30.12.2015
На седницата на советот на Источниот плански регион, која се одржа на 24.12.2015 година во Свети Николе (по покана на градоначалникот на овој град), беше усвоена Стратегијата за развој на туризмот во ИПР со акционен план 2016 -2025 година. На овој документ претходеше изработката на „Студија за состојбата со потенцијалите за развој на туризмот во Источниот плански регион“. Изготвувањето на студијата и на стратегијата траеше речиси две години, а во тој процес беа вклучени повеќе експерти од соодветните области (природно наследство, културно наследство, туризмолози, експерти за локален развој и др.).
Стратегијата за развој на туризмот во ИПР ги утврди стратешките цели, приоритети и мерки за развој со цел на интегрирано поставување на решенија за постигнување на рамномерен интрарегионален развој во Источниот плански регион во областа на туризмот. Стратешкиот и акционен план за развој на туризмот во регионот во периодот 2016 – 2025 треба да обезбеди имплементација на моделот на полицентричен развој, утврден како основен модел на политиката за регионален развој и придвижување на активностите во овој сектор.
Во Студијата се детално разработени сите поинтересни природни и културни вредности и атрактивности на регионот (над 600 вредни локалитети, форми, објекти и подрачја), потоа се дефинирани 30-тина потенцијални видови на туризам според застапеноста, важноста и положбата на ресурсите. Сето наведено беше основа за дефинирање на Стратегијата, која има значајни достигнувања и препораки, посебно во однос на:
- Јасно идентификувани можностите, но и досегашни-идни проблеми во развојот на туризмот во ИПР;
- Детерминирана конкурентноста на ИПР во однос на соседните региони, од аспект на туризмот;
- Јасно дадена визија за развојот на туризмот во регионот;
- Јасно одредени приоритети и мерки согласно моменталната состојба и очекувањата;
- Дефинирани значајни туристички производи, дестинации и рути;
- Одредени конкретни проекти за унапредување на туризмот во регионот;
- Јасно поставени стратешки области и цели;
- Детален и прецизен Акционен план за периодот 2016-2025 година, со над 80 мерки и предлог проекти по повеќе стратешки цели.
Главната визија на Стартегијата е: „Источниот плански регион во следните неколку години да создаде неколку респектабилни туристички дестинации, чии производи ќе се базираат врз природното, движното и недвижното културно наследство на регионот и врз традицијата на луѓето што живеат тука; производи препознатливи по својот квалитет и целосно прилагодени кон барањата и потребите на современите туристи“.
Меѓу издвоените и дефинирани приоритетни видови на туризам се: етно туризам, рурален туризам, религиозен – манастирски туризам, планински туризам, трекинг (пешачење), планинарење, зимски (зимско-спортски) туризам, бањски – велнес спа туризам, џип сафари, сафари, оф-роуд, мото туризам, планински велосипедизам (маунтенбајк), геотуризам, езерски туризам, летен капалишен туризам и активности на вода, ловен туризам, риболовен туризам, параглајдинг, адреналински паркови, зип-линии (zip-line), аеротуризам и едриличарство, алпинизам и други туристички активности.
Во Стратегијата особено се истакнати најпотенцијалните природни и културни вредности, области и атракции на кои треба да се даде приоритет како:
- Осоговските Планини со поединечните локалитети на нив: Пониква, Царев Врв-Руен, Горна Цера, Гратче, клисура на Злетовска Река;
- Малешевските Планини во делот околу Беровско Езеро, изворишниот дел на Брегалница, водопадите на Брегалница и шумскиот појас од нив до Берово;
- Северната страна на Плачковица, со Туртел, Лисец и Ченгино, потоа подножјето кон Зрновци, Мородвис, Виница до клисурата на Осојница;
- Лесновската купа и кратер со останатиот вулкански релјеф околу Пробиштип и Злетово;
- Калиманското Езеро со развиената брегова линија, островот Калата, Истибањската Клисура и сл.;
- Планината Голак со околината на Делчево, истоименото ловиште, езерото Сандански, Кукуљето, пештерата Коњска Дупка, палеонтолошкиот локалитет кај с.Стамер;
Како стратешки видови на туризам за регионот се дефинирани:
- Планински велнес-рекреативен престој: источен дел на Малешевски Планини околу Беровско Езеро, Огражден со Суви Лаки, повисокиот дел на Плачковица, средно-планински предел на Осогово, највисокиот дел на Голак со Обозна,
- Летен спортско-рекреативен планински туризам (трекинг, прошетки, планинарење, рекреација, вајлд и еко туризам): во претходно наведените локалитети,
- Зимско-спортски планински туризам, рекреативен за почетници скијачи и деца: Пониква, над Беровско Езеро, Плачковица/Туртел-Чупино, највисокиот дел на Голак;
- Зимско-спортски високопланински (скијалишен, сноубординг и др.): Царев Врв со Китка и Калин Камен (о. Крива Паланка),
- Нископланинскиот предел (500-1500 m) со можности за трекинг, маунтбајкинг, џип-сафари, параглајдинг, геотуризам, алпинизам, адреналински паркови и слични содржини. Посебно погодни локации се Лесновска купа и кратер со целиот палеовулкански простор, западните и северните делови на Плачковица, Голак, Бејаз Тепе, Осогово над Кочани, Оризари и Македонска Каменица,
- Геопарк-туризмот со воспоставување на првите геопаркови во Македонија,
- Спа-туризмот во Кежовица – Штип, с.Истибања – Виница и селата Долни Подлог и Бања – Чешиново-Облешево. Сите наведени локалитети располагаат со многу квалитетни геотермални води, а покрај тоа имаат одлична положба и достапност,
- Езерскиот туризам на Калиманско Езеро со одлична положба, транзитна локација, развиен брег, единствен и уникатен остров (Калата) и добар гравитациски опфат. Покрај тоа, потенцијалот на езерскиот туризам треба максимално да се искористи на Ез. Гратче кај Кочани и Беровско Ез,
- Пејсажнниот (со гастрономскиот и манифестациско-традицискиот) туризам поврзан со оризот и оризовите полиња во Кочанско Поле и др.
Во Акциониот план на Стартегијата се дадени 85 мерки, предлози и иницијативи за подобрување на состојбата со туризмот во ИПР. Исто така се предложени 8 проекти од особена важност за развој на туризмот во идниот период. Затоа, по усвојувањето на стратешкиот документ од страна на Советот на Источен плански регион, треба да следи имплементација на дефинираните приоритети.
Инаку, конзорциумот кој ја изработи Студијата и Стратегијата со Акциониот план е ИдеаОК и БДС Консалтинг од Скопје, а раководител на стручниот тим и воедно клучен експерт за природно наследство во регионот е д-р Ивица Милевски од Институт за географија при ПМФ во Скопје. Финансиер на проектот е SDC Швајцарија преку Фармахем од Скопје.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 8011 пати!