Прво учество на претставници од Македонија на тренинг-работилницата за УНЕСКО геопаркови!

8.07.2019

Во периодот од 31 мај до 10 јуни, во градот Мителини на островот Лезбос во Грција се одржа тренинг-работилница на тема поврзана со подготовка, воспоставување и одржливо функционирање на УНЕСКО геопаркови. На настанот, главно внимание беше посветено на Во првите три дена од настанот, познати експерти од Светската и Европската мрежа на геопаркови (GGN, EGN) и експерти од УНЕСКО, преку свои презентации и панел дискусии, укажаа на неопходните чекори и активности кои ќе резултираат со успешно прогласување на геопарк и долгорочно функционирање на еден геопарк. Беа наведени бројни позитивни, но и неуспешни примери од Европа, посебно потенцирајќи ја целосната вклученост на локалното население и заинтересирани страни, за што пак е потребно нивно запознавање со придобивките од статусот УНЕСКО геопарк.

Во деновите што следеа, беа изложени околу 20 презентации, главно на кандидатските геопаркови, од кои најголем дел со намера наскоро да поднесат апликација-досие за УНЕСКО геопарк. Во таа смисла, претставници од Македонија, д-р Ивица Милевски и д-р Иван Боев ја презентираа состојбата со активностите околу воспоставување на првиот геопарк во нашата држава, Кратово-Злетово. Од последователните дискусии беше укажано дека предлогот за иден геопарк ги има сите природни и културни вредности неопходни за ваков статус (маркантен палеовулкански релјеф, сочувани купи и калдери, земјени пирамиди, вулкански бомби, длабоки клисури, мориња од карпи, кварцитен кањон и др.). Останува да се обрне поголемо внимание на можеби најзначајниот дел: создавање на ефикасно формално управувачко тело, средување на одредени инфраструктурни содржини на подрачјето, подобрување на геотуристичката видливост во смисла на изработка на веб стрница, поставување на билборди и инфо таби низ геопаркот, посебно покрај значајните геолокалитети и на влезот во геопаркот, потоа работа со локалното население, организирање на различни манифестации и настани поврзани со геопаркот, едукација на учениците за значењето на геопаркот и неговите содржини, брендирање на локални и традиционални производи (мед, сушено месо, кцана сол и др).

Во рамките на тренинг-работилницата на Лесбос беа изведени повеќе целодневни екскурзии со посети на значајни локалитети на островот кој и самиот преставува УНЕСКО геопарк, меѓу најстарите во Европа. Особено значајна беше посетата на „скаменетата шума“ во северозападниот дел, која е главна вредност на геопаркот. Станува збор за стотици фосилизирани стебла од дрвја стари околу 20 милиони години, кои при експлозивна ерупција на блискиот вулкан, биле препокриени со вулканска пепел, се фосилизирале и преминале во скаменети форми. Овде се наоѓа и највисокото до сега познато скаменето стебло во светот со височина од 9 m. На локалитетот, учесниците имаа можност да се запознаат со начините на гео-конзервација, заштита и туристичка промоција на појавата.

Во неформалниот дел, со 40-тината учесници од 22 држави (вклучувајќи ги Кина, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Чиле, Бразил, Малезија, Австралија и др.), се направија бројни контакти, дружење и соработка, особено во поглед на нивните искуства и активности околу геопарковите. Целиот настан беше одлично организиран, подготвен и воден. Се на се, извонредно искуство кое се надеваме соодветно ќе биде пренесено и применето во нашата држава.

Инаку, УНЕСКО геопарк претставува соодветно ограничено подрачје со исклучителни гео-вредности, сопствена управувачка структура и со сертификат од УНЕСКО. Покрај геовредностите, тоа обично располага со разновиден биодиверзитет и значајни културни знаменитости. Во Европа и во светот, интересот за воспоставување на нови геопаркови е доста голем, така што секоја година се формираат 5-10 нови УНЕСКО геопаркови. Заради бројката од преку 150 геопаркови низ светот, формирани се регионални мрежи како што е Европската мрежа (EGN-European Geopark Network) во која заклучно со јуни 2019 година има вкупно 76 геопаркови. Интересот е голем заради позитивните искуства поврзани со заживување на слабо развиените подрачја во кои обично се наоѓаат геопарковите, преку подобрено финансирање од разни фондови, достапност до меѓународни средства, УНЕСКО брендирање и привлекување на поголем број посетители и сл.

Да се надеваме дека и нашата држава во следните неколку години ќе го добие својот прв геопарк, бидејќи како што укажуваат повеќето странски експерти, според природните вредности и убавини, речиси целата држава треба да е еден голем геопарк.

Оваа посета се реализира во рамките на Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), a координиран од Фармахем од Скопје. Стратешки партнер на ПЗП е Центарот за развој на Источен плански регион (ЦРИПР).

Подготвиле: д-р Ивица Милевски и д-р Иван Боев.

Оваа статија е прочитана 3856 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *