информациите за животната средина (COoRdination of INformation on the Environment) и претставува проект кој обработува многу прашања поврзани со животната средина. Базите со податоци и проектите поврзани со CORINE се под надлежност на Европска Агенција за Животна Средина (ЕЕА-European Environmental Agency). Една од тие програми е и програмата CORINE LandCover која претставува инвентар на покриеноста на земјината покривка. Оваа програма обезбедува, како за останатите програми на проектот CORINE, така и за најголем број можни корисници, информации кои се хомогени, унифицирани и се во облик кој овозможува периодично ажурирање. За да може ова да се постигне, дефинирани се три елементи на европско ниво и тоа:

  • Размер на картирање – 1:100 000,
  • Единица површина – 25 ha,
  • Единствена номенклатура – три нивоа со вкупно 44 класи.

Со проектот CORINE LandCover е опфатен најголем дел на Европа со површина од околу 2.3 милиони км кв. (во зависност од годината на изработка). Од својата првична верзија, CORINE постојано се надградува и надополнува, со цел да ги следи промените во начинот на користење на земјиштето. Во таа смисла се издвојуваат:

  • Corine Land Cover 1990 (CLC1990)
  • Corine Land Cover 2000 (CLC2000)
  • Corine Land Cover 2006 (CLC2006)
  • Corine Land Cover 2012 (CLC2012)

Во овие 4 периоди се користени снимки од различни сателити (SPOT, Landsat, IRS) од кои е вршена идентификација на различни видови на површини.

CLC1990 и 2000

Проектот CORINE LandCover, во рамките на CORINE програмата, иницијално се имплементираше во периодот од1985 – 1990 година (CLC1990) во поголемиот дел од земјите на ЕУ, како и 13-те Phare земји во Централна и Источна Европа. Имплементацијата на проектот беше базирана на номенклатура и методологија усогласена на европско ниво. Минималната просторна единица за евиденција во рамките на проектот (MMU – Minimum Mapping Unit) е 25 ha. Македонија како тогашна Phare земја го имплементира проектот во периодот во периодот од 1998-2000 година (CLC2000). Како референтна година на сателитските снимки беше земена 1996 година. За разлика од претходниот проект, CLCL2000 имаше две компоненти:
− Image2000, која обезбеди сателитски снимки за целата територија на Европа;
− CLC2000, која обезбеди база на промени на земјената покривка (CLC-Changes) и ажурирање на базата CLC1990 (креирање на CLC2000).

Дополнително, во рамките на овој проект се изврши премин од класичната интерпретација, базирана на рачно исцртување врз сателитските снимки, кон компјутерски подржана интерпретација на сателитските снимки. Овој проект изврши евиденција на секоја промена поголема од 5 ha како минимална површина за евиденција на промените, со тоа што го задржи критериумот од 25 ha за креирање на CLC2000 базата.

CLC2006

На основа на барањата на DG Environment, DG Agriculture како и останатите корисници на CORINE базите на податоци, во март 2006 година, Европската агенција за животна средина достави предлог за соработка со Европската просторна агенција и Европската Комисија за имплементација на проект за мониторинг на земјината покривка (fast track service on land monitoring). Истиот беше прифатен во рамки на иницијативата за формирање на базични продукти, базирани на сателитски снимки, кои ќе се користат од страна на поголем број сервиси за мониторинг и проценка на животната средина. CLC2006 е само една компонента во рамките на сервисот за мониторинг на земјината покривка (Land Monitoring Core Service 2006 – LMCS-2006). CLC2006 претставува директно продолжување на CORINE LandCover проектот, со следните специфичности во однос на преходните фази:
− Повисоки технички стандардни (геометрија и содржина);
− Евиденција на сите промени поголеми од 5 ha, а не само тие кои се поврзани со одредени полигони од претходната фаза;
− Автоматско генерирање на CLC2006 базата, со што се избегнати сите аномалии кои се појавија во претходните фази, како резултат на човечки фактор.

Во Република Македонија проектот CLC2006 се имплементира во периодот од декември 2007 до ноември 2008 година. За разлика од другите земји промените се евидентираа помеѓу CLC1990 (референтна година 1996) и CLC2006 година.

CLC2012

CLC2012 сеуште е во тек на изработка, иако за поголем број држави веќе е завршен. Недостасуваат уште моделите – картите за Шпанија, Франција, БиХ, Македонија, Албанија и Грција, меѓутоа се очекува и тие да бидат готови до крајот на 2015 година. Според своите технички карактеристики е многу сличен со CLC2006, со таа разлика што се користени снимки од сателитот RapidEye. Од 2012 година, Corine Land Cover премина во надлежност на Copernicus Land Monitoring Services. Овде е користена технологијата на автоматска далечинска детекција од сателитски снимки врз основа на спектралните класи.

Цели на Corine Land Cover

Основна цел на CORINE LandCover програмата е да ги покаже промените на екосистемите како што се шуми, езера, пасишта итн. и влијанието на човековите активности (како што се населби, производство на храна, транспорт итн.) на земјината покривка. Користа од CORINE LandCover базата на податоци е навистина голема и тоа во различни аспекти:

  • Основа за развој на предвидување и симулација на аерозагадувањето,
  • Обезбедува значајни информации за активности кои треба да се преземат за заштита на почвата предизвикана од ерозија,
  • Основа при моделирање на притисоците врз водните ресурси,
  • Важен извор на информации во промената на површините од една во друга намена
  • Претставува  значајна  основа  при подготовка на документи за заштита на природа, шумарство, тематски карти (туризам, заштитени подрачја итн.) проценка на трошоците за заштита на животната средина и друго.

Предности и недостатоци

Главни предности на овој значаен Европски проект се: унифицираност на пристапот, стандардизирани податоци и класи, голем опфат, одлична резолуција од 100 м, прецизно дефинирани временски серии, бесплатна достапност, достапност во векторски и растерски формат и сл.

Оригинален CORINE2006 (лево) и корегирана верзија (десно) на делот на Осоговските Планини
Оригинален CORINE2006 (лево) и корегирана верзија (десно) на делот на Осоговските Планини

Главни недостатоци се: одредено влијание на човечкиот фактор во изготвување на моделите, временски серии на 6 години што е релативно долг период, долг временски период помеѓу датумот на снимките и пуштањето на моделот во оптек (снимките за CLC2012 се од 2011 година, а дури и после 4 години сеуште не се завршени некои држави).
Користењето на CLC податоците и моделите, треба да се земат со одредена резерва. Така, нашите анализи за територијата на Република Македонија покажуваат одредени отстапувања помеѓу CLC2000/CLC2006 и сателитските снимки Landsat TM/ETM+ кои не се занемарливи. Всушност, грешки во класите се јавуваат на околу 5% од површината на државата (пасишта наместо шуми, листопадни наместо иглолисни шуми и сл.). За таа цел извршивме сопствена растерски-базирана корекција на двата последни модели согласно реалната состојба. И покрај тоа, Corine LandCover претставува одлична и незаменлива база на податоци за најразлични апликации, која веруваме во идниот период уште повеќе ќе се подобрува.

Автор: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *