Сателитските снимки од мисијата Сентинел нудат можности за огромен број геопросторни податоци!

25.06.2017

Европската вселенска агенција (ESA – European Space Agency), развива серија на сателитски мисии за набљудување на Земјата како последица на заедничката иницијатива на ESA/European Commission и GMES (Global Monitoring for Environment and Security). Целта на програмата е да ги замени постоечките и застарени мисии за набљудување на Земјата, како што e ERS мисијата и останатите кои се на крајот на нивната употреба. Ова ќе овозможи континуирано добивање податоци, за да нема пропусти во истражувањата кои веќе се започнати. Секоја мисија е фокусирана да набљудува различен аспект на Земјата (атмосфера, море и копно). Сателитите се опремени со различни видови на технологии како што се: радари и мултиспектрални инструменти, а добиените податоци наоѓаат примена во различни апликации. Меѓу најзначајните сателитски програми на ЕСА е Сентинел (Sentinel), според која до 2020 година треба да бидат оперативни седум мисии.

Sentinel 2 секвенци за источниот дел на Македонија (RGB), за јуни 2016. Обработка: д-р Ивица Милевски.

Сентиел-1 се состои од два поларно – орбитирачки сателити, лансирани на 3 Април 2014 и на 25 Април 2016, кои собирааат податоци деноноќно. Опремени се со C-band Synthetic Aperture Radar Imaging (SAR) кој овозможува добивање на прецизни податоци без оглед на временските услови. Располага со 410 Gb меморија за складирање на податоци, кои ги праќа со брзина од 520 Mbit/s. Инструментот SAR користи четири акустични канали на различни појаси и резолуции. Времето потребно за комплетно да ја сними Земјата е дванаесет денови, додека паралелната работа на двата сателити го намалуваат времето за половина т.е. шест денови.

Сентинел-2 го сочинуваат два поларно – орбитирачки сателити кои орбитираат по иста траекторија, лансирани на 22 Јуни 2015 и на 7 Март 2017 година. Сателитите го покриваат просторот помеѓу 56° ј.г.ш и 84° с.г.ш. На нив е инстaлиран мултиспектрален инструмент (MSI) кој има 13 спектрални канали со различни просторни резолуции. Има радиометарска резолуција од 12 бита и врши снимање на појас од 290 km. Неговата задача е да испорача податоци за: вегетацијата, почвата и копнената вода, како и за крајбрежните простори.

Сентинел-3 е сателитска мисија која е плод на соработката помеѓу: ESA (која управува со мисијата за мониторинг на копното) и EUMETASAT (под нејзина надлежност се сателитите и управува со мисијата за мониторинг на океанот). Задачата на оваа мисија е да испорачува податоци за: морињата (Светското море), температурата на водата и копното – нивната боја со висока точност и веродостојност, како и набљудување на животната средина и климатските промени. Сентинел 3 е лансиран на 16 Февруари 2016, додека планирано е да се лансира уште еден Сентинел 3Б сателит кон крајот на 2017 година. Опремен е со повеќе инструменти за скенирање кои работат на различни спектрални фрекфенции, тие се: спектрометар (Ocean and Land Color Instrument – OLCI), радиометар (Sea and Land Surface Temperature Radiometer – SLSTR), Алтиметар (SAR Radar Altimeter), Microwave Radiometer и инструмент за прецизно одредување на својата локација долж орбитата (GNSS инструменти GPS, DORIS и LRR).

Sentinel-3, инструменти на сателитот.

Сентинел-4 ќе има задача да врши мониторинг на атмосферата. Главен акцент е ставен на квалитетот на воздухот (гасови и аеросоли) над Европа. Тој ќе испорачува податоци на секој час – податоци со висока просторна резолуција за територијата на цела Европа. Целта е следење на главните параметри кои го определуваат квалитетот на воздухот: азот диоксид (NО2), озон (O3), сулфур диоксид (SO2), формалдехиди (HCHO), глиоксал (CHOCHO) и аеросоли. Снимањето ќе се врши со помош на инструментот Ultraviolet-Visible-Near-Infrared (UVN) light imaging spectrometer инсталиран на EUMETSAT’s Meteosat Third Generation Sounder (MTG-S) сателитот, кој треба да биде лансиран во 2019 година. Сентинел-4 деловите се изработени од страна на Airbus Defence & Space под надлежност на ESA. Податоците добиени од Сентинел-4 ќе бидат под надлежност на Copernicus Atmosphere Monitoring Service (CAMS).

Сентинел-5 исто како и својот претходник ќе биде посветен да ја набљудува атмосферата, но за разлика од него, неговата задача ќе биде надополнета со следење на количеството на: метан (CH2), јаглерод диоксид (CO2), јаглерод моноксид (CO) во атмосферата над Европа, како и следење на ултравиолетовото зрачење на копното. Инструментот ќе го карактеризира појас на скенирање со широчина од 2670 km и спектрална резолуција од седум спектрални појаси: UV-1 (270-300nm), UV-2 (300-370nm), VIS (370-500nm), NIR-1 (685-710nm), NIR-2 (745-773nm), SWIR-1 (1590-1675nm) и SWIR-3 (2305-2385nm). Неговата мисија се планира да започне во 2020 година, откако ќе биде инсталиран на EUMETSAT’s Metop Second Generation (Metop-SG) сателитот.

Сентинел-5П (Precursor) е сателитска мисија која треба да биде лансирана кој крајот на 2017 година, со цел да ги намали разликите помеѓу Envisat мисијата и Сентинел-5. Идејата за оваа мисија произлегува како последица на заедничката иницијатива помеѓу: Европската вселенска агенција (ESA) и Кралството Холандија, односно нивната вселенска агенција (NSO). Планирано е на сателитот да биде поставен TROPOspheric Monitoring Instrument кој собира податоци во четири спектрални фрекфенции: UV, VIS, NIR, SWIR. Секоја спектрална фрекфенција е дополнително поделена на два бенда, кои ги карактеризира просторна резолуција од 7 x 7 m кв., притоа широчината на појасот ќе изнесува 2 600 km. Целта е следење на атмосферските промени точно, навремено, како и прецизно испорачување податоци со висока резолуција за квалитетот на воздухот, климатските промени, озонот, ултравиолетовото зрачење.

 

Сентинел-6 е мисија која треба да биде развиена од страна на Европа и Соединетите Американски Држави, односно Европската Унија (EU), Европската Вселенска Агенција (ESA) и EUMETSAT, од една и NАSА и NОАА од друга страна. Мисијата треба да обезбеди точни податоци за: нивото на океанот, податоци кои ќе бидат искористени за проучување на океанот (океанографија), како и за истражувања поврзани со климата и нејзините промени, а како второстепена цел е вертикално (алтиметарско) собирање на податоци за температурата во тропосферата. Планирано е сателитот да биде лансиран во вселената во 2020 година.

Сателитските снимки и продукти од мисијата Сентинел, посебно од SAR сензорот (но и оптичкиот спектар), имаат огромна примена во детекција на промените на покривноста на земјиштето, растот и состојбата на вегетацијата, промената на населбите и урбаните објекти, промени на топографијата (природни и вештачки), па дури и за пресметување на деформациите предизвикани од тектонски и други причини (земјотреси, вулкани, свлечишта и сл.). Истите може да се искомбинираат со Landsat серијата на снимки (поради добрата компатибилност), што значи да се добијат податоци за период од над 40 години. Во таа смисла, корисноста на Сентинел податоците за подрачјето на Република Македонија може да биде огромна (практично неограничена) за анализа на речиси сите просторно-временски промени.

SAR-интерферометрија со дебелина на вегетациската покривка за 25.08.2016 година (колку бојата е пожолта, толку дебелината е поголема и се движи од 0 до 33 m максимум). Обработка: д-р Ивица Милевски.

Глобалните снимки Сентинел (со честа временска фрекфенција за Македонија), може да се симнат по задолжителната бесплатна регистрација на следниот линк: https://scihub.copernicus.eu.

Извори:
sentinels.copernicus.eu
www.copernicus.eu
www.eumetsat.int

Подготвиле: Кристијан Вељановски и д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 7530 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *