12.05.2013
Програмата Ландсат е најдолгата вселенска мисија која прибира сателитски снимки за Земјата. Првиот сателит на мисијата е лансиран на 23.07.1972 година, додека последниот на 11.02.2013 година. Инструментите на сателитите од програмата Ландсат досега имаат собрано и испратено милиони снимки. Сите тие се архивирани во центарот во САД и во приемните станици ширум светот. Вака долгиот период на работа претставува уникатен ресурс за истражување на глобалните промени, посебно во земјоделството, шумарството, просторното планирање и други области. Податоците од Ландсат 7 се базираат на осум спектрални прикази со просторна резолуција од 15-60 метри и временска резолуција од 16 дена. До сега вкупно билеиспратени осум мисии Ландсат и тоа:
- Ландсат 1, лансиран на 23.07.1972 година, а престанал со работа на 06.01.1978 година
- Ландсат 2, лансиран на 22.01.1975 година, а мисијата завршила на 22.01.1971 година
- Ландсат 3, лансиран на 05.03.1978 година, а завршил со работа на 31.03.1973 година
- Ландсат 4, лансиран на 16.07.1982 година, а престанал со работа 1993 година
- Ландсат 5, лансиран на 01.03.1984 година, а престанал со работа 2013 година
- Ландсат 6, лансиран во 1993 година, меѓутоа не успеал да се искачи до орбитата
- Ландсат 7, лансиран во 1999 година, сеуште функционира, но со неколку помали дефекти
- Ландсат 8, лансиран на 11.02.2013 година
Снимките на Ландсат се составени од неколку различни спектрални канали, при што секој канал претставува одреден регион на електромагнетниот спектар. За да се користат овие спектрални комбинации, мора да се познаваат нивните карактеристики:
- Спектрален канал 1 (0,45-0,52 µm, сино-зелено), бидејќи оваа кратка бранова должина навлегува подобро од останатите спектри, каналот 1 често се користи за водни екосистеми. Се користи за мониторинг на седиментите во водата, картирање на коралните гребени и согледување на длабочината на водата. Меѓутоа, овој спектрален опфат има најголем шум и затоа се избегнува за добивање на убави слики.
- Спектрален канал 2 (0,52-0,60 µm, зелена), има слични карактеристики со каналот 1 и особено ги нагласува зелените бои на вегетацијата.
- Спектрален канал 3 (0,63-0,69 µm, црвена) е доста важен бидејќи вегетацијата речиси целосно ја апсорбира црвената севтлина. Овој канал може да биде корисен за разликување помеѓу вегетацијата и почвата и при мониторинг на состојбата на вегетацијата.
- Спектрален канал 4 (0,76-0,90 µm, блиску инфрацрвено), со оглед на тоа што водата речиси целосно го апсорбира ваквото зрачење, водните тела на овој канал изгледаат многу темни, затоа овој канал е корисен за издвојување на водните од копнените површини.
- Спектрален канал 5 (1,55-1,75 µm, средно инфрацрвен). Овој канал е многу осетлив на влагата, се користи за мониторинг на вегетацијата и на влажноста на почвата. Исто така, е добар за диференцијација на облаците и снегот.
- Спектрален канал 6 (10,40-12,50 µm, термално инфрацрвен). Ова е термален канал, што значи дека се користи за приказ на површинската температура. Најчесто е добар за геолошки апликации, потоа за разделување на облаците од светлите почви и друго. Инаку, единствено овој канал има резолуција од 60 метри.
- Спектрален канал 7 (2,08-2,35 µm, средно инфрацрвен). Овој канал е корисен за приказ на содржината на влага во вегетацијата, слично на каналот 5, како и за педолошко и геолошко картирање.
- Спектрален канал 8 се нарекува уште панхроматски. Неговата резолуција е двојно подобра од останатите канали и изнесува 15 метри.
Од претходно наведеното, произлегува дека спектралните канали можат да се користат за следните намени:
- Канал 1: картирање на прибрежната вода, раздвојување на почвата и вегетацијата, класификација на шумите и идентификација на антропогени структури.
- Канал 2: раздвојување на вегетацијата и мониторинг на нејзината состојба, идентификација на антропогени структури.
- Канал 3: идентификација на растителни видови и на антропогени објекти.
- Канал 4: мониторинг на почвената влага, мониторинг на вегетацијата, издвојување на водени тела.
- Канал 5: мониторинг на содржината на влага во вегетацијата.
- Канал 6: површинска температура, мониторинг на вегетацијата, потоа на влага во почвата, издвојување на облаците и следење на вулканската активност.
- Канал 7: раздвојување на минералите и карпите, утврдување на содржина на влага во вегетацијата.
Спектралните канали сами за себе неможат да дадат некоја подетална информација. Затоа се користи комбинација од повеќе канали. Меѓу нив најпознати се:
- Реално колорен композитен приказ (3,2,1). Овој приказ приближно одговара на погледот на човечкото око па според тоа снимките се слични со она што би го виделе на обична фотографија. Реално колорните снимки се со помал контраст отколку нормалните снимки, што е како резултат на значителната рефлексија и отстапување кај синиот спектар. Комбинацијата се користи најчесто за анализа на подводни карактеристики и на покровноста на земјиштето.
- Близу инфрацрвени композитни снимки (4,3,2). Со додавање на блиску инфрацрвениот канал и отфрлање на синиот канал се добива блиску инфрацрвена композитна снимка. Најголема апликација, оваа комбинација има во однос на утврдување на состојбата, типот и распростанетоста на вегетацијата. Водата е речиси црна, поради големата апсорбција на црвениот и блиску инфрацрвениот спектар.
- Краткобранова инфрацрвена композитна снимка (7,4,3 или 7,4,2). Овој тип на комбинации се особено погодни за утврдување на почвениот тип, пореметување на почвите, детекција на различни промени и на елементи на вегетацијата.
Landsat 1 (1,2,3) снимка од 24.04.1975 година
Landsat 7 ETM+ (1,2,5) снимка од 2006 година
Првите сателитски снимки за територијата на Македонија од мисијата Ландсат се од далечната 1975 година (МСС). Поради речиси 40-годишната серија на повеќеканални сателитски снимки со кои е опфатена и нашата држава, може да се врши споредба и детална анализа на просторните промени за целиот период (промени на вегетацијата, урбаното ширење, изградба на поголеми објекти и др.).
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6511 пати!