Од учеството на Транс-Атлантскиот тренинг за далечинска детекција, ТАТ-5

25.06.2017

Во периодот од 16-20.06 2017 година, на Универзитетот во Печуј во Унгарија, беше одржан 5-тиот по ред Транс-атлански тренинг (TAT-5) за далечинска детекција. Целта на ТАТ e запознавање со најновите технологии во далечинската детекција, начини и постапки за нивна примена, а сето тоа преку серија на предавања, вежби и дискусии со врвни истражувачи и инженери од ESA и NASA (Francesco Holecz, Garik Gutman, Chris Stewart, Mutlu Ozdogan, Noel Gorelick и др.). ТАТ-5 беше овозможен во соработка и спонзорство од NASA и ESA (European Space Agency). На тренингот учествуваа преку 40 истражувачи од 22 држави на централна и југоисточна Европа (меѓу кои и од Република Македонија, поточно од Институтот за географија при ПМФ во Скопје), потоа Италија, Швајцарија, САД, Бразил и др.

Главниот фокус на обуката беше примена на “Мултисензорски пристапи во истражување на користење на земјиштето/промени на земјишната покривка” (“Multi-sensor Approaches in Studying Land Use/Land Cover Change”). Првиот дел од тренингот беше посветен на детекција на SAR (Synthetic Aperture Radar) податоци, како што се снимките од европскиот SAR сензор Sentinel-1. Вториот дел од тренингот беше тематски фокусиран на новите трендови во оптичката далечинска детекција, со акцент на мисиите на Landsat-8 и Sentinel-2. Практичните сесии беа работени во специјализираниот софтверски пакет SNAP, со алатки за калибрација и позиционирање на сателитските снимки, филтрирање-прочистување на снимките, орторектификација, конверзија на податоците, полариметрија, интерферометрија на податоците, пресметки и др. Воедно, беа покажани начини на користење и интерпретација на мулти-сензорски и мулти-временски снимки и податоци и постапки за извлекување на разни податоци од истите.

Покрај секојдневниот 8-часовен работен дел на ТАТ-5, во неформалниот дел беше изведена прошетка и запознавање со Печуј, посета на локалните винарии и дегустација на Печујските вина, бројни други настани, дискусии и сл. На крај, во пригодна церемонија, учесниците на тренингот се здобија со специјални сертификати од ESA и NASA. Се на се ТАТ-5 беше одлична можност за запознавање со најновите техники, технологии и производи за сателитски базираната фото-детекција на промените на географската средина, идентификација на објекти, површини, геопросторни анализи и др. Воедно и одлична можност да се види до каде е најновата технологија во овој сегмент и нивото на нејзиното користење во високо-развиениот свет.

Автори: Моника Андрееска и др. Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5002 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *