Геопарковите не претставуваат закана за локалните економски активности

21.12.2019

Геопарковите претставуваат современ концепт на заштита, промоција и одржливо искористување на геолошки и геоморфолошки локалитети со меѓународно значење или интернационална вредност. Првите геопаркови се воспоставени во 2001 година и се покажаа како извонреден начин, не само на промоција на нивните уникатни вредности, туку и за забрзан развој на локалните заедници во кои се лоцирани. Со големиот интерес за воспоставување на геопаркови во годините кои следеа, нивната бројка драстично се зголеми и сега само во Европа има речиси 80 геопаркови, а во светот над 150 во 45 држави. Така, Грција има 5, Словенија и Хрватска имаат по 2 геопарка, а Србија во следните неколку месеци ќе го добие првиот официјален геопарк Ѓердап. Бугарија релативно долг период не успеа да воспостави свој геопарк, заради бројните административни и организациски проблеми.

Европски геопаркови (на картата не се внесени десетина нови геопаркови прогласени во последната година).

Идејата за геопарк, во Македонија се појави релативно доцна (во 2014 година), особено со оглед на извонредното богатство со уникатно геонаследство. По бројни написи и залагања, како и промовирање на оваа идеја во неколку национални и регионални стратегии, конечно во 2016 година започна поактивно да се работи на формирање на првиот геопарк кај нас и тоа на подрачјето на општините Кратово и Пробиштип. Оваа идеја наиде на голема подршка од страна на центарот за развој на Источниот плански регион во Штип и на Швајцарската организација за соработка и развој SDC преку Фармахем во Скопје. Процесот започна сериозно, при што беа поканети експерти од геопаркот Папук од Хрватска и од геопаркот Хатек во Романија. Самите експерти укажаа дека просторот на општините Кратово и Пробиштип ги има сите потребни содржини како основа за иден геопарк.

Посета на меѓународни експерти за геопаркови на општините Кратово и Пробиштип во 2017 и 2018 година.

Со прелиминарен договор на градоначалниците на двете општини, наскоро се отпочна со конкретни активности. Првин следеше изготвување на детална Студија (од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип), а паралелно се понудија мали проекти со кои би се оформиле неопходните контури на кандидатскиот геопак Кратово-Злетово. Студијата, навремено завршена од група реномирани експерти, целосно ја потврди основаноста за воспоставување на геопарк на наведениот простор. Сепак, наеднаш работата на овој проект запре поради „страв“ на локалните фактори од евентуалното блокирање на постоечките или идни стопански активности, посебно во однос на концесиите за рударско-геолошки истражувања. Очигледно, овој став е произлезен од недоволната информираност, бидејки без оглед што геопарковите се под закрила на УНЕСКО, нивниот третман е во склоп на посебно тело, независно од она за заштита на светското наследство.

Главна атракција на геопаркот Џинџијанг во Кина е токму огромниот површински коп-рудник.

Во таа смисла, во рамките на еден геопарк, не само што се дозволени постоечките економски активности, па и оние поврзани со рударење, туку бројни геопаркови во својот опфат имаат големи површински и/или подземни копови, во помала или поголема мерка достапни за посетителите (туристите). Често пати, геопарковите се интересни токму по петролошките и минеролошките збирки, кои ги поседуваат овие рудници. Затоа, не постои никаква оправданост да се смета дека евентуалното воспоставување на геопаркот Кратово-Злетово може негативно да влијае на локалната економија и експлоатација. Единствено не треба да бидат загрозени, деградирани или уништени значајните локалитети на тој геопарк, а тоа веќе се или наскоро ќе бидат законски заштитени подрачја (Куклица, Плоче-литотелми, кањонот на Злетовска Река, Лесновскиот кратер и др.).

Дел од вредностите на предложениот геопарк Кратово-Злетово

Она што е уште позначајно е што со добро осмислен маркетинг и промоција, како и со зголемена туристичка посета, но и користење на финансиите кои се стојат на располагање на ЕУ фондовите, идниот геопарк може да има многукратно поголем економски бенефит, отколку што е тоа од евентуалните идни концесии. Всушност, примерите на голем број на геопаркови, покажуваат дека од разни извори на финансирање може да се обзебедат повеке милиони евра годишно, не вклучувајчи ги тука туристичките посети и туристичкиот промет. Затоа сметаме дека треба особено внимателно да се преразгледа уште еднаш ова прашање, за да се не се испушти единствената можност што ќе овозможи просперитет на овој сиромашен простор во Македонија. Не само тоа, туку во идниот период треба да се разгледаат можностите за уште неколку потенцијални геопаркови, како што се Кожуф, Маркови Кули и др.

Некои значајни геопредели во предлог-геопаркот Кратово-Злетово.

Автори: д-р Ивица Милевски и д-р Соња Лепиткова

Оваа статија е прочитана 5444 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *