Успешно реализиран проект во Полска преку програмата ERASMUS+

Во рамките на проектот „Претприемачи“ (ENTERpreneurs), кој е дел од програмата ERASMUS+, во периодот од 18 до 26 април 2023 година, во местото Мурзасихле, близу Закопане во Полска, се одржа еднонеделен тренинг курс. На тренингот учествуваа 23 лица, главно студенти, постдипломци и докторанди од 8 држави: Полска, Романија, Бугарија, Грција, Шпанија, Италија, Турција и 4 претставници од Македонија (Ивица Милевски, Бојана Алексова, Сухејб Мустафа и Викторија Суклеска). Главна цел на тренингот беше како може неформалното образование да помогне младите да започнат со претприемништо, со посебен акцент на користење на модерните дигитални технологии. Тренингот беше воден од искусни тренери од Романија и Полска, кои користеа посебни методи на тимска работа, работа во групи, интерактивно-логичко и креативно мислење, изработка на презентации (постери, видео презентации и сл.), подобрување на техники и вештини на презентирање и др. Сите активности беа следени со интерактивни дискусии, препораки и заклучоци како да се подобрат крајните резултати. Една од главните цели на проектот беше секоја група да изработи вебинар-презентација за избрана мобилна апликација која е во функција на претприемништвото.

Неформалниот дел од тренингот се состоеше од бројни активности насочени кон развивање на меѓусебна комуникација и интеракција. Такви беа интеркултурните вечери, каде секоја држава се претставуваше со некои елементи на својата култура, гастрономија, традиција и др. Особено интересен настан беше целодневното пешачење (околу 20 km) низ Националниот парк Татра (во близина на градот Закопане), со импресивни планински предели, долини, рекички, убаво уредени патеки и планинарски домови. Во доцните попладневни часови, беше организирано разгледување и ручек во преубавото гратче Закопане, кое плени со спојот на природата, културата и традицијата на овој дел на Полска.

По завршувањето на официјалниот дел на тренингот, дел од учесниците го посетија градот Краков, веројатно најубавиот и втор по големина град во Полска (со околу 800.000 жители или над милион со пошироката област). Покрај разгледувањето на градот, особено пријатно беше вечерното дружење на дел од тимот, со евоцирање на интересни случки и искуства од тренингот.Целиот настан беше одлично организиран, со многу нови контакти и пријателства, нови знаења и практики за неформалното учење (посебно за претприемништвото) и преубави спомени од јужниот дел на Полска. Учеството на овој проект проект за нас, учесниците од Македонија, беше од големо значење од причина што стекнавме искуство со некои практични елементи на неформалното образование (кое кај нас не е многу застапено или соодветно промовирано). Во таа смисла, препорачуваме на младите ентузијасти, максимално да ги користат можностите на програмата ERASMUS+. Во оваа прилика искажуваме огромна благодарност за довербата и речиси секојдневната логистичка помош за време на овој тренинг курс до организацијата Further Together и почитуваната Рената Пишманова. Се надеваме дека соработката ќе продолжи на взаемно задоволство и во идниот период.

Подготвила: Бојана Алексова (учесник на проектниот престој).

Оваа статија е прочитана 253 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *