29.06.2013
Со успешното лансирање на германскиот сателит TanDEM-X на 10.06.2010 година, придружувајќи му се во орбитата на неговиот близнак сателит TerraSAR-X, започна нова ера на обезбедување на глобални дигитални висински модели. Овие два сателити формираат уникатна сателитска стерео-формација, летајќи на оддалеченост од само неколку стотици метри. TerraSAR-X и TanDEM-X сензорите работат истовремено и синхронизирано, а тоа значи дека за нивно правилно функционирање потребна е прецизна координација на податоците од и помеѓу сателитите, бидејќи и најмала варијација од само еден милиметар, може да значи грешка во висините до 1 метар.
Целта на TanDEM-X мисијата е да генерира глобален висински модел (WorldDEM) со досега невидена точност, покриеност и квалитет. Намената на овој дигитален висински модел е да биде замена за 1-3″SRTM моделот и ќе биде достапен во 2014-та година за целата земјина површина. Точноста на WorldDEM ќе ја надминe точноста на било кој друг сателитски базиран висински модел и ќе ги има следниве карактеристики:
- Вертикална точност од 2 метри (релативна) и 10 метри (апсолутна),
- 12 метри x 12 метри резолуција,
- Глобална хомогеност
- Високо конзистентни сетови на податоци благодарение на собирањето на податоци во период од само 2.5 години,
- Потребите од контрола и калибрирање на информациите со мерења од површината на Земјата ќе се сведат на минимум поради високата геометриска точност на германските сензори.
За да се постигне оваа амбициозна цел, планот за собирање на податоците е оптимизиран за временски ефикасна покриеност на целата територија на Земјата. Како резултат на тоа, секвенците не се снимени регион по регион, туку повеќе во стилот на сложувалка, на различни локации низ целиот свет. Како што се комплетира „сложувалката“, се добива поцелосната слика за релјефот на земјината површина. Ова значи дека глобалниот висински модел нема да биде достапен на регионална основа, туку ќе биде комплетиран како една целина и ќе биде достапен за комерцијалните и научните корисници.
Споредба на 3“SRTM 90м (лево) и 12м WorldDEM (десно) покажуваат големи разлики во точноста и квалитетот помеѓу нив.
Во 2012 година, мисијата TanDEM-X постигна голем успех со првата целосна покриеност на површината на Земјата. По остварувањето на првата целосна покриеност, двата сателити веќе продолжуваат со снимањето на целата земјина површина по вторпат, за што ќе биде потребен период од уште една година. На крајот треба да се изврши и третото собирање на податоци врз селектирани, комплексни релјефни области, за да се осигура конзистентниот висок квалитет и точност на финалниот продукт. Сателитите TerraSAR-X и TanDEM-X собираат податоци апсолутно сигурно, бидејќи оперираат независно од покриеноста со облаци и светлинските услови. Глобалната аквизиција гарантира глобален дигитален висински модел без линии на прекин кои би зависеле од регионалните или националните граници и без хетерогености предизвикани од различните мерни процедури.
По комплетирањето на комплексните задачи на процесирање на податоците, глобалниот TanDEM-X DEM ќе биде достапен од 2014-та година, па натаму. Доколку се земе предвид досегашниот успех, мисијата TanDEM-Xe на добар пат да ги оствари своите цели.
Инаку, сеуште не е сосема јасно дали новиот и ултрапрецизен висински модел ќе биде бесплатен или пак комерцијален. Доколку е бесплатен ќе има извонредно значење бидејќи е неколку пати попрецизен од 1″ASTER GDEM, 3″SRTM DEM, па дури и од 20 м висински модел на АКН на Република Македонија или 5 м ортофото-стерео моделот.
Инаку, дигиталните висински модели и нивната имплементација се изучуваат и користат во студиската програма на насоката Географски Информациски Системи (ГИС) на Институтот за географија во Скопје, како врвни техники и технологии од оваа област.
Извор:
http://www.directionsmag.com/articles/worlddem-reaching-new-heights/285162
http://www.astrium-geo.com/worlddem/
http://www.astrium-geo.com/en/3083-tandem-x-mission-running-like-clockwork
Подготвил: Томе Јовановски, Ивица Милевски, Институт за географија, Скопје
Оваа статија е прочитана 5181 пати!