Македонија на Google Earth е меѓу „сателитски“ најдетално прикажаните држави

31.03.2012

Со „+“ (североисточно од Скопје) е означена единствената сателитска снимка со висока резолуција во овој дел на Балканот, од првата половина на 2000-та година

Познатата апликација Google Earth денес е меѓу најкористените „виртуелни глобуси“ или „атласи“ на светот, која воедно нуди некои уникатни и фасцинантни можности. Така, од своето појавување (под името Google Earth) во 2005 година, вистинска „револуција“ во однос на сето претходно видено донесоа сателитските снимки на теренот „нанесени“ врз квалитетен глобален тридимензионален модел на релјефот. Во почетокот, се користеа сателитски снимки од типот Landsat ETM+ со резолуција (односно големина на најмалиот видлив објект) од 15 метри, а како основа за тридимензионалната компонента на релјефот до денес се задржа 90 метарскиот глобален дигитален модел на теренот (3″SRTM-Shuttle Radar Topography Mission). Веќе од 2006 година, 15-метарските сателитски снимки почнаа да се заменуваат со извонредно детални SPOT и QuickBird 2,5 м, 1 м, 0,5 м или 0,3 м снимки (во зависност од регионот) на кои може да се видат поединечни куќи, стебла, автомобили, па дури и човечки силуети. Ваквата извонредно висока резолуција, најде бројни примени во многу подрачја, но и забрани од страна на некои влади и институции заради проценетите безбедносни ризици. Почнувајќи пак од верзијата Google Earth 5, воведена е опцијата „Historical imagery“, односно историски снимки кои се доста полезни за разни намени.

Источниот дел на Куманово на снимка од Google Earth; август 2000 година (горе) и истиот дел во јуни, 2009 година (долу)

Она што е интересно е дека на Балканот па и пошироко, единствено територијата на Република Македонија е целосно покриена со сателитски снимки во многу висока резолуција (претежно 1 м и 0,5 м). Во однос на историските сателитски снимки (Historical imagery), постои временска серија почнувајќи од 2000 година (поголем дел на Кумановската Котлина) до денес. Најстара детална сателитска снимка (со резолуција од 2,5 м) е онаа на Козјачијата (помеѓу с. Пелинце и с. Младо Нагоричане) од мај 2000-та година. За целиот Балкански Полуостров, од овој период, на Google Earth се достапни само 6 такви снимки (секции). Од периодот 2002-2003 година има снимки за повеќе градови: Скопје, Битола, Охрид, Куманово, Тетово, Велес и други, а веќе до 2006-та година со детални снимки е покриена повеќе од половина од државната територија. Ваквата долга временска серија може да има бројни научно-истражувачки и практични примени: од споредби на промените во урбаните или руралните средини, динамика на изградба на разни објекти, проширување на урбаните зони, промена во користење на земјиштето, па се до следење на последиците од пожарите, обешумувањето, пошумувањето, појави на ерозија, свлечишта, промена на нивоата на езерата, промена на правецот на реките и многу други.

Приказ на Беровското подрачје на Google Earth пред (горе) и по (долу) големиoт пожар во 2007 година

Со оглед што ваквите детални сателитски снимки (QuickBird, SPOT и слични), комерцијално набавени за индивидуални или институционални цели се многу скапи и чинат вистинско богатство, Google Earth засега е единствената можност што ни е на „јавно“ располагање, особено за нас во Република Македонија. Сепак, можностите што ги дава апликацијата Google Earth кај нас сеуште слабо се користат, освен главно за „рекреативни“ цели. Инаку, на интернет веќе може да се најде и специјален софтвер со кој може да се симнат цели серии на сателитски снимки во висока резолуција директно од серверите на Google Earth на нашиот хард диск. Потоа овие снимки можат да се користат локално во било кој апликативен пакет (SAGA, ArcGIS…), но целата постапка од легален аспект е малку проблематична бидејќи содржините на Google Earth се „заштитени“.
Имајќи го во предвид наведеното, на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, студентите веќе од почетните години се запознаваат со разните можности за користење на Google Earth и соодветно поврзаните апликации Google Maps и Wikimapia, а сето тоа на основа нашите долгогодишни истражувања од оваа област.

Автор: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *