Изработена Студија за зеленило за градот Куманово

Во текот на минатиот месец, група експерти (д-р Стефанка Хаџи Пецова, д-р Дивна Пенчиќ, д-р Ивица Милевски, д-р Јане Ацевски, м-р Менка Спировска и инж. Трајче Митев) ангажирани  преку консултантската куќа Деконс-Ема, по повеќемесечна работа ја изготви Студијата за урбано зеленило на градот Куманово.

Студијата е важен сегмент во подготовката на Генералниот урбанистички план на град Куманово, кој е во процес на  изработка. Познато е дека урбаното зеленило обезбедува низа придобивки за градското население но и на животната средина – како што се намалување на јаглероден диоксид, подобрување на квалитетот на воздухот, ублажување на топлотните бранови, намалување на бучавата, намалување на ризикот од поплави, чување и создавање на природни живеалишта за животинскиот и растителниот свет, а со тоа чување и унапредување на биолошката разновидност. Во парковите и другите урбани зелени простори, се зајакнуваат социјалните врски меѓу луѓето, се одржува нивното ментално и физичко здравје, се подобрува чувството на граѓаните за квалитетот на животната средина и се создава чувството на припадност кон градот. Оттука, урбаните зелени простори се важна компонента во планирањето на урбаниот развој. Во годините кои доаѓаат, со растот на градовите и особено со очекуваните климатски промени, станува јасно дека е неопходно во градовите да се чува и заштитува природната средина,  а урбаното зеленило, како што покажуваат современите насоки на планирање на урбаниот развој,  да обезбедува  одржлив и позитивен раст.

3Д приказ на урбаното зеленило и зелените коридори во рамките на новиот ГУП на Куманово

Во Студијата, посебно внимание е посветено на сегашната состојба и потенцијалите за обезбедување и развој на урбаното зеленило во рамките на новиот ГУП на градот. Преку детални анализи и инвентаризација на урбаните зелени површини, се дојде до сознание дека истите се недоволни, особено во поглед на очекуваните последици од климатските промени, глобалното затоплување и појавата на топлински острови во летниот период, зголеменото аерозагадување, потенцијалниот ризик  од појава на ерозија, свлечишта, одрони на стрмните, оголени терени и друго. Во таа смисла, во Студијата се предложени 10-тина потенцијални подрачја за ново, функционално урбано зеленило и проширување на постоечкото, со посебен акцент на градските и маалските т.н. џебни паркови, уличното-линеарно зеленило, зелените појаси и коридори и нивната заштитна, естетска и рекреативно-спортска функција.

За успешна подготовка на Студијата, беа спроведени повеќе теренски посети на градот и неговата околина, со честа комуникација со засегнатите страни, особено секторот за урбанизам на Општината (градот), потоа соодветните јавни претпријатија и сл.

Од посебно значење за целата постапка, беа употребените методи и техники на напредна далечинска детекција, со кои, од мултиспектралните сателитски, дронски и ортофото снимки се идентификуваа зелените површини, уличните дрвореди, бројната состојба со дрвјата според нивната распространетост, височина, структура и сл.

Останува надлежните институции да ги спроведат препораките од Студијата и да извршат усогласување со другите студии со цел воспоставување и развој на зелена инфраструктура  во процесот на изготвување на ГУП-от на грда Куманово и остварување на визијата за создавање на зелен град со сите придобивки за квалитетен и удобен живот на населението.

Во оваа прилика упатуваме благодарност до г-ѓа Емилија Сларидис – Јаневска, претходен раководител на одделението за урбанизам на град Куманово и координатор на активноста подготовка на ГУП за Куманово, а сегашен секретар на Општина Куманово и сите вклучени вработени во Општината, кои помогнаа во успешно завршување на Студијата.

Подготвиле: авторите на Студијата

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *