13.04.2014
Дигиталниот модел на висини или уште познат како дигитален елевациски модел (ДЕМ) е дигитална претстава на топографската површина која ја сочинуваат сите природни содржини и антропогени објекти (згради, патишта, шуми, копови, езера, реки и сл.). За разлика од дигиталниот елевациски модел, дигиталниот модел на релјефот (ДМР) е приказ само на релјефната површина, без висината на стеблата во шумата или куќите и зградите во населбите. При ситен размер и доколку не ни е потребна преголема точност, разликата помеѓу ДЕМ и ДМР нема практично значење, бидејќи изнесува најмногу 10-20 метри. Меѓутоа, при многу детални анализи на мали подрачја, дури и отстапувања од неколку метри се многу важни. Во такви случаи се врши корекција на ДЕМ со намалување на вредностите за висините на содржините над релјефната површина со помош на посебни техники, ГПС мерења, далечинска детекција и други постапки.
По повеќегодишни обиди, истражувања, анализи и речиси 6-месечно софтверско процесирање, деновиве конечно е добиен најдеталниот дигитален модел на висини (ДМВ, ДЕМ) за подрачјето на Република Македонија. Како основа за креирање на овој модел се користени:
- 3″SRTM модел (верзија 4) со резолуција од 90 метри (реална од околу 70 метри),
- 1″ASTER GDEM модел (верзија 2) со резолуција од 30 метри (реална од околу 50 метри),
- 20-метарски модел на АКН (Агенција за катастар на недвижности) на Република Македонија, односно достапни секции, сегменти и податоци,
- делови од 5-метарскиот „триангуларен“ (ТИН) модел на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија од кои се извлечени контролни точки.
Со посебно развиен алгоритам во софтверскиот пакет SAGA GIS, извршена е детализација, интерполација и уточнување на претходно споменатите модели со послаба резолуција (3″SRTM DEM, 1″ASTER GDEM), а врз основа на карактеристични точки од 20-метарскиот АКН модел и 5-метарскиот ТИН модел. На тој начин е добиен многу прецизен 10-метарски дигитален модел на висини за територијата на Република Македонија според „висинска“ ситуација од 2005-2010 година. На долните слики може да се спореди точноста на креираниот 10-метарски ДМВ со останатите наведени модели.
Моделот е оригинално креиран во UTM-WGS84 проекција, но во зависност од потребите можно е конвертирање во било која друга, па и во националната Гаус-Кригерова проекција. Поради деталноста, квалитетот и точноста, овој модел може да најде бројни примени: од различни прецизни релјефни мерења и анализи (планини, долини, свлечишта и др.), до изработка на профили, картографски 3Д прикази (како 3Д приказот на површинскиот коп и јаловиштето Бучим, на сликата десно), моделирање на климата, хидрографијата и други апликации. Во следниот неколкумесечен период, добиениот 10-метарски модел на висини ќе биде детално тестиран за да се добијат соодветните морфометриски отстапувања кои би се земале во предвид при многу прецизните пресметки и анализи. Сепак, за „најфините“ анализи на топографската површина (проценка на плавни површини, динамика на ерозија, свлечишта, одрони, геолошки и други процеси и сл.), во идниот период соодветните државни институции треба да најдат можности за креирање на квалитетен 2,5 и 5-метарски ДМВ или ДМР (дигитален модел на релјефот) на Република Македонија.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 7336 пати!