12.04.2014
Деновиве отпочна со реализација проектот за туристичко уредување на локалитетот Бислимска клисура во близина на градот Куманово. Почетокот на проектните активности е резултат на повеќегодишната соработка на д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ во Скопје со општината Куманово и Центарот за развој на Североисточниот плански регион (СИПР) од Куманово. Самиот проект ќе се реализира во повеќе фази. Во првата фаза ќе се изработи детална студија, ќе се постават информативни табли и карти со најзначајните вредности и атрактивности на локалитетот, а ќе се разгледа и можноста за одреден степен на заштита на клисурата. Во следните фази ќе се обележи, обезбеди и уреди дел од патеките низ клисурата, ќе се постават неколку видиковци, клупи и други содржини, во согласност со принципот на максимално зачувување на природниот амбиент и животната средина. Паралелно, ќе се информира локалното население за овој простор и можните придобивки од негово прераснување во излетничко-туристички локалитет преку обезбедување и давање на сместувачки, угостителски, занаетчиско-сувенирски и други услуги. Крајната цел е локалитетот Бислимска клисура за неколку години да прерасне во регионален центар за алтернативен туризам во овој дел на Македонија.
Инаку, Бислимска клисура на реката Пчиња е долга 6-7 км и се наоѓа на само неколку километри јужно од градот Куманово. Всечена е во варовнички карпи, на некои места доста стрмна и со кањонест изглед. По страните има доста пештери и пропасти, потоа ретки и ендемични растителни и животински видови, археолошки остатоци од стари тврдини и градби, прекрасни видиковци и др. Всушност, во поглед на природата, ова е најинтересниот простор во општината Куманово и поширокиот регион. Иако на само 4-5 км од градот, овој прекрасен локалитет до сега беше речиси целосно непознат, „мистичен“ и недостапен за најголем дел од жителите на Куманово. Се надеваме дека со тековните проектни активности, нештата во тој поглед значително ќе се сменат.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6338 пати!