Сингапур – градот на иднината

12.01.2020

Сингапур е мала (704 km2) островска држава во јужниот дел на Малајскиот полуостров, составена од 63 острови. Се наоѓа на само 140 km северно од екваторот, а главен и единствен град е милионскиот Сингапур. Како островска земја е одвоена од Малезија со теснината Јохор на север, а од Индонезија со островите Риаоу на југ. Сингапур е силно урбанизиран, но речиси половина од државата е покриена со зеленило.

Најголемиот остров е Пулау Уџонг, уште наречен Сингапурски остров или само Сингапур, со највисока точка Букит Тимах (545 m). Овој град-држава се протега во екваторијалниот, монсунски регион во Југоисточна Азија, поради што климата се одликува со високи температури и врнежи речиси низ целата година. Сингапур има голем број мали рекички, кои немаат некое особено значење. Почвите се главно деградирани со ерозија, а како резултат на интензивната експлоатација од страна на човекот. Застапена е неколку илјади хектари зимзелена дождовна шума, зачувана околу сливните подрачја.

Како резултат на значителната имиграција во минатото, населението на Сингапур е разновидно. Кинезите доминираат, односно сочинуваат околу три четвртини од вкупниот број, Малезиите се следната најголема етничка група, а Индијците трета. Поради оваа етничка различност, официјално се користат четири службени јазици: англиски, мандаринско-кинески, малезиски и тамилски. Во однос на религијата, околу две третини се приврзаници на конфучијанизмот и будизмот, додека малезијците и дел од индијците се муслимани. Христијанската заедница е застапена кај Кинезите. Речиси целата преостаната популација која практикува религија е хинду, но има и многу Сингапурци кои немаат религиозна припадност (атеисти). Во текот на историјата, Сингапур бил дел од разни кралства. Британците добиле целосен суверенитет врз островот во 1824 година. Оваа држава која била дел од поранешните британски територии, во 1963 година станува целосно независна. Од тогаш Сингапур значително напреднува искачувајќи се на трето место во светот според БДП по глава на жител.

Сингапур има една од најбрзо растечки економии во Југоисточна Азија (заедно со Јужна Кореја, Тајван и Хонг Конг), поради што спаѓа во групата „Азиски тигри“. Стопанството користи најнова технологија, а заради силната посветеност кон развојот на образованието и здравството, претставува едно од најдобрите места за живеење во светот. Има малку природни ресурси и само мал дел од земјиштето е земјоделско. Развиена е локална риболовна индустрија и претставува голем извозник на украсни, аквариумски риби и орхидеи. Туризмот е се поважен за економијата на Сингапур. Извонредната геостратешка положба, со централна локација во Југоисточна Азија и одлични аеродроми, услови огромни инвестиции во хотели, трговски центри, рекреативни атракции, плажи и др.

Сингапур е извонредно чист град, најчиста и најзелена метропола во Азија. Токму заради тоа, плени со убавина и привлекува се поголем број на посетители. Сингапур туристички е доста посетен, иако е еден од најскапите градови во светот. Така на пример, добивање на возачка дозвола чини 35.000 долари и е со важност од 10 години. Целта е да се ограничи фрекфенцијата на возилата, а за сметка на тоа повеќе да се користи јавниот еколошки превоз. Без оглед што е толку скап, Сингапур годишно го посетуваат околу 20 милиони турсти, речиси од сите делови на светот. Сепак, иако оваа држава е една од најмалите држави по површина во светот, припаѓа во најбрзорастечките во светски рамки, бидејки само 20 години претходно, бројот на посетите изнесувал едвај 7 милиони.

Овој извонредно прекрасен остров (град-држава) има многубројни паркови и зеленила и затоа го носи епитетот „градот на иднината“.

Кога се зборува за Сингапур, можеби ќе биде интересно да се укаже на следните податоци:

  • Тоа е град кој лежи на 63 острови, што го чини особено атрактивен.
  • Во него се наоѓа првата ноќна зоолошка градина во светот. Истата нуди ноќно сафари, со помош на вовче и тура која трае 40-тина минути.
  • Тоа е град на бројни водопади изградени од човекот. Најголемиот антропоген водопад е висок дури 35 m и се наоѓа во внатрешноста на огромна ботаничка градина.
  • Локалните жители, освен англиски зборуваат санглиски. Тоа се некои дополнителни зборуви кои му даваат финеси на англискиот јазик и го прават еден вид на локален дијалект.
  • Во Сингапур е одржана првата ноќна трка на формула 1. Доживувањето и атрактивноста што ја нуди оваа ноќна трка, не е споредлива со ниту една на друго место во светот.
  • Овој град е меѓу „најзелените“ во светот. Без оглед на бројните облакодери и згради, зеленило има речиси насекаде, дури и на крововите и на терасите.
  • Тука се наоѓа уникатен локалитет на УНЕСКО, а тоа е Сингапурската ботаничка градина, стара преку 150 години.
  • Има огромен број на патеки за шетање и за велосипедисти, со цел подобро запознавање на градот.
  • Речиси секој ден има некаков настан, манифестација или прослава во Сингапур. Не постои ден во годината кога во овој град нема културна манифестација, поголем спортски натпревар или други видови на настани, а најголем дел од нив се со цел да им пружат поголемо задоволство на туристите.
  • Т.н. „град на лавовите“ всушност бил инспириран од тигар. Можеби знаете за Мерлион, официјален амблем на Сингапур, кој претставува митско суштество, има глава на лав и опашка од риба. Всушност, на санскрит јазикот, Сингапура значи град на лавови. Сепак, на територијата на оваа мала држава никогаш немало лавови, туку само тигри кои биле истребени до 30-те години на минатиот век.

 


Изработила: Бојана Алексова, студент на наставна географија

Оваа статија е прочитана 4420 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *